Македонија
(Видео) Ковачевски – Штајнер: Поддршка од ОН за Северна Македонија како регионален центар на зелена енергија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк се сретна со Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (UNDP) и копретседавач на механизмот за енергија на ОН (UN Energy).
На состанокот беше потенцирано значењето на ОН и на развојните мрежи на организацијата, како што е УНДП, која им помага на земјите членки во остварувањето на милениумските развојни цели, глобалниот развој, заштитата на животната средина, во областа на енергетиката и друго.
Како што соопштува Владата, на средбата била поздравена континуираната и конструктивна соработка на државата со УНДП и било разговарано за политиките на Владата на Република Северна Македонија, што придонесоа за успешно справување со економската и енергетска криза.
Воедно, беше посветено внимание на прашањето за состојбите во енергетиката на глобално ниво, со оглед дека има тренд на зголемување на инвестициите во енергетскиот сектор, но и на зголемување на енергетските потреби поради случувањата во актуелната геополитичка констелација на односите по војната во Украина.
Изразена е заедничка согласност дека зелена транзиција и декарбонизацијата е неопходно да бидат во фокус на владите на државите и на приватниот сектор за да се забави постојаниот скок на климатските промени и да се осигури чиста и достапна енергија за сите во интерес на сегашните и идните генерации.
Премиерот Ковачевски изрази поддршка на повикот за акција на копретседавач на ОН за енергија, Штајнер, непосредно пред годинешниот самит на ОН за зголемување на инвестициите во обновлива енергија и осигурено напојување на економиите денес и во иднина. И посочи на ефикасните чекори што ги презема Република Северна Македонија во енергетската транзиција и диверзификација, што придонесе во справувањето на земјата со енергетската криза и во градењето отпорност на регионот.
Во таа насока, премиерот Ковачевски соопшти дека Северна Македонија од почетокот на минатата година досега има издадено 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што во државата денес на мрежа има 420 мегавати на централи што доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет да достигне 600 мегавати.
Премиерот ја нагласи и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, проценета инвестиција од речиси милијарда евра, што ќе овозможи дополнителен инсталиран капацитет од најмалку 333 MW енергија.
„Ова се чекори кон енергетска независност на државата, за зајакнување на домашното производство на електрична енергија, но и придонес во заштитата на животна средина поради што Северна Македонија веќе е препознаена како регионален центар на зелена енергија“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата на премиерот Ковачевси со копретседавач на ОН за енергија, Штајнер, поздравени се заложбите на Република Северна Македонија во обезбедувањето чиста енергија и во заштитата на животната средина. Притоа разговарано е за можности за поддршка на нашата држава во делот на развојот на преносната мрежа со цел подготвеност за прифаќање на многуте апликации за изградба на фотонапонски и ветерни електрани, како и во заложбите за декарбонизација на економијата, се додава во соопштението од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски: Културата е наш приоритет, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали се планира поддршка за проекти од национален интерес во културата, изјави:
„Да, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари, културата е наш приоритет. Програмата е отприлика негде околу 25 милиони евра, средства којшто ќе бидат распределени во културата“.
Македонија
По протестите за „Безбеден град“, Мицкоски најави жесток одговор за секој кој го прекршил законот
Премиерот Христијан Мицкоски побарал да биде санкциониран секој што јавно упатувал закани и го загрозувал мирот и безбедноста, по вчерашните протести за „Безбеден град“.
Утрово, премиерот разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал од него соодветна реакција за секое прекршување на законот.
„Она што го побарав од него е кон секој оној што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера на неколку локации во државата беа блокирани патни правци, при што граѓани палеа гуми на коловозите и протестираа, изразувајќи незадоволство од измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила. Жители на повеќе ромски населби низ Македонија тврдат дека се дискриминирани, наведувајќи дека дел од нив немаат завршено образование и поради тоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.

