Македонија
Беќаровски за забраната од Хрватска: Пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на пестициди
Во врска со оспорената пратка на пиперки во Хрватска, која вчера беше потврдена и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, се огласи и познатиот лекар Нико Беќаровски, кој во своја објава на социјалните мрежи ќе напише: Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат.
„Вратените ‘отровни’ пиперки – Formetanate hydrochloride, попознат како Carѕol 50, Dicarsol 10 итн е инсектицид од групата карбамати, кој сè уште регуларно се користи во голем број држави и кој при акутни труења (намерно пиење или акцидентно при прскање) предизвикува иреверзибилна инхибиција на еритроцитната холинестераза.
Во текот на овие 33 години клиничка пракса сум имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи, сите други успешно заминувале од Клиниката за 3 до 5 дена. Напоменувам дека сите тие труења биле со концентриран препарат, а не со откриени траги во прехранбен производ“, пишува Беќаровски.
Појаснува дека јадењето на пиперките што се вратени од Хрватск, поради траги од присуство на овој карбамат е исто толку штетно колку и јадењето кој било друга пиперка, прскана со кој било друг пестицид.
Секако дека долгогодишно јадење производи третирани со ист пестицид, па и со овој, може да дадат последици врз здравјето, но и кај земјоделците што користат пестициди постои мода, па обично на неколку години се користи нов пестицид, додава познатиот лекар.
„Одлуката на Хрватска е во согласност со регулативата на ЕУ, која, пред сè, служи за заштита на економските интереси на ЕУ и нивното производство со нивни пестициди.
Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви граѓани, кои поради високите цени, овој производ сè повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат. Тврдам дека ниту еден нема да има акутни здравствени компликации од еднократна употреба на овие пиперки. Всушност, многу веројатно е дека пиперките што се продаваат на нашите пазари се со многу поголема концентрација на разни пестициди“.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера, преку соопштение информираа дека преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија (RASFF) била добиена нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашата земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска.
При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуум од пестициди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Првиот премиер Албанец на Македонија: Со мирна совест можам да кажам дека тоа што го најавив пред сто дена, го спроведов
Претседателот на Владата, Талат Џафери на денешната прес-конференција кажа дека се обврзал пред граѓаните дека ќе овозможи слободно изразување на граѓанската волја на двојните избори и тоа заедно со Владата го исполниле.
„Спроведовме европски избори во слободни, фер процеси и во двата изборни круга. Избори кои ќе се спомнуваат како може да се сработи во интерес на граѓаните и државата. Придонесовме во европското поведение на земјата која се стреми да биде членка на ЕУ. Изразувам благодарност до институциите и граѓаните, беа на висина на одговорноста и придонесоа кон нашите искрени заложби, државата да напредува според европските вредности. Вака на дело се работи за големата европска идеја. Очекувам овој процес да го следи и следниот владин состав, затоа што иднината на Северна Македонија, мирот, спокојот и перспективите на граѓаните се директно поврзани со напредок во евроинтеграциите и реализацијата на полноправното членство до 2030. Шансата е пред државата и пред новата влада, исто така и одговорноста“, рече Џафери.
„Со чист образ, мирна совет и должна почит кон граѓаните можам да оценам дека тоа што најавив кога стапив на должност, пред 100 дена, го спроведов. Потврдив дека моето именување за премиер како прв премиер Албанец на Северна Македонија е уште еден придонес за демократијата“, додаде Џафери.
Скопје
Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница, издвоивме 500.000 денари за оваа намена
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.
Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.
„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст“, потсетува градоначалникот Герасимовски.
Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.
Македонија
Макрон упати честитка до Силјановска-Давкова: Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели
Честитки на македонски јазик за победата на Гордана Силјановска-Давкова, вчера, 9 мај 2024 година на социјалната мрежа фејсбук, упати претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.
Во честитка се потенцира француската поддршка за Македонија кон целосна евроинтеграција при што е наведено следново:
„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција остнува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.“
Професорката Гордана Силјановска-Давкова упати благодарност за честитиката на македонски и на француски јазик, истакнувајќи ја улогата на Франција како една од основачите на ЕУ и потенцирајќи дека како претседателка ќе се залага за градење на консензус кој ќе овозможи македонските граѓани да живеат европски. А исто така, ја потенцира и билатералната соработка за зајакнување македонско-француските односи.
Во одговорот на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стои:
„Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски. Воедно, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.“