Македонија
Ковачевски – Ескобар: Европскиот пат на Северна Македонија е силно поддржан од САД
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамките на работна посета на Њујорк, се сретна со заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На состанокот на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, е разговарано за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД и за состојбите во регионален и геополитички контекст.
На средбата е истакнато значењето на големото и искрено пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, од независноста на нашата држава до денес. Тоа, како што е констатирано е одразено со активна соработка преточена во стратешкото партнерство меѓу двете држави и со потврдени резултати на планот на демократските, економските и стратешките интеграциски процеси на нашата држава, известуваат од Владата.

САД, како што е потенцирано, високо го ценат учеството на Република Северна Македонија во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјава во стабилноста на Западен Балкан и со тоа и на Европа.
Од овие причини, во Северна Македонија се гледа доверлив партнер на САД. И, во таа насока е споделено е очекувањето дека сите политички субјекти во земјава ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше нагласено на средбата, е силно поддржан од САД.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за огромната и континуирана тридецениска поддршка од САД, во остварувањето на сите клучни и стратешки цели на Република Северна Македонија, како и за личните заложби на високиот американски претставник, Ескобар, во овој важен период кога треба да се осигура европската иднина на државата.
„Поддршката од САД е од голема важност за унапредувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во претстојниот период да донесеме уште една државничка одлука со што ќе ги осигураме евроинтеграциите – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел”, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е разговарано и околу имплементацијата на реформите во нашата држава, со фокус и кон владеењето на правото и борбата со криминал и корупција. При тоа е нагласена важноста на поддршката што ја добива Северна Македонија од САД и во овие значајни процеси за граѓаните и за европските интеграции, се наведува во соопштението од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По осум месеци од трагедијата, почнува судењето за пожарот „Пулс“ – обвинети се 34 лица
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува денеска, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)

