Култура
Македонска премиера на филмот „Ескорт“ на 44. издание на „Браќа Манаки“

Долгометражниот игран филм „Ескорт“ на наградуваниот хрватски режисер Лукас Нола, направен во копродукциска соработка со „Скопје филм студио“, ќе ја доживее македонската премира во рамките на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола.
Филмот ќе биде прикажан како дел од програмата „Специјална селекција“ во Центарот за култура на 25 септември, понеделник од 17 часот.
Приказната го следи Миро, кој за време на службено патување првпат во животот вечерта ја поминува со ескорт-дама што некој ја испратил во неговата хотелска соба. По страсниот секс, тој ја наоѓа девојката мртва во тоалетот. Успешен, среќно оженет и татко на две деца, Миро ја прикрива несреќата со помош на двајца вработени во хотелот, кои набргу почнуваат да бараат од него да им ја возврати услугата. На почетокот тоа се мали нешта, но набргу нивните барања почнуваат да излегуваат од контрола. Двајцата соучесници во неговото злосторство одеднаш добиваат голема улога во неговиот живот, кој никогаш повеќе нема да биде ист.
„Ароганцијата, примитивизмот и насилството – од институционален, политички, економски, верски и културен вид – доминираат во општеството и ги диктираат речиси сите негови правила. Оваа доминација не е секогаш гласна и очигледна; често е прикриена и речиси незабележлива, но секогаш е тука. Мојата немоќ и немоќта на луѓето околу мене ми создаваат премногу фрустрации. Мојот гнев кон себе што ја прифатив оваа ситуација е инспирацијата што ме натера да ја напишам и снимам оваа приказна“, ќе изјави Лукас Нола во режисерската експликација за филмот.
Лукас Нола, покрај тоа што го режира „Ескорт“, е исто така и автор на сценариото по кое е снимен филмот. Дипломирал филмска режија на Академијата за драмски уметности во Загреб. Неговата кариера ја обележуваат 8 играни филма и 2 мини ТВ-серии. Неговиот претходен филм „Молчи“ (2013) е прикажуван на фестивали во Португалија, Франција, Индија, Египет, Полска и многу други земји, а за култниот филм „Небо, сателити“ (2000) беше награден со „Златна арена“ за најдобра режија. „Ескорт“, кој критиката го смета за негово најзрело и највозбудливо дело, е последниот филм на Лукас Нола, кој почина минатиот октомври. Како режисер Нола бил истражувач, номад и сеопфатен. Неговите дела се многубројни и се одликуваат со разни квалитативни карактеристики. Останува запаметен како еден од најталентираните режисери во Хрватска, кој има голем придонес за хрватската кинематографија. Неговите филмови во еден момент функционирале како мало движење на отпор кон просечниот консензус на хрватската кинематографија во 90-тите.
Авторски потпис на филмот ставаат и Фране Памиќ како кинематографер, Славен Зеќевиќ – монтажа, сценографијата е на Иван Вељача, костимографијата на Жељка Франуловиќ, шминката на Мојца Горогранц-Петрушевска, автор на оригиналната музика е македонскиот композитор Александар Пејовски, а дизајнот на звук е на Игор Поповски. Продуценти на филмот се Хрвоје Перван, Драган Јуриќ и Анкица Јуриќ-Тилиќ, а како копродуценти се потпишуваат Томи Салковски и Фатмир Спахиу.
Главните улоги ги толкуваат Живко Аночиќ, Крешмир Микиќ, Никша Бутијер, Хрвојка Беговиќ, Игор Ковач, Хрвоје Баришиќ, Пашко Вукасовиќ и Лена Медар.
„Ескорт“ е копродукција на „Кинорама“ од Хрватска со „Скопје филм студио“ и „Бука продукција“ од Косово и е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, хрватскиот аудиовизуелен центар ХРТ и Косовскиот центар за кинематографија.
Светската премиера на „Ескорт“ беше на 18 јули годинава на јубилејното 70-то издание на Пулскиот филмски фестивал во Хрватска, каде што доби 2 награди „Златна арена“, за најдобра споредна машка улога на актерот Крешмир Микиќ и за сценографија на Иван Вељача, а на Лукас Нола му беше доделено специјално признание од оценувачкиот суд на „Кино мрежа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на Струшките вечери на поезијата.
Одлуката ја донесе тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).
„Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. „Белите океани“ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност“, стои во одлуката на жири-комисијата.
64-тите Струшки вечери на поезијата завршија синоќа со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка , „Браќа Миладиновци“ на македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ на поетот Матеуш Шимчик од Полска.
Култура
Септемвриска филмска магија во Кинотеката на Македонија

Кинотеката на Македонија ја најавува септемвриската програма, која ќе донесе вистински филмски празник за љубителите на седмата уметност.
Овој месец е посветен на антологиските филмови од историјата на светската кинематографија, како и на значајни македонски играни и краткометражни остварувања. На репертоарот ќе се најдат ремек-дела што го обележале златното време на филмот.
Посебно место во програмата ќе имаат и македонските краткометражни филмови, кои на најдобар начин ја претставуваат енергијата и креативноста на неколку генерации автори. Кратката форма ќе биде претставена преку избор на значајни остварувања, кои ги истражуваат интимните приказни, урбаните пејзажи и социјалните предизвици. Овие проекции се можност публиката да се сретне со зрели авторски визии, а истовремено и да ја почувствува пулсацијата на современиот македонски филм.
Со оваа програма, Кинотеката ја претвора септемвриската филмска сцена во мост меѓу светската класика и македонското авторско творештво.
Публиката ќе има ретка можност да ги доживее најсветлите моменти на филмската историја и истовремено да се потсети на значењето на македонскиот филм како органски дел од европската културна мапа.
Целосна програма
Култура
Со средбата „Продуценти со продуценти“ почна „МакеКоПроДокс форум“

Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје – Фонд Екип Франција при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“, „Сани сајд оф д’док“, МК Деск на „Креативна Европа“ и Младинскиот културен центар во Скопје.