Македонија
(Видео) Битиќи и Османи во Њујорк потпишаа меморандум и договор со Зелениот климатски фонд
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, во седиштето на Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Обединетите нации во Њујорк, со извршниот директор на Зелениот климатски фонд, Мафалда Дуарте, потпишаа меморандум за разбирање и договор за привилегии и имунитети, со што ќе се овозможи регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија да се одржи во Северна Македонија од 18 до 22 март 2024 година, под покровителство на Зелениот климатски фонд.
Со потпишувањето на овие два документа се зацврстуваат основите за ефикасно проширување и продлабочување на соработката на Северна Македонија со Зелениот климатски фонд во насока на зајакнување на капацитетите за приспособување, ублажување и спротивставување на климатските промени.
По годинешното 78. Генерално собрание на ОН и самитот за одржлив развој и очекуваниот состанок на Зелениот климатски фонд во Германија, за финансиски заложби од развиените земји, стратегискиот поглед на светските лидери на економскиот развој ќе биде во фокусот на целите за одржлив развој и климатска акција. Во овој контекст поддршката од Зелениот климатски фонд станува значајна во напорите за приближување на Северна Македонија кон остварување на овие цели.
По потпишувањето, вицепремиерот Битиќи и министерот Османи со Дуарте зборуваа за проектите што се финансирани и од Зелениот климатски фонд за што се обезбедува и дополнителна финансиска поддршка за нивно успешно имплементирање. Како, на пример, формирање национален фонд за енергетска ефикасност, изградба на пречистителна станица за градот Скопје, енергетска ефикасност на згради, како и за заедничките напори за одобрување на проектната апликација за национален план за адаптација. Ова се дел од проектите преку кои Фондот директно е вклучен во финансирање одговори на климатските промени и зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи потсети дека во рамките на проектот за подготвеност е инициран процес за акредитација на Фондот за иновации и технолошки развој како национално тело за директен пристап до средства од Зелениот климатски фонд.
„Во рамките на продолжувањето на овој проект ќе почне и следната фаза во процесот на акредитација на ФИТР, преку кој ќе се очекува поголемо вклучување на приватниот секторот. Предвидено е надградување на системот ‘Е-влада’, преку кој Владата ќе има реални податоци за статусот на имплементација на целите за одржлив развој, парискиот договор, поглавјата и кластерите на ЕУ“, рече вицепремиерот Битиќи по потпишувањето на меморандумот.
„Зајакнувањето на капацитетите за ублажување и приспособување кон климатските промени останува врвен приоритет на нашата земја. Последните глобални временски непогоди, кои резултираа со голем број жртви, повторно нè потсетија дека треба сериозно да се посветиме кон постојана заштита на природата“, истакна Османи нагласувајќи дека поддршката на овој Фонд е од исклучителна важност и поради фактот дека климатските политики се високо на агендата на ЕУ, а Северна Македонија, како земја кандидат ја очекуваат суштински реформи како во усогласувањето на законодавството така и во преземањето конкретни чекори за реализација на климатските политики.
„На наше задоволство го потпишуваме договорот за привилегии и имунитети со Северна Македонија. Ова е еден важен чекор во нашето долгогодишно партнерство, кое ја отвора вратата за уште поблиска соработка со еден силен поборник на климатска акција“, рече Дуарте.
Помеѓу вицепремиерот Битиќи, министерот Османи, генералниот секретар Димовски и г-ѓа Дуарте беше дискутирано и за потенцијални нови проекти од областа на земјоделско осигурување, наводнување, земјишна реформа и отпорност на инфраструктурата кон климатски промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

