Култура
Проекција на „Кој тоа таму пее“ во Кинотеката и разговор со Слободан Шијан

Култниот филм „Кој тоа таму пее“ на режисерот Слободан Шијан ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката. Проекцијата е во рамките на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, а со Шијан ќе разговара Александар Прокопиев, писател и уметнички директор на фестивалот.
Филмот снимен во 1980 година и кој важи за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори е дигитално реставриран. Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавува плејада од врвни југословенски и српски актери, како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило (Бата) Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ, Бора Тодоровиќ, Миливоје Томиќ и други.
Слободан Шијан (1946, Белград) е филмски режисер, сценарист, писател, публицист, сликар и мултимедијален уметник. Автор е на неколку најпопуларни српски играни филмови и низа публикации и книги за филмот и визуелната култура. Автор е на поетската проза за познатиот филм на Алфред Хичкок „Вртоглавица“, во издание на „Геопоетика“. Објавил повеќе книги за филмот, меѓу кои и книгата за Џон Форд. „Филмски летак“, кој го издавал во текот на седумдесеттите, е објавен заедно со нови есеи за филмот во истоимената книгата „Филмски летак (1976-1979) и коментари“, а за книгата „Кино Том“ во Хрватска во 2013 ја доби престижната награда на „Јутарњи лист“ за најдобра публицистичка книга.
Режисер е на некои од најпознатите филмови од поранешна Југославија, како „Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Како бев систематски уништуван од идиот“, „Давител против давител“, „Тајната на манастирската ракија“, „Сироти мали хрчки“ и „С.О.С. Спасете ги нашите души“, како и на повеќе телевизиски филмови и над дваесет експериментални филмови и видеа. Во периодот од 1990 до 1991 бил директор на Југословенската кинотека во Белград. Слободан Шијан е добитник на многу домашни и меѓународни признанија за своите филмски остварувања. Музејот на современата уметност во Белград во 2009 организирала изложба на неговите ликовни и мултимедијални дела со наслов „Слободан Шијан: Околу филмот“, која од Друштвото на историчарите на уметноста во Србија е прогласена за изложба на годината. Шијан ја доби и наградата Традиција на авангардата за придонес кон авангардната уметност. Шијан предавал филмска режија на Факултетот за драмски уметности и на Академијата за уметност во Белград, како и на Универзитетот „Лолоја меримаунт“ во Лос Анџелес и на угледната филмска школа при Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. Организатор на фестивалот „Про-за Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медија“ од Скопје. Поддржувачи се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Европската Унија, Амбасадата на Словенија, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Национална галерија, СПОНА, „Бовин“ и „Умно.мк“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сараево во исчекување: „Народен пратеник“ и „12“ на сцената на Народното позориште

По големиот успех на МНТ во Р Црна Гора, сараевската публика е во исчекување вечерва на 11 април на сцената на Народно позориште, Сараево, со почеток во 19:30 часот, да ја погледне урнебесната комедија која одлично ги прикажува политичките амбиции и ситните страсти во драмата „Народен пратеник“, едно од најважните дела на Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Во срцето на оваа комедија е семејната драма – амбицијата на таткото Јеврем Прокиќ и адвокатот Ивковиќ, кои истовремено се натпреваруваат за функцијата пратеник. Семејниот конфликт, политичките игри и смешните ситуации ја прават ова претстава незаборавна.
Играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (глас снимен), Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халил.
Моќната „12“ во Сараево: Театарска елита на големата сцена на Народно позориште
Утревечер, на 12 април со почеток во 19:30 часот, на големата сцена на Народно позориште, Сараево ќе биде изведена моќната претстава „12“, адаптација на култното дело на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
Сараевската публика ќе има ретка можност да ја проследи оваа интензивна драма, изведена од врвна актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што не остава никого рамнодушен – психолошка длабочина, социјална критика и актери во врвна форма. Сараево не пропуштајте ја!
Култура
Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“

Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“.
Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност.
Изложбата ќе биде отворена на ден 23.4.2025 година (среда), во 20 часот, во објектот Даут пашин амам.
Култура
Љутков: Остануваме доследни за максимална грижа и вложување во заштитата на македонското културно наследство

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.