Европа
Столенберг: Немаме никакви информации што укажуваат на намерен руски напад врз Романија
НАТО нема никакви индикации дека остатоците од беспилотни летала пронајдени на територијата на Романија биле предизвикани од намерен руски напад врз Романија, изјави шефот на алијансата, Јанс Столенберг.
Украина во понеделникот соопшти дека дронови слетале во Романија за време на руски воздушен напад во текот на ноќта врз украинското пристаниште преку реката Дунав. Нападите на локацијата се зголемија од јули кога Москва се откажа од договорот со кој де факто ја укина руската блокада на украинските пристаништа на Црното Море.
„Немаме никакви информации, кои укажуваат на намерен напад од страна на Русија и го чекаме исходот од истрагата што е во тек“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред пратениците на ЕУ.
Романските власти првично ги негираа украинските наводи, но министерот за одбрана, Ангел Тилвар, вчера рече дека делови од руско беспилотно летало паднале на романска територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британскиот суд денеска ќе донесе конечна одлука за Асанж
Британскиот суд денеска треба да донесе конечна одлука за тоа дали основачот на Викиликс, Џулијан Асанж треба да биде екстрадиран во Соединетите држави поради протекувањето на мноштво доверливи американски документи, што ќе биде кулминација на 13 години правни битки и притвор.
Двајца судии во Високиот суд во Лондон треба да одлучат дали ќе веруваат во гаранциите на САД дека Асанж нема да се соочи со смртна казна и дека може да се потпре на правото на слобода на говор од првиот амандман доколку биде обвинет за шпионажа во САД.
Адвокатскиот тим на Асанж вели дека постојат три опции, тој или би можел да биде во авион на пат преку Атлантикот во рок од 24 часа од пресудата, да биде ослободен од затвор или повторно да заглави во повеќемесечни правни битки.
Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски телеграми, најголемото нарушување на безбедноста од ваков вид во историјата на американската војска.
Во април 2010 година, тој објави доверливо видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во 2007 година во кој загинаа десетина луѓе во ирачкиот главен град Багдад, вклучувајќи и двајца новинари на Ројтерс.
Европа
Граничните процедури по брегзит ќе ја чинат Британија шест милијарди долари
Британската влада проценува дека по бројните одложувања ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по брегзит, објави денеска парламентарната комисија за финансии. Британците гласаа за напуштање на ЕУ во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да функционираат синџирите на снабдување.
Првата фаза, која опфаќа воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата.
Третата, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август. Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на овие мерки во иднина.
Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од крајот на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година, соопшти комисијата.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.