Култура
Разрешената директорка на Филхармонијата: Ова се случи оти застанав на страната на колективот

Довчерашната директорка на Филхармонијата, Тина Иванова, по повод нејзиното разрешување од работната функција директор вели дека тоа се случило бидејќи застанала на страната на колективот, а не поради несовесно работење.
„Разрешена сум вчера, а не пролетоска, кога оркестарот на Филхармонијата и вработените го изразуваа револтот затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет сè до вчера ги испраќаше во Филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да ѝ го испорачаат од неа бараниот материјал и истите тие лица не утврдија никакви неправилности и во моето и во работењето на институцијата. Се редеа: Трудовата инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документацијата, група административни службеници, вработени во Министерството за култура, станаа редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколкупати за да ископаат работи што не постојат, единствено затоа што немаше, а и сè уште нема храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност“, вели Иванова.
Како што додаде, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој што е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста.
Со ова разрешување, вели Иванова, и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира, актуелната министерка, само потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страната на мојот колектив, го направив вистинскиот потег.
Рече дека по месеци буквално тортура врз неа и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, на некој начин разрешувањето ѝ претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за нејзиниот урбан културолошки карактер.
„На новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посакувам успешна сезона, на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им праќам силна поддршка да истраат во оваа борба со ветерници затоа што, како што во многу наврати сме дискутирале, ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија“, вели Иванова.
Филхармонијата во повеќе наврати протестира пред Владата и Министерството за култура по одлуката џез-оркестарот привремено да биде сместен во оваа институција. Пред два дена беше објавено дека ќе се уредува нов простор за џез-оркестарот, а потоа директорката на Филхармонијата беше разрешена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.