Свет
Сонда со примерок од опасен астероид пристигнува на Земјата
Сондата OSIRIS-Rex на НАСА треба да се врати од своето долго патување во вселената и да ја допре почвата на западната пустина во американската држава Јута в недела.
Сондата носи скапоцен товар – прашина од огромниот астероид Бену, голем колку планина и најопасен за нас во целиот Сончев систем. Овој примерок би можел да одговори на многу важни прашања: Од каде доаѓаме? Како е возможен живот на Земјата?
„Кога астероидот Бену од 250 г ќе стигне до нас, во нашите раце ќе имаме материјал што постоел пред нашата планета, можеби дури и некои зрна што постоеле пред Сончевиот систем“, рече планетарниот научник Данте Лаурета, главниот истражувач на мисијата, како што соопшти Би-би-си.
„Се обидуваме да ја составиме сложувалката на нашите почетоци. Како настанала Земјата и зошто е возможен живот на неа? Од каде доаѓа водата во океаните, од каде воздухот во нашата атмосфера и што е најважно. Кој е изворот на органските молекули што го сочинуваат целиот живот на Земјата?“, тој додаде.
Имено, научниците претпоставуваат дека многу од клучните компоненти за развој на животот пристигнале на Земјата во нејзината рана историја преку удар на астероид. Со цел да се истражи оваа хипотеза, во 2016 година НАСА лансира сонда кон астероид со дијаметар од 500 метри.
Беа потребни две години за леталото да стигне до Бену, а потоа уште две мапирања на површината пред тимот да најде соодветно место за собирање на примерокот. На 20 октомври 2020 година сондата се спушти до астероидот и успеа да ја собере скапоцената прашина. Но, не помина сè како што очекуваа научниците.
Идејата беше сондата со својот дел да удри во површината и да ослободи излив на азотен гас што ќе подигне чакал и прашина. Но, во текот на тој процес дојде еден вид шок. Кога механизмот допрел, површината се одвоила како течност и притисокот создал кратер со дијаметар од 8 метри.
Материјалот се разлетал во сите правци, но за среќа и во комората за собирање примероци. Кога сондата ќе стигне до Земјата, ќе биде транспортирана во вселенскиот центар Џонсон во Тексас, каде што е создадена посебна „чиста просторија“ за анализа на примерокот.
НАСА го смета Бену за најопасната карпа во Сончевиот систем бидејќи има најголема веројатност да удри во Земјата од сите познати астероиди. Но, нема причина за грижа. Иако Бену претставува ризик за нашата планета, веројатноста за удар е многу мала, пишува Science Alert.
Имено, Бену, заедно со астероидот 1950 DA, се вбројува меѓу најопасните познати астероиди. Поради својата патека и орбита околу Сонцето, која трае 1,2 година, во следните неколку века во неколку наврати ќе се доближува до Земјата до тој степен што постои мала можност за судир.
НАСА вели дека постои шанса Бену да помине низ таканаречената гравитациска брава за време на неговото прелетување на 25 септември 2135 година – област во вселената што може да го насочи да се судри со нашата планета на крајот на 22 век.
Иако е тешко да се одреди точната веројатност за ваков катастрофален настан, со помош на податоците собрани од леталото OSIRIS-Rex, експертите успеаја да создадат подобар модел на развојот на орбитата на Бену. Нивната анализа покажува дека има само 0,037 % (1:2700) шанса да удри во Земјата на 24 септември 2182 година.
Бену, веројатно, содржи многу вода врзана во минерали, кои би можеле да сочинуваат дури 10 проценти од неговата тежина. Научниците имаат намера да откријат дали односот на разните видови атоми на водород на овој астероид е сличен на оној во океаните на Земјата.
Веројатно, има многу јаглерод на Бену. Како што знаеме, животот на нашата планета се заснова на органска хемија, па се поставува прашањето дали сложените молекули, како водата, дошле на младата Земја од вселената.
„Анализата на метеоритите покажува дека астероидите, веројатно, содржат зоолошка градина со разни органски молекули. Но, во метеоритите тие често се контаминирани, па со овој примерок можеме да откриеме точно кои органски компоненти се наоѓаат на Бену“, објасни планетарниот научник Сара Расел од Природонаучниот музеј во Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Случајот Епстин ги засега САД, американското судство нека си ја врши работата
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека американското судство треба да си ја врши работата во истрагата на аферата поврзана со американскиот осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
За време на посетата на Саемот за вино во Париз, Макрон изјави дека случајот Епстин „првенствено ги засега Соединетите Американски Држави“, пренесува „Фигаро“.
„Во тој случај, тамошното судство треба да си ја врши работата, и тоа е сè“, рече Макрон.
Во врска со поранешниот француски министер за култура Жак Ланг, кој е под истрага за неговите врски со Епстин и кој под притисок поднесе оставка од функцијата директор на Институтот за арапскиот свет, Макрон рече дека Ланг „донел одлука според својата совест“, пренесува Танјуг.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА
Свет
Кремљ: Ситуацијата со горивото во Куба е критична
Кремљ објави дека ситуацијата со горивото во Куба е критична и дека американските обиди да ја „задушат“ економијата на островот предизвикуваат бројни тешкотии. Куба претходно презентираше план за рационализација на потрошувачката на гориво и заштита на клучните услуги за справување со продлабочената криза, пишува Ројтерс.
Комунистичката влада на Куба во петокот детално ги изнесе плановите за надминување на кризата, пркосејќи им на напорите на САД да го прекинат снабдувањето со нафта на карипскиот остров. Вашингтон претходно ја прогласи Куба за „невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност на САД.
„Ситуацијата во Куба е навистина критична. Свесни сме за тоа. Одржуваме интензивни контакти со нашите кубански пријатели преку дипломатски и други канали“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Песков го нагласи незадоволството на Москва од американската политика кон Куба. „Тактиките на сузбивање на САД навистина создаваат многу тешкотии за земјата. Разговараме со нашите кубански пријатели за можни начини за решавање на овие проблеми или барем за обезбедување на секаква можна помош“, рече тој.
Неговите коментари беа одговор на прашање во врска со извештаите за недостиг на гориво за авиони и можните последици за руските туристи кои сакаат да ја напуштат Куба, долгогодишен сојузник на Москва. Минатата недела, рускиот амбасадор во Куба, Виктор Коронели, изјави за државната новинска агенција РИА дека Москва постојано ја снабдувала Куба со нафта во последните години и дека ќе продолжи да го прави тоа.

