Македонија
Левица: Запрената истрага за екс директорката на Онкологија е доказ за непостапувањето на правосудните органи

Откако Левица побара одговор за кривичната истрага против поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенкова, која во 2011 година нанела штета на Фондот за здравство во висина од 350.000 евра – Јавното обвинителство одговори дека надлежниот обвинител после 4 години се откажал од кривично гонење, бидејќи делото кое ѝ се става на товар не било кривично дело кое се гони по службена должност, реагираат од оваа партија.
Во 2012 година, како што појаснуваат, МВР поднесува пријава за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, врз основа на утврдени неправилности, констатирани од извршената контрола на Клиниката за Онкологија од страна на овластени лица од ФЗОМ, како и по извршениот надзор од страна на одделението за внатрешна ревизија при Министерството.
„Понатаму, делото кое ѝ се ставало на товар на поранешната директорка се преиначува во „Несовесно работење во службата“.
Иако согласно закон, двете кривични дела се водат по службена должност, сепак обвинителот до истражниот судија, после четиригодишна истрага, доставува допис дека се откажува од гонење со образложение дека делото не се гонело по службена должност, кој допис пак, судот го прифаќа и ја запира истрагата.
И покрај релевантните докази против неа, потпомогната од правосудните органи, поранешната директорка, која уште работи на Клиниката, не се соочува со правдата и на тој начин се дозволува криминалот во постапката за набавка на лекови на Клиниката за онкологија да се продолжи до ден денес“, истакнуваат од Левица.
Оценуваат дека зад уништувањето на здравствениот систем во Македонија стојат лица, имиња и презимиња, почнувајќи од поранешниот министер Венко Филипче – кои треба да ѝ се познати на јавноста и кои треба да одговараат за нивното соучесништво и профитирање на грбот на оние кои се борат за живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Божиновска: Вратите на Министерството се отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.
Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.
„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина“, истакна министерката Божиновска.
Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.
По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.
„Вашиот глас е важен – вие сте идните двигатели на енергетскиот и индустрискиот развој, а наша задача е да ви дадеме простор да растете и да создавате“, порача Божиновска.
Министерката Божиновска изрази посебно задоволство од фактот што на Машинскиот факултет сè поголем број девојки ја гледаат својата иднина и избираат инженерски насоки. Таа нагласи дека токму ваквите примери се доказ дека стереотипите во образованието и професиите се надминуваат, а младите жени се сè поактивни во областа на технологијата и енергетиката. „Посебно ме радува што сè повеќе девојки одлучуваат да станат дел од машинството и енергетиката – тоа е силен сигнал дека иднината е во рацете на нови генерации кои ќе внесат свежа енергија и еднакви перспективи“, истакна министерката.
Со овој Меморандум, Министерството и Машинскиот факултет отвораат ново поглавје во заедничката соработка, кое треба да резултира со силна поддршка на образованието, иновациите и одржливиот развој во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доследно ја гради својата соработка со академската заедница, бидејќи токму вложувањето во младите кадри е најважна и само со ваков ангажман можеме да ги задржиме младите инженери во земјата и да ја изградиме новата генерација експерти што ќе ја движи енергетиката напред.
Освен меморандум со Машинскиот факултет, Министерството веќе има воспоставено партнерство и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преку овие соработки се создаваат услови студентите да добијат повеќе практични знаења, можности за истражувања и директно вклучување во развојни проекти.
Македонија
„СДС и Филипче повторно тргуваат со националните интереси, ново пазарење со Бугарија по моделот на францускиот предлог“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и Филипче пак се пазарат со Бугарија, еднаш веќе подметнаа француски предлог, сега повторно се пазарат на штета на македонските интереси. СДС и Филипче повторно виткаат кичма пред Бугарија, и испраќаат сигнали до Софија дека се спремни да направат се, само да дојдат до власт и Филипче да си ја задржи фотелјата на Бихачка“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче овој пат како параван за предавството, ја користат резолуцијата со „црвени линии“ на штета на македонските државни интереси.
Резолуцијата со црвени линии на СДС и Филипче не е патриотски чин за Македонија таа е маска позади која се преговара, пазари и дополнително се потчинува и понижува Македонија.
Филипче да каже на јавноста што договорил во четири очи со Бугарија?
Филипче да одговори на јавноста што ветил на Софија, за што се испазарил и која е цената што Македонија ќе ја плати?
Филипче да каже дали по стапките на неговиот ментор Заев сега тој ја превзема улогата да ја заврши работата што ја започнаа Бујар Османи и Заев за да ги распродаваат државните интереси?
Народот памети и нема да дозволи да биде изигран. Народот ги препознава игрите на СДС и Филипче за потчинување на Македонија и македонските позиции. Токму затоа СДС и Филипче на овие избори ќе доживеат огромен пораз.
Доколку Филипче е искрен во намерите тогаш би ги поддржал позициите на Владата а не да се пазари и да се обидува политички да профитира на штета на националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ останува да ги штити македонските национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Македонија да биде понижена и уценувана. Време е да се направи Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Забрана за камиони на регионалниот пат Дебар – Маврово

Од 06:50 часот поради врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на товарни моторни возила на регионалниот пат Дебар – Маврово, извести АМСМ.
Од 06:45 часот сообраќајот на патниот правец село Живалево – село Туралево е нормализиран.