Свет
Правилниот третман на хипертензијата може да спречи 76 милиони смртни случаи, предупредува СЗО
Опасните ефекти од високиот крвен притисок се нагласени во новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), кој ја идентификува состојбата како еден од водечките фактори на ризик за смрт и инвалидитет во светот и посочува дека со соодветен третман 76 милиони смртни случаи би можело да бидат спречени на глобално ниво до 2050 година.
Првиот извештај на СЗО за глобалното влијание на високиот крвен притисок нуди препораки за начини за борба против тивкиот убиец.
Според извештајот, хипертензијата, категоризирана како отчитување на крвниот притисок од 140/90 mm Hg или повеќе, погодува 1 од 3 возрасни лица во светот. Ова обично води до голем број други здравствени проблеми вклучувајќи мозочен удар, срцев удар, срцева слабост и оштетување на бубрезите.
„Хипертензијата може ефикасно да се контролира со едноставни, евтини режими на третман, но само едно од пет лица со хипертензија ја имаат под контрола“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на СЗО.
Овие превентивни мерки вклучуваат здрава исхрана, одржување здрава тежина, избегнување алкохол и тутун и редовно вежбање.
Стратегиите треба да се имплементираат во посебни услови, како што се училиштата и работното место за дополнително да се промовираат поздрави избори на начин на живеење. Друга тактика е да го намалите дневното внесување сол.
„Повеќето срцеви и мозочни удари во светот денес може да се спречат со достапни, безбедни лекови и други интервенции, како што е намалувањето на солта“, рече Мајкл Блумберг, поранешен градоначалник на Њујорк и глобален амбасадор на СЗО за незаразни болести и повреди.
Препорачаното внесување сол варира од земја до земја, но СЗО препорачува помалку од 5 грама сол дневно.
Во 2013 година сите 194 земји членки на СЗО ветија дека ќе го намалат внесувањето сол за 30 отсто до 2025 година, но извештајот објавен оваа година покажа дека само 5 отсто имплементирале сеопфатни политики за намалување на солта.
СЗО исто така забележува дека хипертензијата и нејзините компликации резултираат со огромни трошоци во светот за пациентите, здравствените системи и за националните економии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

