Економија
Бесими: Со прераспределба во буџетот обезбедуваме повисоки плати, пензии, субвенции, инвестиции и нов пакет антикризни мерки
Повисоки плати за 10 % во целата јавна администрација, како и исплата на К15, повисоки пензии за пензионерите, повеќе средства за социјална помош, средства за набавка на лекови, субвенции за земјоделците, дополнителна поддршка за фирмите, како и нов деветти пакет антикризни мерки обезбедуваме со предлог-одлуката за прераспределба на буџетот во 2023 година, што денеска беше усвоена на седница на Владата и ќе биде доставена до Собранието на усвојување.
Ова го соопшти министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска, на прес-конференција, на која истакна дека средствата за овие цели се обезбедуваат преку реалокација и дека тоа се прави со одлука за прераспределба, а не со ребаланс на буџетот од причина што до крајот на годината се очекува во ист номинален износ реализација на приходната и расходната страна во согласност со проектираното во буџетот за 2023 година.
„Пристапивме кон овие реалокации на средства, главно во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачувањето на платите во јавниот сектор, К15, пензиите, социјалните трансфери, субвенциите за земјоделците, деветтиот пакет антикризни мерки. Нашата цел е поддршка за граѓаните за што е можно повеќе да ги олесниме ценовните притисоци. Воедно, ја задржуваме развојната компонента на буџетот, со повисоко ниво планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. Исто така, се реалоцираат дополнителни средства за поддршка на компаниите, како странски така и домашни“, истакна министерот и додаде дека стратегијата е заздравување на економијата, пред сè, заштита на стандардот на граѓаните, а понатаму и забрзување на растот.
Потребните приспособувања во буџетот, како што рече министерот, се направени преку реалокација на средствата од позиции каде што има послаба динамика и каде што процесите дозволуваат да се направат прераспределби кон позиции каде што се преземени обврски. Притоа потенцира дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно во согласност со златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.
Со предлог-одлуката, како што образложи, се обезбедуваат 4,25 милијарди денари дополнителни за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 10 % и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за пораст на пензиите за речиси 6 % за 336 илјади пензионери почнувајќи од септември 2023 година, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход, 800 милиони денари наменети за земјоделски субвенции, пред сè, за субвенции за млеко, сточарско производство, како и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство. Исто така, обезбедени се 110 милиони денари за справување со африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „трикафта“ за 55 пациенти, 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење шеќерна болест, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод и печатење и откуп на учебници за основно и средно образование. Обезбедени се 290 милиони денари за исплата на студентски оброк за 29.000 корисници, за 6.900 стипендисти студенти и за 9.600 ученици стипендисти, 650 милиони денари за исплата на „Мој ДДВ“ за третиот квартал заради зголемувањето на лимитот на повратот, а со Предлог одлуката се направени и дополнителни алокации за државна помош за компании во износ од 1,081 милијарди денари, и тоа за домашни компании 581 милиони денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ 300 милиони денари.
Бесими потенцира дека со Предлог-одлуката се обезбедени средства за реализација на мерки од деветтиот пакет антикризни мерки, во рамки на предвидените средства во износ од 4,55 милијарди денари во програмата П1.
Дополнителните средства, како што посочи министерот, се обезбедени, а притоа буџетскиот дефицит останува ист непроменет во номинален износ, со што се докажува посветеноста кон постепена фискална консолидација. Исто така, со оваа прераспределба е зачувано златното правило во финансиите, односно капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит и дека нема да се отфрли ниту еден капитален проект.
Вкупните прераспределби со одлуката се во износ од 18,2 милијарди денари, кои се обезбедени со заштеди секаде каде тоа непречено одвивање на процесите го дозволуваат, зголемена наплата на придонеси, како и кратење од позиции, каде што има послаба динамика на реализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“, со што двата рударски комплекса и официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор, што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG-принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со доставувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од „Бучим“ истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси, ниту врз редовното извршување на обврските.
„Присоединувањето на ‘Боров Дол’ кон ‘Бучим’ ни овозможува да работиме како единствен систем во рамките на нашата групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот“, изјави Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“.
Со новата интегрирана структура рудникот „Бучим“ продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.
Економија
Министерството за финасии: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5 отсто, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.

