Свет
„Фајненшл тајмс“: НАТО ја подготвува најголемата воена вежба од Студената војна, ќе ја симулира руската инвазија
НАТО планира в година да ја одржи својата најголема вежба од Студената војна, пишува „Фајненшл тајмс“.
На вежбата треба да учествуваат повеќе од 40.000 војници, кои ќе вежбаат одбрана од руска агресија против една од нејзините земји членки. Вежбата Steadfast Defender доаѓа како дел од брзиот притисок на НАТО да се трансформира во вистински воен сојуз, поттикнат од инвазијата на Украина.
Вежбата ќе почне напролет в година и се очекува да вклучи меѓу 500 и 700 воздушни борбени мисии, повеќе од 50 брода и околу 41.000 војници, соопштија претставници на НАТО.
Шведска, чија кандидатура за членство во НАТО допрва треба да биде ратификувана од Турција и Унгарија, исто така ќе биде вклучена, со што вкупниот број на земји ќе достигне 32. Вежбата ќе се одржи во Германија, Полска и на Балтикот во февруари и март и е дел од новата стратегија за обука со која воената алијанса ќе спроведува две големи вежби секоја година наместо една, пишува „Фајненшл тајмс“.
НАТО исто така ќе тренира за борба против терористичките закани надвор од неговите непосредни граници. Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, минатиот јуни објави дека алијансата ќе го зголеми бројот на своите сили за висока готовност од 40.000 на над 300.000.
Тоа е дел од историскиот ремонт за придвижување на алијансата кон тешки воени способности наспроти лесните и мобилните сили распоредени на Балканот и во Авганистан. По таа изјава, лидерите на НАТО на самитот во Вилнус во јули се согласија со новите регионални одбранбени планови и создавањето на таканаречените сојузнички сили за одговор, мултинационални сили способни бргу да реагираат на заканите.
Балтичките земји беа особено гласни во повикот НАТО да го зајакне своето источно крило додека војниците се собираат на границата со Белорусија. Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на јули изјави дека нуклеарното оружје ќе биде преместено во Белорусија, иако нивното присуство сè уште не е потврдено.
НАТО распореди мултинационални баталјони во балтичките земји за да го забави напредокот на кој било агресор во случај на инвазија. Вежбите исто така се сметаат за клучен дел за демонстрирање на Москва дека алијансата е подготвена да се бори, објаснија претставници на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

