Македонија
Маричиќ – Сарацин: Членството во ЕУ е извесно и не треба да се губи ни време ни оваа шанса
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, оствари средба со Мануел Сарацин, специјален претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, на која беше разговарано за пристапните преговори, уставните измени, реформите и извесноста на европската перспектива за регионот.
Докажаниот пријател на Северна Македонија и наш поддржувач за напредокот кон ЕУ, Мануел Сарацин, на состанокот јасно укажа дека членството во ЕУ е извесно и дека не треба да се губи ни време ни оваа шанса. Во таа насока Сарацин додаде дека активна е дебата во Европската Унија за идното проширување, која треба во следните месеци да даде конкретен план и временска рамка и порача дека треба бргу да се движиме кога станува збор за следниот чекор во процесот на преговорите и фаќање на брзата лента со земјите кандидатки што веќе преговараат.
Маричиќ рече Владата е целосно посветена на задржување на Северна Македонија на европскиот пат посочувајќи дека како држава имаме направено многу кога е во прашање патот кон ЕУ, но и дека клучниот период допрва доаѓа.
„Kако Влада фокусот го држиме на успешно завршување на обврските и ново приближување кон ЕУ, со цел да направиме уште повеќе во делот на реформи и со поголема брзина да влеземе во клучните години за европеизацијата на македонското општество“, рече Маричиќ на средбата.
На средбата уште еднаш беше потврдено дека Сојузна Република Германија останува посветена на европската перспектива на регионот и дека нејзината заложба е да останеме активни во пристапниот процес и без понатамошни компликации и одолжувања, ефикасно да ги завршиме преговорите со ЕУ.
Маричиќ се заблагодари што Германија е наш политички и економски партнер, како и сојузник во исполнувањето на реформската агенда и на стратешките цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

