Свет
Шпанија, Германија и Франција ги осудија ограничувањата на увозот на украинското жито
Шпанија, Германија и Франција ги осудија ограничувањата за увоз на украинско жито што ги задржаа Полска, Унгарија и Словачка, јавуваат агенциите.
Полска, Унгарија и Словачка се побунија против Европската комисија, која минатиот петок одлучи да дозволи продажба на украинско жито низ цела Европска Унија, и најавија дека забраната ќе остане во сила со цел да се заштитат домашните земјоделци од зголемениот увоз од Украина.
Европската комисија нареди да се анализира нивната одлука.
Шпанскиот министер: Едностраната забрана за увоз на украинско жито е незаконска
Шпанскиот министер за земјоделство денеска изјави дека се чини дека едностраната забрана за увоз на украинско жито е незаконска, пренесува Ројтерс. Шпанија овој семестар претседава со Советот на ЕУ.
Говорејќи пред состанокот на министрите за земјоделство на ЕУ во Брисел, министерот Луис Планас Пучадес рече дека „Европската комисија треба да процени“ дали некоја членка на ЕУ го прекршила законот.
Околу 60 отсто од украинското жито минувало преку алтернативни патишта во Европската унија, а 40 отсто преку Црното Море додека Русија не се повлече од договорот за извоз на жито во јули.
Германскиот министер: Ограничувањата на увозот веројатно не се во согласност со европските закони
Романија стана пат за повеќе од 60 отсто од украинското жито што се транспортира преку копно. Романскиот премиер во понеделникот рече дека Романија, исто така, може да ја продолжи забраната доколку се зголеми побарувачката за увоз.
Германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир исто така изјави дека ограничувањата на увозот веројатно не се во согласност со европските закони, пренесува ДПА.
Оздемир, политичар на Зелените, пред состанокот на министрите на ЕУ рече дека не гледа причина за такви мерки.
„Исто така, не гледам како тоа може да се усогласи со правото на ЕУ“, додаде тој, истакнувајќи дека информациите покажуваат дека пазарот добро се справува со украинското жито.
Францускиот министер: Солидарноста бара единство
Според Ројтерс, францускиот министер за земјоделство Марк Фесно изјавил дека одлуката на трите земји ја доведува во прашање европската солидарност.
„Единството е неопходно за солидарност… Мораме да ги зачуваме тие два елементи, во спротивно ќе биде загрозен европскиот проект. Единствениот пазар е фундаментален елемент“, рече тој.
Додаде дека министрите на ЕУ работат на предлог за нијансирано изземање од правилото за лопатар, наместо итна суспензија, што би можело да го намали притисокот врз земјоделците.
„Не можеме во исто време да кажеме дека ни треба простор за производство на биомаса, за производство на енергија, за производство на биоматеријали, за да се обезбеди снабдување со храна и да се одржи статус кво од заедничката земјоделска политика што беше решена пред војната во Украина, дури и делумно пред ковидот“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Свет
Путин: Русија се бори за својата иднина, вистина и независност
Русија се бори за својата иднина и независност, за вистина и правда, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на доделувањето на државните награди на Хероите на Русија во Кремљ.
„Денес во Кремљ не се собираат само професионалци со огромно искуство и беспрекорна обука. Тоа се команданти кои од самиот почеток на воената операција се бореле заедно со своите војници, споделувајќи ги сите искушенија со своите другари. Тоа се луѓе со цврсти морални принципи и идеали, вистински патриоти на Русија“, рече Путин на церемонијата во Кремљ, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека нивната храброст и решителност им помогнале успешно да извршуваат операции во најсложените области и насоки.
Денес, Русија го слави Денот на бранителите на татковината, а Путин им го честиташе празникот на војниците, заблагодарувајќи им се за нивната служба, лојалноста кон нивните заклетви и наследството на многу генерации предци.
Свет
Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник
Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.
„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.
„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.
Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.
„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.
Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.

