Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Во Македонија не владее правото, туку владее мафија, криминалот и корупцијата се главниот приоритет на владата
Во Македонија не владее правото, туку владее мафијата. Во Македонија криминалот и корупција се основниот приоритет на владата на СДС и ДУИ и само тоа перфектно функционира во цела држава, истакнуваат во своето соопштение ВМРО-ДПМНЕ.
„Во Македонија има случај семејството на лидерот на владеачка партија да стекне милионски вреден удел во трговски центар, без да вложи денар. Тоа го нема никаде во Европа. Само во Македонија владата доделува државно земјиште за едно евро на компанијата во која семејството на премиерот има удел. Тоа го нема никаде на друго место во Европа. Во Македонија има случај на три години да се набавува лиценциран софтвер за 40 милиони евра од компанија на колега на премиерот. И тоа го нема никаде во Европа’, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во Македонија компанијата „Евровиа“, донатор на партијата ДУИ добива вносни милионски тендери од државата и се ангажира на изградба на патишта кои ќе се плаќаат со народни пари. Ова го нема исто така никаде во Европа.
Овде во Македонија, според партијата на Мицкоски, компаниите на семејствата на владините функционери или се најбрзо растечки компании или се занимаваат со највносните бизниси кои ги регулираат самите во владата.
„Само во Македонија се правел бизнис со терапии и лекови на грбот на најтешко болните. Тоа го нема никаде во Европа. Само во Македонија наместо за печатење на учебници милиони евра се трошат на организирање на настани. Над 8 милијарди евра достигна долгот и се уште ќе се зголемува со нови задолжувања, а ниту ал ни абер нема од инвестиции. Учениците немаат учебници, земјоделците немаат соодветна поддршка, по аптеките нема основни лекови. И ова го нема никаде во Европа“, се подвлекува во реакцијата на оваа партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во Европа немаат ваква корумпирана и криминална власт каква што постои во Македонија.
„Оваа власт е спремна на се само да ќари нешто од некој тендер или набавка. Со оваа власт Македонија секој ден тоне се подлабоко и подлабоко. Избори и Промени се потребни веднаш“, порачуваат од опозициската партија..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

