Свет
(Видео) Мароко пргласи тридневна жалост: Маракеш срамнет со земја, семејства под урнатините, болниците полни

Мароко прогласи тридневна национална жалост по разорниот земјотрес во којшто загинаа повеќе од илјада луѓе.
Националните знамиња ќе бидат на половина копје во текот на целиот период на жалост, се вели во соопштението на кралската палата, еден ден по земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтер, пренесе Ројтерс.
Вооружените сили ќе распоредат спасувачки тимови за да обезбедат вода за пиење, храна, шатори и ќебиња во погодените области, се вели во соопштението.
Најголем дел од штетите и жртвите се во тешко достапни планински области, а повредените се пренесени во болници на лекување, пренесе „АП“.
Fortissima scossa di terremoto in #Marocco 🇲🇦
Marrakech risulta attualmente al buio. Le prime immagini mostrano muri crollati e danni nella medina, persone in fuga e crepe anche in alcune strade; vistose crepe si sono aperte anche nella parte nuova della città. pic.twitter.com/fdUBkD6BT6— Luigi Basemi 🏅 (@LBasemi) September 9, 2023
Повеќе од 300.000 луѓе беа погодени од синоќешниот земјотрес, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA). Организацијата додаде дека „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека тимот распоредува поддршка за своите партнери во Мароко.
„Владините власти ги предводат напорите за одговор, вклучително пребарување и спасување и медицинска поддршка, вклучително и мароканската Црвена полумесечина“, се додава во соопштението.
Првите извештаи на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека повеќе од 300.000 цивили во Маракеш и неговите предградија биле погодени од земјотресот.
Многу семејства сè уште се заробени под купишта урнатини, а болниците во градот примија голем број повредени лица, додава OCHA. Обединетите нации се во „постојана комуникација“ со локалните власти и во тек се консултации за да се идентификуваат областите каде што ОН и нивните партнери можат да обезбедат поддршка во наредните часови и денови, се вели во соопштението.
Рурален град во Мароко е уништен во синоќешниот земјотрес. Адасил во провинцијата Чичау во регионот Маракеш-Сафи претрпе значително уништување, при што неколку згради се урнаа.
Земјотресот се случи во планинскиот венец во Мароко, нешто по 23 часот во петокот по локално време, на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш.
Бројот на загинати во земјотресот се искачи на 1.037, а повредени се уште најмалку 1.200 луѓе, јави Асошиејтед прес.
Соопштено е дека најголема штета и загинатите има во тешко достапни планински области, а повредените се пренесени на лекување во болници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека „суштината на обоената револуција“ е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тој да биде „неспособен претседател кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија“, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да можат да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија, одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека од друга страна напредува побрзо од другите, „што никому не му одговара“.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа, бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател кој би клекнал на колена пред сите оние кои не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се „водачи на блокади“, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја, наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви кои ја сакаат Србија, но не можат да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Свет
(Видео) „Летечки Чернобил“ во акција: Русите активираат иновативни крстосувачки ракети на нуклеарен погон, Американците внимателно ја следат ситуацијата

Русија, според сателитските снимки и зголемената активност на тест-полигонот „Арктик Панково“ во архипелагот Новаја Земја, веројатно се подготвува за уште еден тест на крстосувачката ракета со нуклеарен погон „Буревјешник“, која американските претставници ја нарекуваат „Летечки Чернобил“.
Ова оружје го претстави рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година како дел од новата генерација стратешко оружје.
Како дополнителен знак дека тестот се приближува американските воздухопловни сили го распоредија својот специјализиран авион WC-135R Constant Phoenix, кој е дизајниран да детектира радиоактивни честички во атмосферата.
Имено, според податоците од FlightRadar, авионот со оружје полетал од базата на RAF, Милденхол, во Велика Британија и поминал приближно 14 часа над Баренцовото Море, во близина на Мурманск и западно од Новаја Земја. Американските разузнавачки служби проценуваат дека од октомври 2023 година Русија извршила 13 тест-лета на „Буревјешник“, без да постигне одржлив успех. Најдолгиот регистриран тест траел две минути и поминал помалку од 35 километри, објавува „Вечерњи лист“.
За време на тестот во 2019 година ракетата се урна во Баренцовото Море, а за време на спасувачката мисија се случи експлозија, во која животот го загубија седум лица, вклучувајќи експерти од нуклеарниот центар „Саров“, пишува United24media.
Облакот од радиоактивни честички се прошири до градот Северодвинск, а подоцна беше откриен во делови од Скандинавија. Понатаму, во 2020 година специјалниот претставник на САД за контрола на оружјето, Маршал Билингсли, во Сенатот ја повика Москва да го запре развојот на проектот предупредувајќи на еколошките ризици бидејќи нуклеарната централа може да ослободи радиоактивен материјал за време на летот и да ги контаминира местата на падот.
Во октомври 2023 година Путин изјави дека последниот тест е успешен и додаде дека развојот на „Буревјешник“ е речиси завршен.
Ракетата треба да има неограничен дострел и нуклеарен погон, што би ѝ овозможило да комбинира стратешки дострел со нуклеарен товар. Сепак, повторените неуспеси и безбедносните проблеми предизвикаа меѓународни дебати за одржливоста и за опасностите од ова оружје.
Уште во 2020 година, тогашниот претставник на САД за контрола на оружјето, Маршал Билингсли, ја повика Русија да го запре развојот на ракетата предупредувајќи на огромни еколошки ризици. Тој нагласи дека нуклеарната централа може да ослободи радиоактивен материјал за време на летот и да ги контаминира областите за слетување.
За разлика од стандардните крстосувачки ракети, кои се напојуваат со млазни мотори, ракетата користи нуклеарен реактор за погон и треба да стане првата оперативна ракета од ваков вид. САД го истражуваа концептот на ракети на нуклеарен погон во 50-тите и од 60-тите како дел од проектот „Плутон“, но сите беа откажани поради загриженост за опасноста што системот би ја претставувал за американското население.
Напредниот погонски систем на „Буревјешник“ и речиси неограничениот дострел би можеле да ѝ овозможат на Русија да ја користи ракетата на радикално нови начини. Директорот на одбранбената разузнавачка служба на Велика Британија, генерал Џејмс Хокенхал, им рече на новинарите во 2020 година дека Москва тестира систем на крстосувачки ракети на нуклеарен погон со „глобален дострел, што му овозможува да напаѓа од неочекувани насоки“ и „речиси неограничено време на крстарење“. Ова значи дека ракетата би можела да орбитира околу одредена цел долго време пред ударот, потенцијално дури и да орбитира околу целата Земја, објавува „Фајненшл тајмс“.
Пред неколку дена Русија привремено го затвори воздушниот простор над полигонот Капустин Јар, а по повлекувањето од договорот за ИНФ, Дмитриј Медведев најави дека ќе следуваат понатамошни чекори.
Фото: принтскрин