Свет
333 милиони деца живеат во екстремна сиромаштија, пандемијата го запре напредокот
Пандемијата на Ковид-19 во голема мера ја забави борбата против сиромаштијата кај најмладите, а 333 милиони деца сè уште живеат во услови на екстремна сиромаштија, се вели во извештајот на УНИЦЕФ и Светската банка.
Агенцијата на ОН предупредува дека секое шесто дете во светот живее со помалку од 2,15 долара на ден и наведува дека 30 милиони деца би излегле од сиромаштија да не била пандемијата.
„Тешките кризи како резултат на Ковид-19, војните, климатските промени и економските шокови го запреа напредокот и оставија милиони деца во екстремна сиромаштија. Свет во кој 333 милиони деца живеат во екстремна сиромаштија, лишени не само од најосновните потреби, но и од достоинство, можности за живот и надеж, едноставно, е неприфатливо“, рече генералниот директор на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Екстремната сиромаштија погодува дури 40 отсто од децата во супсахарска Африка. Иако другите области во светот забележаа пад на детската сиромаштија во последните години, супсахарска Африка забележа голем пораст првенствено поради галопирачкиот демографски раст, пандемиите и катастрофите предизвикани од климатските промени.
Луис Фелипе Лопез-Калва, директор за сиромаштија и еднаквост на Светската банка, рече дека овие деца не смее да бидат напуштени.
„Ставањето крај на детската сиромаштија е политички избор“, рече Лопез-Калва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Писмо со сомнителен прав доставено до кабинетот на белгискиот премиер Де Кроа
Писмо во кое имало прашок од сомнителен состав утрово е доставено до кабинетот на белгискиот премиер Александар де Кроа, пренесоа белгиските медиуми.
Инцидентот го потврдија од Бриселската противпожарна бригада, кои соопштија дека едно лице кое дошло во контакт со писмото, превентивно било пренесено во болница.
На местото на настанот, покрај противпожарната бригада, се испратени и полиција и цивилна заштита, кои го однеле писмото на дополнителна анализа, пишува „Brasels tajms “.
Според извештаите, ова е трет пат оваа недела во Брисел да се најде писмо со сомнителен прав.
Во средата наутро сличен инцидент се случил во канцеларијата на Службата за државна безбедност, а уште еден сомнителен плик бил откриен во средата попладне во полицијата.
Во инцидентите немало последици од контаминација, а засега не се знае дали овие три случаи се поврзани, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ се огласи за штрајкот со глад на Весиќ: Министерот во оставка одбива храна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по посетата на штандовите на саемот за вино пред новинарите се изјасни за штрајкот со глад на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, Горан Весиќ.
Вучиќ рече дека му е жал поради тоа.
– Жал ми е поради тоа, ако можам на кој било начин да стапам во контакт со него, ќе го замолам да не го прави тоа. Тоа е се што можам да кажам – рече претседателот.
Српеските медиуми потсетуваат дека Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад.
Откако вчера излезе веста дека министерот во оставка Весиќ е меѓу 11-те уапсени за падот на настрешницата, тој на својот Фејсбук профил
објави:
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.
Секогаш, како и досега, ќе бидам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам никаква кривична одговорност за овие трагични настани.
Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“, рече тој.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.