Свет
Едногодишно момче починало во градинка во Њујорк: под душекот на кој спиело била пронајдена опасна дрога
Килограм „фентанил“ е пронајден под подлогата за спиење во приватна дневна градинка во Њујорк, каде што едно дете починало, а три се пренесени во болница, соопшти полицијата.
Едногодишниот Николак Доминици бил во градинка само една недела, а починал во петокот поради сомневање за предозирање со дрога.
Уште три деца се примени во болница откога биле изложени на моќниот наркотик. Властите обвинија две лица за поседување и намера за трговија со дрога и убиство.
Полицијата верува дека децата на возраст од осум месеци до две години вдишувале „фентанил“ во детската соба. На децата што завршиле во болница им бил даден лекот „наркан“, кој се користи за лекување од предозирање со опиоиди.
За време на претресот на детската соба, полицијата пронашла килограм „фентанил“ под тепихот каде што спиеле децата, изјави во понеделникот главниот детектив на Њујорк, Џозеф Кени.
Инспекторите исто така наводно откриле три уреди за пакување дрога.
Сопственичката на градинката „Дивино Нино“ во Бронкс, Греј Мендез (36) и нејзиниот закупец Карлисто Ацеведо Брито (41) беа обвинети за поседување наркотици.
„Тврдиме дека обвинетите шверцувале дрога од градинка, при што труеле три бебиња и убиле едно“, изјави вчера американскиот јавен обвинител Демиен Вилијамс.
Полицијата соопшти дека дрогата пронајдена во градинката можела да убие 500.000 луѓе, пренесува Би-би-си.
„Фентанил“, синтетички лек против болки, е 50 пати посилен од хероинот.
Надзорните снимки и телефонските записи покажуваат дека Мендез му се јавила на својот сопруг кога видела дека децата не се добро и дури потоа се јавила на 911.
Нејзиниот сопруг дошол во дневниот престој и извадил неколку полни торби за пазарење од собата на децата, рекле официјални лица. Властите сè уште трагаат по нејзиниот сопруг.
Адвокатот Мендез наведува дека неговата клиентка ги негира наводите и дека не знаела оти има дрога во собата на детето.
„Таа изнајмуваше соба на некој што се занимава со ‘фентанил’, тоа е нејзиното единствено злосторство. Нема докази дека направила нешто друго, освен правилно да се грижи за децата“, рече тој.
Властите ги задржаа осомничените без кауција. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува доживотен затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

