Топ
22-годишник донесен мртов во тетовската болница, изгубил контрола врз трактор и се превртел

Вчера, околу 13.50 часот, во тетовската Клиничка болница бил донесен починат 22-годишниот Ф. М. од тетовски Порој, извести СВР Тетово.
„Според утврденото во увидот, Ф. М. со уште четири други лица од истото село се превезувале со трактор ‘имт 539’, со тетовски регистарски ознаки, што тој го управувал. На земјен пат во месноста Плоче во атарот на Порој тој изгубил контрола по што тракторот се превртел, од добиените повреди Ф. М. починал на самото место, а повреди добил и еден малолетник, кој исто така бил на тракторот“, соопшти СВР Тетово.
Увид извршиле екипа од СВР Тетово и јавен обвинител по чија наредба телото на Ф. М. било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителите го прашуваат таткото на Вања зошто бил невработен и каков ученик бил: „Со Шекеринска бевме првенци на генерација“

Во судот сведочи денес Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, кој одговара на прашањата на обвинителите.
Во испитувањето се осврнаа на неговата долгогодишна невработеност, на што тој вели дека неговата сопруга Зорица работела оти платата ѝ била поголема додека тој се грижел за децата.
Тој беше и прашан каков ученик бил на што одговори: До петто одделение учев со Радмила Шеќеринска со која бевме првенци на генерација. Сакаа да ни ги сецираат мозоците за да видат што имаме во главите. Потоа во тинејџерските денови попуштив со учењето. Ме запиша татко ми во средно економско училиште, за полесно да ме вработел”, сведочеше таткото на Вања.
Обвинителството со прашањата се обидува да го дискредитира Ѓорчевски за да докаже дека учествувал во заговорот да ѝ се бараат пари на мајката на Вања за откуп.
Обвинетите Манев, Видевски и Кешишев во сведочењата претходно рекоа дека не го познавале Александар Ѓорчевски и ја отфрлија неговата поврзаност во счучајот со грабнувањето и убиството на неговата ќерка. На претходното рочиште и Ѓорчевски рече дека не ги познава, и мижи со очите кога сведочат оти повеќе не може да ги гледа и слуша како раскажуваат што му направиле на неговото дете.
Македонија
„Пред велигденските празници ќе бидат достапни сите лекови за онколошките пациенти во количини за наредните 12 месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС повторно шири лаги и манипулации. СДС се препознатливи единствено по неговата навика да користи чувствителни теми за да го има во медиумскиот простор, дури и по цена да бараат тема таму каде што нема“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Лекови за сите онколошки болни пациенти ќе има. Како што веќе објаснија од надлежните институции, моменталниот недостаток на дел од терапијата за онколошките пациенти е поради промени во системот за јавни набавки и за недела дена, односно пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци.
Оттука го повикуваме СДС да престане да шири паника, лаги и манипулации.
Исто така, потсетуваме дека СДС е партија која ја води Венко Филипче, кој порано бил министер за здравство и кој е директно одговорен за наследената лоша состојбата во македонското здравство.
Кога сме кај грижата на СДС, токму за ваквите пациенти болни од рак, само ќе повториме дека СДС е партија во чие време на владеење на онколошките пациенти наместо терапија им се даваше физиолошки раствор, а скапата терапија завршуваше на црниот пазар“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Алијансата го исклучи од партијата директорот на Геријатрија, кој барал мито за да смести неподвижно лице

Алијансата за Албанците го исклучи од партијата Мухсин Арифи, кој е осомничен дека зел мито за да смести неподвижно лице.
Од партијата на министерот за здравство Арбен Тараври информираа дека нивниот етички кодекс бара политичките претставници да имаат високи стандарди на морален, правен и професионален интегритет, а членовите на раководните структури да постапуваат во согласност со законот, програмата и статутот на партијата избегнувајќи лични финансиски или материјални придобивки.
Арифи е разрешен и од функцијата претседател на разгранокот во Сарај до донесување конечна одлука од страна на надлежниот суд.
Мухсин Арифи, според истрагата, знаел дека пациентот што требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот рекол дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан што го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да го смести болното лице во болницата.