Македонија
Стојановски: Со законот за данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании
Солидарниот данок е новото економско промашување. Власта на СДСМ и ДУИ внесува нестабилност во работењето на бизнисот во Република Македонија. Имено, со донесениот закон за таканаречен данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Сведоци сме, вели тој, дека одредени делови од Македонија претставуваат даночен рај, а се врши трговија и во странски валути, што е исто така казниво.
Тој потсети дека со овој закон за солидарност секоја фирма што работела успешно во 2022 година ќе плаќа дополнителен еднократен данок од 30 % покрај веќе постојните 10 % данок на добивка. Ова, според Стојановски, не е солидарност, ова е арамилак.
„Власта го злоупотреби европското знаменце за да донесе закон со кој фирми од сите сектори, а не само фирми од енергетскиот сектор, како што е во Европа, ќе го плаќаат овој данок. Дополнително, овој закон уште со денот на негово објавување во ‘Службен весник’ ќе биде обжален од сите стопански комори во државата.
ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа овој закон од повеќе причини:
1. Воведува правна несигурност кај компаниите. Непредвидливоста во даночните политики го намалува инвестирањето на постојните компании, внесува дополнителен ризик кај потенцијалните инвеститори, а за ваквата појава стопанските комори секојдневно реагираат, но власта никако да се коригира веќе 6 години;
2. Не постои ваков закон во рамките на Европа. Како што кажав и погоре, постои закон за дополнително даночење на екстремните добивки кај енергетските компании што стекнаа огромни добивки поради нарушувањата на пазарите на енергија поради војната во Украина;
3. Владата не е солидарна со бизнисот. Ова најдобро се потврдува ако го разгледате буџетот за 2023 година и како се трошат парите на даночните обврзници. Секојдневно гледаме скандали, каде што фирми блиски до функционери од власта добиваат тендери во милионски износи;
4. Сериозно нарушување на ликвидноста кај компаниите. Во услови кога сè повеќе компании имаат проблеми со наплата на своите побарувања, кога се соочуваат со зголемени каматни стапки на кредитите, а со тоа и повисоки рати за исплаќање, власта одлучи да им одземе голем дел од ликвидните средства и со тоа ќе им нанесе сериозни последици во работењето;
5. Новоформираните компании не се опфатени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ побараа и компании формирани во 2022 година да бидат опфатени со овој закон, но власта тоа не го прифати. По едно ТВ-гостување на најмоќниот партиски претседател од владината коалиција, ни стана јасно зошто мнозинството го одби нашиот предлог, со кој претприемачките способности на овој политички бизнис-клан ќе беа опфатени;
6. Се дестимулираат инвестициите. Со вака поставениот закон сите компании што остваруваат поголеми добивки поради свои поранешни инвестиции во машини, опрема, во дополнително надградување на своите вработени, ќе бидат сериозно обесправени, а како резултат на тоа ќе размислат добро дали повторно да инвестираат.
Ова се само некои од причините поради кои сметаме дека законот за данок на солидарност ќе влијае лошо врз целокупната економија. Власта планира со овој закон да собере дополнителни 76 милиони евра за да може да ги подели на тендери во четири очи со свои компании. Власта прави прераспределба на средства со која крати од заштитата на животната средина и зелениот развој, модернизација во Министерството за одбрана, урбанизам и градежништво, водостопанство, изградба и реконструкција на основни и средни училишта и студентски домови итн.“, нагласи Стојановски.
На Македонија ѝ е неопходно граѓаните да одлучат дали сакаат да се продолжи со моментните штетни политики или силна и просперитетна Република Македонија, заклучи Стојановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

