Македонија
Маричиќ по средбата со Лајчак: ЕУ помага да се забрза пристапниот процес, преземените обврски да се исполнат навремено
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ после средбата со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан, на својот Фејсбук профил напиша дека Европската Унија работи на планот за забрзување на евроинтеграцијата на регионот и дека преземените обврски мора да се исполнат, бидејќи е важно пристапните преговори со ЕУ да завршат побрзо.
– Позитивна е атмосферата во Брисел за проширувањето и државите членки на ЕУ ја поддржуваат нашата евроинтеграција, политички момент кој мораме да го искористиме со поголема самодоверба и силна одлучност од сите. Државен геополитички интерес и наша главна цел е членството во ЕУ, затоа наша должност е да останеме на патот по кој веќе успешно чекориме, вели Маричиќ.
Од страна на Лајчак било потврдено дека ЕУ помага да се забрза и достигне членството и затоа ние мораме поскоро да донесеме одлука во наша корист и да не дозволиме да се плашиме за својата иднина, поради внатрешни фактори.
Посебен акцент на средбата бил ставен на преговарачкиот процес на Северна Македонија и следниот чекор кој води кон нов напредок и целосно навлегување во преговорите по Кластери, што како што вели Маричиќ ќе наметне и ново темпо на реформите.
– Владата има волја да ги исполни своите задачи, нашите европски партнери и граѓаните очекуваат секоја институција да преземе одговорност за позиционирање на Северна Македонија на мапата на ЕУ, порача Маричиќ.
На средбата, која се одржа во рамки на посетата на Њујорк, владината делегација предводена од премиерот Ковачевски со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан, Лајчак разговараа и за планот за забрзување на интеграцијата во ЕУ на целиот регион и активностите кои следуваат на тој план, како и за важни политички теми од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Скопје
Делови од три скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија, Регионалниот центар за управување со кризи информира дека поради реконструкција денеска без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од три скопски општини.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без напојување ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без напојување ќе останат корисниците дел од улица 16, на патот кон Визбегово во општина Карпош.
Во периодот од 13:00 до 14:30 часот без напојување ќе останат објектите на градинката Росица, на улица Мечкин Камен, број 45А. во општина Ѓорче Петров.