Македонија
Превентивни активности на МВР за заштита од имотни деликти, за превенирање инциденти на спортски натпревари

Полициски службеници од секторите за внатрешни работи Тетово и Штип во текот на вчерашниот ден реализираа низа превентивни активности од области важни за локалната заедница и, генерално, од општ јавен интерес, извести МВР.
Така, на подрачјето на СВР Тетово беше спроведена активност за превенција од имотни деликти (кражби и измами) со посебен акцент на информирање на граѓаните за начините за заштита од имотни деликти и за неопходноста од благовремена комуникација со полицијата за побрзо расчистување на случаите, велат од МВР.
На подрачјето пак, на СВР Штип, Отсекот за превенција при СВР Штип пред спортската сала на ОУ „Тошо Арсов“ и Градскиот стадион во Штип спроведе превентивна активност во рамките на проектот „Да навиваме спортски и безбедно“. Во текот на активностите беа поделени и летоци со едукативна содржина, а на граѓаните им беше укажано дека не смее да се истакнуваат транспаренти, знамиња и други предмети со текст или слики што поттикнуваат омраза и насилство и дека за својот клуб треба да се навива спортски. На граѓаните им беа презентирани и основните законски одредби за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
„Граѓаните да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши“: Тошковски во посета на Отсекот за оружје – Скопје и ОВР Гевгелија

Во рамки на денешните активности, министерот за внатрешни работи, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари посета на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје и на ОВР Гевгелија, при што одблиску изврши увид во тековното работење.
Посебно беше истакнато дека граѓаните од скопскиот регион, во споредба со останатите делови од државата, нешто подолго чекаат за издавање на одобренија и дозволи за оружје. Но, благодарение на соработката со судската власт, од денес е овозможена и електронска проверка во прекршочната евиденција на судовите. До вработените се дадени насоки во најкраток рок, хронолошки, да ги завршат сите преостанати проверки за лицата и да ги известат граѓаните за текот на постапките.
„Како резултат на макотрпната работа во изминатиот период, само оваа година низ државата се разгледани речиси 8.000 предмети – и од заостанатите од изминатите години и од новопристигнатите електронски барања. За споредба, она што е реализирано досега во 2025 година е четири пати повеќе од годишниот просек до 2023 година. Со новиот начин на работа се искоренува корупцијата во оваа област, која за жал беше многу изразена. Во таа насока, министерот апелира до сите граѓани да пријават доколку некој побара награда за службено дејствие кое е обврска да се изврши.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во претстојниот период ќе се работи на надградба на дигиталната апликација, со што граѓаните ќе можат дел од доказите електронски да ги прикачат кон барањето, а единствено ќе биде потребно лично присуство само при подигнувањето на одобрението.
Министерот оствари работна посета и на ОВР Гевгелија, каде што со раководството разговараше за безбедносната состојба во регионот, кој е јужната порта на нашата земја и низ кој секое лето минуваат илјадници туристи.
Констатирано е дека безбедносната состојба е стабилна и дека во изминатиот период е забележано подобрување во речиси сите области на полициското работење.
„Цврсто верувам дека вистинската сила на полицијата лежи во партнерството, во блиската соработка со локалните структури и со самите граѓани. Само така можеме заеднички да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите“, истакна министерот.