Македонија
„Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“ – кампања на ЈП „Лајка“ за посвојување бездомни кучиња

Јавното претпријатие „Лајка“ го објави почетокот на својата најнова општествено-одговорна иницијатива во соработка со креативната агенција „Њу момент“, со цел промоција на посвојувањето на кучињата скитници.
Кампањата симболично почнува утре, 23 септември, Интернационалниот ден на удомените кучиња.
Кампањата е со мотото „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“. Дизајнирана да ја зголеми стапката на посвоени кучиња, но и да ја подигне свеста на јавноста за работата на „Лајка“, градското јавно претпријатие за третман на улични кучиња.
Главната цел на кампањата е удомување што поголем број бездомни кучиња и реален придонес кон решавање на овој проблем, со конкретни резултати на крајот од кампањата.
Во согласност со бројките од претпријатието, во просек месечно се удомуваат 40 кучиња, минатата година се удомени над 400 улични кучиња, а за оваа година се очекува бројката да биде уште поголема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Четворица од повредените лица во пожарот во Кочани денеска се враќаат од странство

Министерството за здравство информира дека денеска се враќаат четворица од повредените лица во пожарот во Кочани кои се лекуваа во медицински центри во Хрватска (двајца пациенти), Шведска (1 пациент) и Италија (1 пациент).
Во странство се хоспитализирани 60 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти.
Во болниците во земјава во моментот се лекуваат 7 пациенти, од кои четворица во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница Систина и еден пациент на Клиниката за пулмологија.
Од Министерството за здравство известуваат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и понатамошна рехабилитација.
Македонија
„Трошки за работниците наместо вистинско зголемување на платите, Владата ги извиси граѓаните“, велат од СДСМ

„Наместо вистинско и реално зголемување на платите, владата ги извиси работниците. Власта им фрла трошки на работниците со покачување од срамни 1.800 денари наместо зголемување на минималната плата на 500 евра како што бараат и заслужуваат“, соопшти СДСМ.
„Додека граѓаните се борат со сметки и мизерни плати, тие продолжуваат да штитат интереси на богатите, оставајќи ги работниците на работ на егзистенција.
Власта не го почитува ниту општиот Колективен договор и не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%.
Најавата за зголемување од само 5% на платите за вработените во здравството е историски најмало во споредба со досегашниот раст на платите.
Вкупните примања на лекарите специјалисти од 2017 до 2024 година, заедно со дежурства се зголемени меѓу 100-160%, по корекцијата на коефициентите од страна на СДСМ.
Основната плата на лекарите специјалисти СДСМ ја зголеми за 40 проценти, на медицинските сестри ја зголемивме помеѓу 20 и 23 проценти, на општите лекари за 25 проценти.
Се потпиша и Спогодбата со здравствениот синдикат за ново зголемување на платите на здравствените работници кое требаше да биде над 20% и тоа сега веднаш а не ДПМНЕ да прави лоша математика.
Истот така, платите на наставниците требаше да бидат зголемени за 12,15% ама во септември 2024 година. И тоа не се случи.
Реалноста е понижувачка – зголемувањето од едвај 5% ги остави наставниците без заслуженото за нивниот труд. Со ова наставниците и просветните работниците се оштетени. Дополнително, најавените зголемувања од 7% се далеку од тоа што им следува и што треба да го добијат просветните работници.
Ваква измама и понижување на граѓаните, кои чесно работат и со право бараат поголеми плати, никој никогаш не направил.
Оваа влада е влада против граѓаните и работниците, против сите кои бараат подобар живот. Пари има за папаја, манго, аспарагус и приватни летови, но нема за оние кои едвај врзуваат крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Десетици нови дестинации од двата домашни аеродроми и преговори за десетина нови авиолинии“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на нови авиокомпании и нови авиолинии. Во фокусот е развој на авиосообраќајот и зголемување на конкуренцијата на домашните аеродроми. Политиките што се спроведуваат во авиосообраќајот даваат конкретни резултати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За само неколку месеци владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да овозможи десетици дестинации од двата домашни аеродроми, се вложува во воздушниот сообраќај и се создаваат поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните.
Исто така, се преговара и за уште десетина нови авиолинии.
Скопје директно се поврза со Париз, со нова авионска линија Скопје-Париз (аеродром Орли). Се воведе нова авио линија Охрид-Истанбул. После 12 години повторно се врати линијата Скопје-Амстердам.
Нов чартер лет од Германија со кој најмалку 200 туристи секојдневно ќе ја посетуваат Македонија. Најмалку еден лет дневно и меѓу 180 и 200 туристи секојдневно ќе доаѓаат надвор од главната туристичка сезона.
Две нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и тоа:
Скопје -Женева која ќе започне да оперира од 3 ноември 2025 и Скопје-Париз (аеродром Орли) од 2 април 2025.
Претходно се потпишаа и договори за воведување на линиите: Охрид – Истанбул; Охрид – Базел Мулхаус; Скопје – Дубаи; Скопје – Штутгарт; Скопје – Лион и Скопје – Барселона.
Се преговара и за воспоставување на нова линија Скопје – Прага, како и можноста за нова линија Охрид – Карлови Вари.
Освен новите авиолинии кои се воведоа и тие за кои се преговара, за прв пат по изградбата на аеродромот во Охрид се прошируваат капацитетите, и ќе се гради нова терминална зграда. Реконструкција и нова административна зграда на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Целта е подобрување на квалитетот на животот на македонските граѓани, подобар проток на добра и услуги, како и инвестиции и пораст на економскиот развој“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.