Македонија
Тренчевска: Кризите зад нас, потребите и ранливоста на граѓаните ни покажаа колку е важен системот на социјална заштита
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата насловена „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“, во организација на Институтот за социјална работа и социјална, Филозофски факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика како поддржувач и коорганизатор.
Конференцијата која е од меѓународен карактер ги обедини научната фела и практичарите од областа на социјалната работа од регионот и од светот на едно место.
Министерката ја поздрави идејата и нејзината реализација денес и наредните два дена заедно со учесниците на конференцијата да се зборува за еден толку значаен сегмент во секое општество – социјалната политика.
Институтот за социјална работа и социјална политика кој претставува посебна работна единица на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ одбележува 65 годишни од неговото основање. По тој повод министерката им посака успешната работа и уште многу високостручни и научни кадри за работа во домените на социјалната, детската и здравствената заштита како и во доменот на образованието.
Преку долгогодишниот период на наставна дејност, Институтот за социјална работа, земајќи ги предвид динамичните реформски промени на полето на социјалната политика и социјалната заштита на национално ниво, како и светските тенденции во образованието на социјалните работници, постојано работи на осовременување на концептот на студиските програми по социјална работа и социјална политика.
„Преку студиските програми се адресираат современите потреби на идните социјални работници. Програмите кои ги нудат овозможуваат едукација за недискриминирачки однос во процесот на давање услуги со посебен акцент на социјално ранливите категории на граѓани кои се соочуваат со социјални ризици како резултат на нивниот социјален и економски статус, етничка припадност, пол, возраст и друго,“ рече Тренчевска.
Оттука и тесната поврзаност и соработка на Министерството за труд и социјална политика и Институтот за социјална работа. Многу заеднички проекти од социјалната сфера кои директно се насочени кон ранливите категории и обезбедувањето на можности за достоинствен живот за сите.
„Република Северна Македонија по Устав е социјална земја. Земја која се грижи за секој граѓанин и која овозможува помош и поддршка за сите. Промените во Законот за социјална заштита, проширувањето на правата кои ги добиваат граѓаните, воведувањето на нови социјални услуги за ранливите категории граѓани, развојот на иновативни заштитни пристапи покажуваат дека ние посветено работиме на комплетирање на системот на поддршка на граѓаните,“ истакна Тренчевска.
Таа потенцираше дека, промените во социјалната работа течат според промените во општеството.
„Пандемијата со Ковид 19, но и економската и енергетската криза пред кои бевме исправени периодот зад нас, потребите и ранливоста на граѓаните ни покажаа колку е важен системот на социјална заштита,“ посочи таа.
Таа се осврна на професионалците од областа кои ги иницираат промените.
„Претставниците на академијата се оние кои ги носат промените, ја креираат живоста на социјалниот систем и оние кои говорат гласно за секоја категорија и за правата кои треба да бидат водени. Затоа повеќе од чест ми е што сме едни од покровителите на оваа конференција. Јубилејот на Институтот за социјална работа и социјална политика, е воедно и јубилеј на нашиот систем за социјална заштита. Зошто професионалците од овој систем се оние кои ги имплементираат нашите промени, “ порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

