Македонија
И со намален број обвинители и недоволно финансиски средства обвинителствата биле ефикасни, покажал годишниот извештај
Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година го анализира обемот на работа на обвинителствата, кои и со намалени човечки ресурси, но со добра организација, не само што го совладаа приливот на нови предмети туку го намалија и остатокот на нерешените.
Така, во извештајната година биле примени пријави против 19.934 познати сторители на кривични дела и заедно со пренесените 13.421 незавршени предмети од 2021 година јавните обвинители постапувале по вкупно 33.355 предмети против познати сторители, покажува годишниот извештај, кој беше доставен до Собраниетo.
Овие податоци покажуваат дека секој јавен обвинител во Основно јавно обвинителство во текот на годината просечно работел на речиси 192 предмета. Оваа бројка во одредени обвинителства, со оглед на нивната надлежност, е и значително поголема.
Со значително намален број јавни обвинители, бидејќи не се пополнети една третина од систематизираните места за јавни обвинители, со нецелосно пополнета јавнообвинителска служба и недоволни финансиски средства за работа, обвинителствата и во 2022 година успеаја да го совладаат приливот на нови кривични пријави и да го намалат бројот на нерешени предмети.
Одлучувајќи по предметите, основните јавни обвинители поднеле обвинителни предлози против 4.829 (24,3 %) лица, предлози за казнен налог против 4.458 (22,5 %) лица, од донесените 1.397 наредби за спроведување истрага против 1.087 лица поднесени се обвинителни акти, предлог-спогодба во скратена постапка поднесена е против 114 (0,6 %) лица, против 849 (4,3 %) лица пријавите се решени на друг начин, а против 8.207 (41,3 %) лица пријавите се отфрлени врз основа на член 288 од Законот за кривичната постапка и од други причини. Покрај тоа, за 600 (60,7 %) деца поднесени се барања за подготвителна постапка, за 5 деца поднесен е директен предлог за санкција и за 353 деца (35,7 %) кривичните пријави се отфрлени.
Од надлежните судови биле донесени пресуди против вкупно 10.680 лица, од кои за 9.577 пресудите биле осудителни врз основа на поднесеното обвинение.
Во текот на целокупната постапка јавните обвинители се грижеа за почитување на правата и на оштетените, но и на осомничените и на обвинетите. Така, мерка притвор беше побарана само за 3,2 % од сторителите на кривични дела и само тогаш кога таа беше единствен начин за да се обезбеди натамошното непречено одвивање на кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

