Македонија
Врховниот суд: Донесувањето на законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди

Одделот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на денешната седница ги разгледа измените на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.188/23 од 07.09.2023 година. На денешната седница беа разгледани и измените во врска со злоупотребата на службената положба и овластување.
На седницата беше истакнато дека подготвувањето на законски измени кои имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведено низ транспарантен процес преку јавна дебата и стручна расправа.
„Во Врховниот суд од страна на Министерството за правда не беа доставени на мислење предметните измени на Кривичниот законик. Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени кои претставуваат прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби и во минатото немал забелешки за висината на казните за предметните кривични дела, ниту предложил нивно ублажување“, беше заклучено на денешната седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По Апасиев, Мециновиќ и Мојсоска, дали и Крмов бил сметководител на партијата Левица?

„Паднаа маските на Левица позади кои грчевито се обидуваа да се претстават кај народот како скромни и неподмитливи, додека од сметката на партијата испумпувале парични средства по разни основи и завршиле на личните трансакциски сметки кај тесното раководство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По Апасиев кој над 700 илјади денари ставил во сопствениот џеб од парите на партијата Левица, пари кои ги добива од граѓаните преку Буџетот на државата и Мојсоска која иако е пратеник само годинава од партијата инкасирала 3 пати по 54 000 денари.
Борислав Крмов пратеник кој се претставува како скромен и борец за правдата од една страна на собраниската говорница урла против патни трошоци а од другата испумпува парични средства од партијата Левица во сопствениот џеб.
Крмов, над 270 илјади денари од Левица пикнал во својот џеб. Дали сега и Крмов ќе тврди дека е сметководител во Левица? Дали тој знае дека таквата улога е противзаконска?
Паднаа маските на Левица, за Апасиев, Крмов, Мојсоска и Мециновиќ кои глумат лажна скромност. Левица додека ги напаѓаат пратениците за законски додатоци во исто време меѓусебно си делат партиски пари.
Левица се фатени на дело. Народот гледа и нема да дозволи да биде измалнипулиран од оние кои на говорница урлаат за чеснот а позади неа ги полнат сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Герасимовски чистеше со хигиеничарите на повеќе локации низ Центар: Се надевам дека градската власт ќе се свести

Синоќа, до доцна по полноќ, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со екипите на општинските хигиеничари го расчистуваа натрупаниот смет околу контејнерите во повеќе локации во Центар, откако ЈП „Комунална хигиена“ и Градот Скопје повторно потфрлија и го оставија цело Скопје, не само Центар затрупано во смет.
„Да не дозволиме сето она што не го прави комуналното претпријатие и неговата негрижа да остане проблем на граѓаните, ние сме тука за заедно да ги решаваме проблемите. А сега продолжуваме сите заедно да го чистиме Центар поради негрижата на градот“, изјави Герасимовски на терен.
Герасимовски посочи дека акцијата продолжува динамично, со цел што побрзо да се нормализира состојбата.
„Продолжуваме на следна локација, вечерва колку што ќе стигнеме да исчистиме, да ги наполниме контејнерите. Сабајле продолжуваме заедно со хигиеничарите да ги средуваме другите населби, една по една. Сите контејнери се полни, и на булеварите. Центарци нема каде да се паркираат, и паркинг местата ги узурпирале со смет. Се надевам дека градската власт ќе се свести и од утре ќе си ги преземе одговорностите и ќе ни го направи почист градот. Ако тие не го направат тоа, нашите служби повторно ќе ја завршат работата на градот“, додаде Герасимовски.
Општина Центар информира дека општинските хигиеничари и во текот на денешниот ден продолжуваат со расчистување на сметот во сите населби.
Македонија
„На точак“: Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума!

Под мотото „Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума“, „На точак“ ќе ја вози 92. Критична маса, која ќе се одржи в среда, со почеток во 17:30 часот.
Од Плоштад Македонија во 17:30 часот, ќе тргне 92-рата по ред Критична маса во Скопје и ќе се упати по предвидената рута низ Аеродром и околу центарот до Градски парк.
Критична маса е интернационален настан, собир на велосипедистите и заедничко возење кој веќе 33 години се случува во светот, а 13 години во Скопје. Поентата е преку бројноста, голема група заедно (т.е.доволна критична маса) фактички и симболички „да го пробие патот“ на улиците и до свеста на сограѓаните и донесувачите на одлуки.
Оваа Критична маса се случува во пресрет на локалните избори со јасна порака до кандидатите за градоначалници: да понудат план за градот во кој велосипедистите и пешаците се дел од решението, а не жртви на хаотичниот автоцентричен сообраќај. „На Точак“ бара планирање и изградба на поврзана велосипедска мрежа, слободни тротоари, распространета зона 30, како и вистински јавен простор за сите – деца, родители со бебешки колички, лица со попреченост, повозрасни граѓани.
Покрај тоа, се бараат и системски решенија: јавен превоз со посебни ленти, современ систем за изнајмување точаци, повеќе зелени зони и мерки кои ќе ја намалат зависноста од автомобилите. „Сообраќајната хиерархија мора да се промени. Во град за луѓе, пешачењето, возењето велосипед и користењето јавен превоз се висококвалитетни опции, а автомобилот не е господар на улиците“ велат од групата.
На „Критичната маса“ се очекуваат стотици граѓани кои со своето присуство ќе покажат дека Скопје може да биде поубаво и похумано место.
Организаторите потсетуваат: секој вози на своја одговорност, а најважно е заедничкото испраќање на порака – дека половичните мерки („лепенките“) веќе не помагаат, време е за потемелна промена во Скопје.
Според нив има 2 избори: или ќе се избере поквалитетен, поздрав, поактивен, позелен град, избор за кој се потребни многу храбри одлуки и на почеток непопуларни мерки, но куп продобивки на крајот.
Или ќе се избере полесниот пат, со продолжување на автоцентричното статус-кво, без суштински промени, со презентирање некакви „лепенки“ дека нешто сработиле ситно тука и таму, со автомобили по тротоари, неразвиен јавен и велосипедски превоз, и лишување од сите придобивки.
„Ние го бираме првото и во тоа име и сите придобивки од вело-пријателскиот град Ве повикуваме да ни се придружите со своите велосипеди на Критична маса #92. Ѕрн – ѕрн!“