Македонија
Бугарија јавно ќе ги објавува имињата на сите македонски граѓани што извадиле бугарски пасоши
Бугарските пратеници со 180 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан на прво читање гласаа за измените во Законот за бугарското државјанство, кои подразбираат и јавно да бидат објавени сите лица што во изминатите 22 години стекнале бугарски пасош. Измените на законот се очекува да бидат усвоени на второто читање.
Европарламентарецот Андреј Ковачев на социјалните мрежи објави дека законските измени се однесуваат и на тоа церемонијата за добивање бугарско државјанство да биде свечена и јавна.
Со најновата измена, вели Ковачев, јавно ќе бидат познати и сите сонародници од Република Северна Македонија, кои стекнале бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест.
„Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства, ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние од нив што се ‘принудени’ да се претворат во јавни бугаромразичи само за да го скријат своето бугарско потекло и самосвест нема да имаат повеќе причина да го прават тоа“, вели Ковачев.
Во изминатите години голем број македонски државјани аплицираа и извадија бугарски документи за да ја обезбедат својата иднина и да работат во Европската Унија, а на претходниот попис на населението само 3.504 лица се декларираа како Бугари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

