Контакт

Македонија

Мицкоски би бил најсреќен ако ме удри трамвај во Будимпешта, вели Груевски

Објавено пред

Влијание врз пратеници од моја страна немало. ВМРО-ДПМНЕ треба аргументирано да и се спротивстави на Бугарија. Мицкоски раскажува дека ако станел премиер ќе ме апсел. Тој би бил најсреќен ако ме удри трамвај во Будимпешта. Доколку на седницата на Централниот комитет вечерва се зборува за мене, би сакал да се вклучам во живо… Ова се дел од поентите од објавата на социјалните мрежи со која и вечерва се огласи експремиерот во бегство, Никола Груевски од Будимпешта.

dobivaj vesti na viber

Неговиот статус во продолжение го пренесуваме во целост:

„Да разјаснам за оние на кои сеуште не им е јасно и прашуваат.

1.Влијание на пратеници да гласаат некако за било која точка од моја страна ниту имало, ниту во последните една година сум разговарал воопшто со некој пратеник. Ниту пак сум планирал такво нешто. Ниту пак мислам дека треба да го менуваат ставот на партијата по однос на точката околу промената на уставот. И онака имаше премногу неконзистентност за многу работи досега.

Треба да знаат исто така дека клучното прашање со Бугарија кое доправа доаѓа е историјата и нивното тврдење дека до 1944 година македонците биле етнички Бугари, говореле дијалект на Бугарскиот јазик, наспроти тоа дека историјата до тогаш ни е дел од бугарската историја и дека потоа со сила сме биле “ребрендирани” во Македонци. Тоа е голема историска лага, и бев многу загрижен што не само луѓето од власта туку и луѓе кои беа од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ минатата година даваа изјави дека Бугарите морало да прифатат дека ние сме Македонци а јазикот ни е Македонски. Општо познато е дека Бугарите, барем според изјавите на нивните политичари, и порано и денес велат дека немаат проблем ние ако сакаме да се нарекуваме и марсовци, и јазикот Македонски, ако прифатиме дека до 2.август 1944 сме биле Бугари.
ВМРО-ДПМНЕ не треба да бега од оваа тема и треба аргументирано да се спротистави.

2.Разбрав дека “крунскиот доказ” на Мицковски против мене бил некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски, каде си правеле “крчма без крчмар”. Незнам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицковски дека ако јас сакав да се пазарам, имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив.

Таа дискусија можно е да е мотивирана од фактот што раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а пред се Мицковски во многу наврати јавно говори дека ако станел премиер ќе ме апсел, а дека тоа навистина го посакува е фактот не само што нема никаков контакт со мене веќе пет години, туку се најлошо говори на сите за мене, лаже, подметнува, раскажува невистини со голема омрза кон мене, им зборува на луѓе дека тој ќе ме донел во Идризово, изразува нетрпение и видлива фрустрација што воопшто постојам и што сум жив. Очигледно тој би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта. Не се јавував јас вчера и денес кај угледни партиски луѓе туку тој со ултиматумот: или ќе ме поддржиш, или си со Груевски.

И на сето тоа молчам со години. А на тој човек не верувам дека некој поголеми добрини во животот му направил, освен родителите. Барем така ми велеше додека бев таму на неговата позиција, и кога му соопштив дека ќе давам оставка во партијата а тој ми одглуми некакво бришење солзи со очилата во едната рака.

Нормално во една таква ситуација, на прикажување на таква одвратност и негативност кон мене, секој паметен политичар од другата страна да размислува да ги искористи комплексите, нечовечноста и егото на актуелниот лидер и да си прави своја крчма, без крчмар.

3.Се обраќам на некои членови од раководството на чело со претседателот на партијата.

Многу сте забрефтани и арогантни. Ве има обземено и злоба. Ја чувствувам кон мене. Што останало кон некои други. Уште не дојдени на власт покажувате голема сила, а квалитетна понуда нема. СДСМ беа зрели за паѓање на изборите 2020 година. Со ароганцијата, потценувањето на сите, самобендисаноста, непримисленоста и злобата што ги обземала дел од вас во потесното раководство, а најмногу првиот човек, им подаровте уште 4 години и наскоро ќе станете раководна гарнитура на партијата со најдолг стаж во опозиција. Ако продолжите да се занимавате со лов на вештерки, може да би се случи иннакдолгиот стаж во опозиција на СДС да го надминете.
Политиката не е само да се ветува без пресметка и анализа, и се обратно од што прави власта, само да се закануваш и само да омаловажуваш.

Ви лежат луѓе невини по затвори, ги влечат по судови, со прст не мрднување да им помогнете, вие ликувате и горди сте што никому ништо не помагате. Се ситите на макста на луѓе со кои до пред некоја година бевте заедно и ом се умилкувавте. Срамота е тоа! Бедно е!

Ви поминуваат штетни за државата одлуки секој ден. Дремете. Само овие 2-3 дена додека со мене се занимавате куп штетни одлуки поминаа на различни нивоа на власта. Ве нема никаде освен по панаѓури и пиволенти.
Оставете ме мене. Ако не сакате да ми помогнете, барем не ми одмагајте.
Порано или подоцна ќе се реши и мојот проблем. Правдата мора да победи на еден или друг начин.
Како да не гледате дека партијата има поголем рејтинг од СДСМ од што народот веќе неможе да ја гледа оваа неспособна, корумпирана и предавничка власт. Вака како што сте тргнале, може лесно да се удрите во ѕид.

Одлуката со мене да се пресметувате и некој таму да лечи комплекси, не ви е паметна.
Не нападнав јас никого. Седма година по ред дисциплинирано премолчувам многу ваши глупости, погрешни одлуки и неконзистентности. Сега ме нападнавте и ме приморавте да ви вратам. Нема да ви молчам, а вие да ме газите.

Патем, еве за една работа да се заблагодарам на Мицковски што денес потенцираше дека сега се докажало дека тој ја води партијата а не јас. “Аман! Фала Богу!” Инаку многу непромислени одлуки низ годините неможев на многумина што веруваа во таа распространета невистина да ги објаснам. Мислеа дека нешто чудно се случува со мене. Ме прашуваа што ми е!

4.Кога некој се обвинува, има право и да се чуе неговото мислење. Доколку на седницата на ЦК вечерва се зборува за мене и ако сакате тоа демократско правило да го испочитувате, ви стојам на располагање преку видео врска да се вклучам во живо. Имам многу што да ви кажам, и за ова што сум нападнат, а ако сакате и за повеќе други работи за кои сеуште се воздржувам јавно, иако сум најбрутално нападнат од актуелниот претседател на партијата. И во една ваква ситуација се контролирам, за да не направам штета на партијата.
Знам дека технички можности во штабот има. Барем таков го оставив.

На крај ќе завршам со онаа народна поговорка: “Чувај ме Боже од пријателите. Од непријателите можам и сам!”“, напиша Груевски.

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Го слушнавме Филипче ја повикува Белата палата, ама не го слушнавме да се огради од своите криминали

Објавено пред

Венко Филипче во, како што ја оценуваат, празната беседа за отчет пред Конгресот на СДСМ не понудил одговори на клучните прашања за состојбата во партијата и нејзиниот пад, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по неговото обраќање на 31. Конгрес на СДСМ.

dobivaj vesti na viber

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Филипче не објаснил зошто СДСМ денес е петта политичка сила во Скопје и трета на државно ниво, ниту пак се оградил или упатил критика кон, како што наведуваат, неговиот ментор Зоран Заев.

„Филипче не се огради од криминалот на кланот Дубаи, чиј составен дел е и самиот тој, туку напротив – го штитеше“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се наведува и дека Филипче не дал одговор зошто СДСМ, како што тврдат, сервирал услуги кон Бугарија и Грција, го наметнал францускиот предлог и склучил штетен договор со Бугарија. Дополнително, од партијата прашуваат зошто СДСМ ги напаѓа САД и води, како што велат, политичка војна со Обединетото Кралство.

Од ВМРО-ДПМНЕ го проблематизираат и односот на Филипче кон поранешниот дипломат Андреј Жерновски, за кого наведуваат дека јавно говорел во прилог на бугарскиот наратив за Македонија, како и фактот што, според нив, СДСМ денес не претставува никаква политичка алтернатива.

„Филипче не гледа проблем во тоа што СДС стана помал чирак на ДУИ во криминалот и не се огради од Артан Груби и криминалот поврзан со Лотарија“, се наведува во реакцијата.

Во соопштението се посочува и дека Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, е дел од криминалниот синџир на тендери и не објаснил од каде му е службеното луксузно ауди, како и каква е неговата врска со Енис Колашинац, кој, како што тврдат, ЕСМ го снабдувал со јаглен за време на владеењето на СДСМ.

Од партијата додаваат дека Филипче не се оградил ниту од бегалецот Васко Ковачевски, кој, според нив, ја оштетил државата за 6,5 милиони евра во случајот „Адитив“, како ниту од, како што велат, антидржавното однесување на Зоран Верушевски.

„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче. Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прикажи повеќе...

Македонија

Филипче: Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, работник и интелектуалец

Објавено пред

Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата, изјави претседателот на партијата, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.

dobivaj vesti na viber

– За да го победиме ова зло надвор, мора прво да бидеме челични внатре. Знам дека во минатото имавме турбуленции. Знам дека имаше разочарувања. Некои си заминаа, некои се вратија, а некои сè уште стојат на прагот и калкулираат. Сакам денес да бидам кристално јасен. Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата. Но, дозволете ми да испратам една порака до оние, кои мислат дека можат да седат на две столчиња. До оние, кои мислат дека можат да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта, или да формираат фракции, нови движења и сето тоа, само за нивни лични интереси. Тоа време заврши. Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сè. Бирам борба, искрена, силна и чесна, подвлече Филипче пред присутните.

Тој рече дека нема пишување статуси на „Фејсбук“, партијата е на терен.

 

– Нема седење. Нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен. Одиме во секој град, во секое село, во секое маало. Ќе чукнеме на секоја една врата. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија, додаде претседателот на СДСМ.

СДСМ, како што подвлече Филипче, е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава.

– Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзивното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштел мрак, кога и да завладеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016-та, и ви ветувам – така ќе биде и сега, нагласи Филипче.

Тој праша што било донесено за овие речиси две години власт.

– Ни донесоа брутално отрезнување. Тие ветија гордост, а не донесоа до питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери. Донесоа тендери за своите блиски луѓе, донесоа грабеж на европски пари од кои сите ние се срамиме. Да бидеме целосно искрени за тоа што ни го прават. Ова не е само неспособност. Кога не чистиш снег или ѓубре во Скопје – тоа е неспособност. Но, кога го креираш буџетот за 2026 година со дупка од две милијарди евра и за тоа треба да стигне ново задолжување – тоа почитувани присутни не е грешка, тоа е осмислен невооружен грабеж на оваа држава. Тоа е финансиско злосторство против иднината на децата. Тие пари не исчезнуваат во воздух. Тие пари се прелеваат во џебовите на нивната олигархија, додека граѓаните ќе ја плаќаат сметката преку инфлацијата која им го јаде лебот, додаде Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи да се погледнат цените во маркет. „Потрошувачката кошничка“, нагласи тој, стана поскапа од злато.

– Замрзнуваа цени на хартија, а во реалноста цените дивеат. Зошто? Затоа што се штитат профитерите, а не граѓаните. Од 1 јануари, поскапе сè, и парното и струјата, а Мицкоски нè убедува дека сме четврта економија во Европа. Дали некој се чувствува како да живее во четвртата економија во Европа, денес јавно прашувам. Одговорот сите вие многу добро го знаете. И додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот? Во Давос. Глуми светски лидер, прави селфија по ходници затоа што пет дена не направи ниедна средба. Човекот беше турист и ова не е хипербола. Додека дома државата пука по сите шавови, Мицкоски тераше скап туризам платен со народни пари. Македонија, почитувани присутни, почитувани граѓани е во дипломатска изолација. Европскиот патот е блокиран, а тие немаат план. Европа нè отпиша а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Вакво дипломатско лудило и конфузија не се оправдува. Ова е предавство на националните интереси. Вакво предавство ќе памтат многу следни генерации, смета Филипче.

Според Филипче, „нивниот единствен план е да нè држат во калта на Балканот, за да можат да владеат без правила, без европски судови, без контрола“.

– Кога беше СДСМ на власт, како велеше Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се сеќавате? Сме биле потчинети на Европа. Тој ќе ја враќаше гордоста. И што добивме? Добивме влада која е целосно потчинета, уценета и купена со кеш и проекти од Вучиќ и Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот со премиер кој не смее потпис да стави на ниедна одлука без одобрување од неговите газди, додаде тој.

Се осврна и на актуелната тема со мигранти.

– Но, има нешто уште пострашно што се подготвува во темнината. Слушаме, читаме, гледаме и пратиме. Се кројат планови, далеку од очите на јавноста, за прифаќање на мигранти од Западна Европа. За 10.000 веќе се донесе закон под превезот на странски работници. Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона, во тампон зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и на нашите деца за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ. Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓи геополитички поткусурувања додека децата ги пакуваат куферите да заминат од државата, рече Филипче.

Тој смета дека планот бил разоткриен.

– Планот е разоткриен, планот повеќе не може да го прикриваат. Прво, ја откривме оската со Србија и Унгарија. Сојузот со Орбан и Вучиќ каде што се застапуваат антиевропски и поддржуваат проруски ставови што нè доведоа до тоа да сме до листата на Америка со земји од третиот свет. Второ, намерно поради внатрешна кампања ги продлабочија врските со десничарските антиевропски лидери и се покренаа спорови со нашите соседи, ризикувајќи ја европската интеграција за домашна моќ и пари. Трето, таа оска ги штити интересите на Москва, на Балканот со инвестиции што нè врзуваат за авторитарните режими. Четврто, нивните планови за разбивање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, ново здружение, ново движење, нова екипа, дури и нова партија со тројански коњи што ги започнаа наши другари, што седат на две столици и работат за интересите на власта, истакна Филипче.

СДСМ, нагласи претседателот на партијата, никогаш не била и нема да биде контролирана опозиција.

 

– Ние нудиме европска Македонија. Реформирано судство и судии кои судат по закон. Болници во кои се лекувате достоинствено. Училишта кои создаваат умови, а не послушници. Тоа е социјалдемократијата на 21. век – грижа, солидарност, човечност. Ние гарантираме вистински патриотизам, а не сиров национализам кој значи само лаги, лажна гордост и чукање во гради. Патриотизам кој значи чукање во гради на сите аспекти на живеењето, патриотизам кој сите аспекти на живеењето ги прави подобри, побогати и побезбедни. Патриотизам кој значи дека водиме сметка за секој еден, за помногу бројни, за послаби, без разлика дали станува збор за етничка, национална, верска, родова, полова или сексуална ориентација. Ние гарантираме општество без корупција во кое секој еден ќе живее и ќе напредува и ќе има еднакви шанси, а не само малата група околу центрите на моќ на власта, дециден беше претседателот на СДСМ на почетокот од 31. Конгрес во Скопје.

Отворениот дел од Конгресот на СДСМ заврши, сега е во тек делот што е затворен за јавноста.

Прикажи повеќе...

Македонија

Филипче: Други ја гледаат Македонија како плен, а ние како дом

Објавено пред

Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.

dobivaj vesti na viber

– Ние нудиме нешто друго, ниво, поинаку. Мора да понудиме засолништето од ова лудило. Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас, преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии, додаде претседателот на СДСМ.

Пред присутните, Филипче подвлече дека СДСМ се залага, не само за едноставна мала плата, туку за достоинствена плата за живот.

– Систем каде што профитот не е забранет, но, алчноста е одданочена. Враќањето на парите кај граѓаните – не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата. За младите – држава дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни млади умови. Ако може да работат за странски компании, нека работат тука. Нека работат од дома, но, во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите, престанок на милостината пред избори, гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата за да не мора да бираат помеѓу лекови и храна. За работниците ќе бидиме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од кога било, потребна ни е социјална држава, а таква држава може да обезбеди само СДСМ, дециден беше Филипче.

Отворениот дел од Конгресот на СДСМ заврши, сега е во тек делот што е затворен за јавноста.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија4 часа

Државата наплати данок од над 2 милиони денари од донациите за настраданите во пожарот во Кочани

Иницијативата „Супорт Кочани“ ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации. На лица директно погодени...

Свет5 часа

На минусни температури, 6.000 згради во Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад

Речиси 6.000 згради во украинската престолнина Киев останаа без греење по синоќешниот руски напад, изјави градоначалникот на градот, Виталиј Кличко,...

Регион6 часа

Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож

Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба...

Македонија7 часа

Со понудени куќи, булдожери и милионска гаранција конзулот Марковски излезе од притвор

Куќа со двор и 3 стана во Битола, 25 булдожери и камиони, се гаранцијата која ја дал сопственикот на „Марковски...

Македонија18 часа

По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“: Надминати се сите проблеми, декемвриската плата е исплатена

Незадоволството на вработените во Македонска Пошта денеска прерасна во организиран протест низ целата држава, а причина за ваквата реакција и...

Европа19 часа

(Видео) Се појавија првите снимки од денешната средба: разговорите меѓу САД, Украина и Русија во Абу Даби ќе продолжат утре

Трилатералните разговори меѓу САД, Украина и Русија, што се одржаа денес во Абу Даби, беа оценети како продуктивни и ќе...

Европа19 часа

(Видео) Зеленски: Разговорот веќе се одржа, долго време немало ваков трилатерален состанок

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање извести за клучните дипломатски напори, ситуацијата на фронтот, енергетската криза и мерките...

Македонија19 часа

Тошковски: СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку свој статус на фејсбук се огласи по повод денешното изгласување на Законот за...

Топ22 часа

Со фалсисифкување документи го оштетил РЕК Битола за речиси 90.000 евра: кривична против управител на приватна фирма од Новаци

СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против 46-годишниот М.Т. од Битола поради постоење основи на сомнение...

Македонија22 часа

Најавен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од понеделник: МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите

Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција известува дека до Министерството за внатрешни работи е доставена...

Македонија23 часа

(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата

На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку...

Македонија1 ден

Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител

Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов...

Македонија1 ден

(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба

На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката...

Македонија1 ден

Системот „Безбеден град“ стартува од 1 февруари – Собранието ги усвои законските измени

Со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот...

Македонија1 ден

Филков: Случајот со апелациониот судија не е само скандал, тоа е симбол на длабока системска слабост

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството за...

Македонија1 ден

Нема подигање пратки од Пошта, вработените протестираат за плата: ги минаа празниците и најдолгиот месец во годината без пари

Вработените во Македонска пошта од целата држава денес излегоа на протест преку кој побараа да им се исплати платата која...

Економија1 ден

Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави

Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен...

Македонија1 ден

СДСМ со пакет амандмани: промена на членот за злоупотреба на службената положба, без рок за конфискација и 48 часа за снимките од „Безбеден град“

Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Како што соопштуваат од партијата,...

Свет1 ден

(Видео) Бурата „Ингрид“ пустоши низ Франција: бранови како згради, ветерот носи сè пред себе

Бурата „Ингрид“ денес донесе силни ветрови, обилни врнежи од дожд и крајбрежни поплави во западниот француски департман Финистер во регионот...

Свет1 ден

Аракчи му порача на Зеленски: На светот му е доста од збунети кловнови

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, му порача на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дека „на светот му...