Свет
Ја измамиле лотаријата со разработена шема, заработиле повеќе од 20 милиони долари: осудени татко и син во Америка
Али Џафар (63) и неговиот син Јусеф Џафар (29) се осудени за незаконско прибавување добивки од лотарија од 20 милиони долари и за лажење на даночните пријави за да избегнат да платат 6 милиони долари данок.
Али е осуден на пет години затвор, а син му на 50 месеци затвор, соопшти американското обвинителство за округот Масачусетс, пренесува Си-ен-ен. Исто така, им беше наложено да платат повеќе од 6 милиони долари како отштета и да ги вратат сите пари заработени преку измамата. Тие во декември беа осудени за измама на Даночната управа, перење пари и поднесување лажна даночна пријава.
„Ова е детален случај за даночна измама, во текот на неколку децении татко и син ги измамиле Државната лотарија на Масачусетс и Службата за внатрешни приходи за да си стават в џеб милиони долари од даночните обврзници“, рече вршителот на должноста јавен обвинител, Џошуа С. Леви, во соопштението за печатот.
Тој додаде дека тие работеле со години за да регрутираат широка мрежа за ширење на нивната измама со лотарија во Масачусетс.
Адвокатката Валери С. Картер најави дека таткото и синот ќе се жалат на пресудата. Мохамед Џафар, другиот син на Јусеф, кој исто така беше вклучен во заговорот, минатата година се изјасни за виновен за даночна измама и ќе биде осуден во јули.
„Лотаријата во соработка со полицијата ќе вложи големи напори да ги спречи незаконските активности. Одлуката е кулминација на годините напорна работа за одржување на интегритетот на лотаријата“, рече Дебора Б. Голдберг, државен благајник и претседател на комисијата за лотарија.
Во обвинението се наведува дека обвинетите од 2011 до јуни 2020 година, во соработка со други лица, переле пари од добивките на државната лотарија на Масачусетс.
Мажите купиле добитни билети од луѓе во државата, кои сакале да го продадат својот билет за готовина наместо да ја бараат наградата. Имено, при добивањето на наградата, тие би требало да се пријават до државната комисија, која е должна да го задржи износот за неплатен данок и за неплатена алиментација пред да се плати наградата.
По купувањето на добитните тикети од вистинските добитници, продавачите на лотаријата би ја одобриле трансакцијата по што тие би ги барале парите како свои, се вели во соопштението. Комисијата за лотарија во Масачусетс ќе им ги одземе лиценците на продавачите на лотарии вклучени во измамите, објави канцеларијата на државниот јавен обвинител.
Обвинителите тврдат дека семејството Џафари незаконски заработило повеќе од 14.000 билети во вкупна вредност од над 20 милиони долари користејќи ја шемата „десет проценти“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рутe: Со понатамошни напади, Русија покажува дека нема сериозна намера да постигне мир
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Русија, и покрај дипломатските напори на Соединетите Американски Држави и Украина за прекин на војната, продолжува да напаѓа украински градови, што, според него, укажува дека намерите на Кремљ за постигнување мир не се сериозни.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим се обидуваат да го спречат крвопролевањето. Јасно е дека Украина е подготвена да го поддржи ова со сите свои сили. Тука е постигнат важен напредок, но Русија напаѓа, последниот напад се случи вечерва. Ова покажува дека тие не се сериозни во врска со мирот“, рече Руте за време на неговото обраќање во украинскиот парламент пред Врховната рада, пренесува Укринформ.
Руте рече дека Русија веќе претрпе повеќе од еден милион жртви во војната што започна во Украина и дека и покрај подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ги трпи овие жртви, сите достигнувања на бојното поле се многу болни за Русите.
„Кина, Северна Кореја, Иран продолжуваат да ја поддржуваат Русија, но економијата на Путин продолжува да страда, а зголемениот притисок врз руската флота „од сенка“ исто така има влијание. Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Руте.
Руте, исто така, рече дека постигнувањето мировен договор за завршување на војната во Украина ќе бара тешки одлуки, пренесува Ројтерс.
Според него, програмата за купување оружје на PURL обезбедува 90 проценти од ракетите за украинската воздушна одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)

