Македонија
(Видео) Тренчевска: Општина Делчево добива нова градинка со капацитет за 130 деца, потпишан договорот за нејзина изградба
Во просториите на Општина Делчево, денес, се потпиша договор за изградба на нова детска градинка помеѓу Министерството за труд и социјална политика, претставувано од министерката Јованка Тренчевска и Општина Делчево од страна на градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, и изведувачот, кој е задолжен да ја изгради.
По тој повод, министерката Тренчевска во изјава за медиумите изрази огромно задоволство од потпишувањето ваков договор, кој ќе значи влез на нови 130 деца во предучилишниот процес.
„Станува збор за изградба на современа градинка, која ќе биде ефикасна како во поглед на енергетските трошоци и нејзиното одржување така и во поглед на извршување на нејзината функција, а тоа е да обезбеди соодветен безбеден простор за престој на децата, каде што ќе учат и ќе развиваат нови животни вештини,“ истакна министерката.
Изградбата на новата детска градинка е дел од програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување објекти за детска заштита за 2023 година.
Се работи за двегодишен проект со вредност од речиси 60 милиони денари со ДДВ, каде што во најголем дел учествува Министерството за труд и социјална политика, а во одреден дел и Општина Делчево.
„Ова е уште една потврда за тоа колку е значајна соработката помеѓу централната и локалната власт. Општината најдобро ги знае потребите на своите жители и кога таа ги адресира нивните потреби, доаѓа до реализација на проекти од кои директна придобивка имаат граѓаните“, посочи Тренчевска.
Градоначалникот Горан Трајковски изрази благодарност за досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика и по тој повод ѝ додели на министерката Тренчевска плакета.
„Нема поубав подарок за своите сограѓани од реализацијата на нов капитален проект за граѓаните, особено кога се работи за најмалите и за младите родители. На овој убав ден, кога Делчево одбележува 79 години од ослободувањето, го потпишавме договорот за изградба на новата детска градинка во населбата Расадник. Новата градинка ќе биде современ, уникатен објект, кој ќе го краси Делчево, а неговата намена – да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст со капацитет од 350 дечиња, ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка. Ова е инвестиција во раниот детски развој, вредна 60 милиони денари“, истакна Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

