Македонија
Демократското движење: Додека граѓаните секојдневно ја напуштаат државата, власта продолжува да ги толерира извршителите, кои безмилосно ги пљачкаат граѓаните
„Насобраните долгови и казнените камати ги постави извршителите во позиција едноставно да ги пљачкаат граѓаните, правејќи ги вечни должници. Блокирањето на трансакциските сметки стана вистинска ноќна мора за многу граѓани, но и за многу фирми, кои не можејќи да си ги вратат долговите едноставно одат во стечај“, велат од Демократското движење.
„Парламентарното мнозинство пред извесно време изгласа некои измени во Законот за извршување и во Законот за облигационите односи, но дел од познавачите на оваа област велат дека овие измени имаат многу нејаснотии.
Во оваа насока, потребно е државата да расчисти некои прашања и да не дозволи проблемите да останат во мирување. Сè додека нема автентично толкување на законот од страна на Собранието, ќе продолжи старата состојба, а угнетувањето врз граѓаните и правните субјекти ќе биде уште поболно.
Демократското движење го повикува и Министерот за Правда, во чии ингеренции се одвива активноста на извршители, да најде подобро решение, бидејќи бројката од над 120.000 блокирани жиро сметки е колку е алармантна, толку и трагична“, се додава во соопштението на Демократското движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.

