Македонија
(Видео) Спасовски и Стојановски потпишаа меморандум за соработка на МВР со Националниот сојуз на глувите и наглувите
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и претседателот на Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија, Томица Стојановски, потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија.
Истакнувајќи дека една од основните тенденции во секојдневното функционирање на Министерството за внатрешни работи претставува интензивното отворање на институцијата кон активна соработка со граѓанскиот сектор, во смисла на подинамична трансформација на полицијата во вистински сервис на граѓаните, министерот Спасовски истакна дека денешното потпишување на меморандумот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија претставува потврда на целосната подготвеност на Министерството, на сите негови организациски сегменти за отвореност, достапност, солидарност, кооперативност и секако – стручна и професионална помош и ангажираност заедно со граѓаните.
„Практично, овој меморандум за соработка ги дефинира целите од заеднички интерес – почитување на глувите и наглувите лица, потоа поттикнување на развојот на заштита и грижа за глувите и наглувите лица, учество во спречување и отстранување на бариерите, во физичката и социјалната средина, учество во подобрување на условите и квалитетот на секојдневниот живот на глувите и наглувите лица, подигнување на свеста и учество во промените во полза на глувите и наглувите лица и воспоставување заемна деловна соработка“, истакна министерот Спасовски.
Притоа, министерот Спасовски појасни за конкретниот придонес во подобрувањето на квалитетот на живот на лицата со посебни потреби. „Имено, утринава за таа цел на три локации во Скопје, во согласност со пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глувите и наглувите“, Сојузот обезбеди три таблети „Епл“ за потребите на проектот, кои во присуство на овластени лица од МВР беа инсталирани во Полициската станица од општа надлежност – Центар, во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во Секторот за внатрешни работи – Скопје и во Одделението за управни работи – Скопје, во просторија со видно означување со симболот на глувите и наглувите, со цел овозможување за достапност и полесно користење од страна на глувите и наглувите лица“, рече министерот Спасовски.
Претседателот на Националниот сојуз на глувите и наглувите на Република Северна Македонија, Томица Стојановски, изрази благодарност бидејќи е слушната нивната потреба за остварување побрза и поразбирлива меѓусебна комуникација со помош на новиот дигитален толкувачки сервис на знаковен јазик, кој беше промовиран на крајот на мај.
„Мора да нагласам дека со големо задоволство овој месец ја прославуваме нашата 75-годишнина од постоењето на Сојузот. 75 години постоење, 75 години борба за подобри услови, поедноставно живеење… на кое, конечно, се најде решение. Исто така, оваа недела како и следната го одбележуваме Меѓународниот ден на знаковниот јазик, кој, секако, знаете дека тој е нашиот мајчин јазик. Во чест на јазикот на знаците, со ваша огромна поддршка и помош го почнуваме овој дигитален подвижен толкувач на знаковен јазик, односно со назив „Дигитален толкувачки сервис“, истакна претседателот Стојановски додавајќи дека потпишувањето на овој меморандум дава една нова можност во начинот на комуникација со државните институции што се од особено значење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје
Град Скопје информира дека правното лице Дизниленд реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, велат од таму.
Македонија
Вработен во МВР фатен со мито од 12.500 евра
Вработен во Министерството за внатрешни работи е фатен со мито од 12.500 евра, соопшти министерот Панче Тошковски. Како што вели тој, лицето И.М. било вработено како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничениот е лишен од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, соопшти Тошковски.
При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.
Министерот додава дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.