Култура
Под мотото „Прекрасното непознато“ почнува 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Под мотото „Прекрасното непознато“ Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 44. издание.
Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура -Битола, со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на фестивалот Манаки во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
На вечерашната свеченост на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу ќе му биде врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.
Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура-Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Бизнисот на задоволството“ почна да се прикажува пред македонската публика, екипата се соедини на кинопремиерата
Со свечена кинопремиера и три проекции во „Синеплекс“ почна прикажувањето на еден од најнaградуваните македонски филмoви „Бизнисот на задоволството“, на режисерот, Гоце Цветановски.
Филмскиот настан ја соедини на едно место екипата на политичкиот трилер, а по проекцијата на коктел забава присутните гости ги собираа впечатоците.
Режисерот Гоце Цветановски ги повика сите љубители на филмот да го проследат неговото дело кое што отвора една деликатна тема како што е присилната проституција, а во фокусот се корупцијата и трулоста на целиот систем.
„Како режисер сум премногу задоволен од приемот на публиката на првите проекции. Коментарите се дека сме направиле филм кој се разликува од се’ останато што досега е направено во Македонија и ме радува што многумина искоментираа дека е храбар и задира чувствителни теми. Повеќе не би коментирал, ги повикувам сите љубители на филмот да дојдат во кино и да видат за што станува збор, па заедно ќе дебатираме. Веќе е на редовниот репертоар и се прикажува секој ден“, рече Цветановски.
Филмот од вчера почна со проекции и во другите градови низ Македонија. Во сабота ќе има можност да го види публиката во Кочани, додека во Штип и во Велес ќе биде прикажан в недела.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.
Култура
КИЦ го најавува годинешното издание на „Звукот на Скопје“
Носечката манифестација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“, оваа година повторно ќе се случи во формат на летен фестивал на отворено на кој ќе настапат свежи и актуелни музички имиња. Програмата ќе биде збогатена со изложби и проекции на филмови, како дел од програмските активности на центарот.
Веќе знаете дека „Звукот на Скопје“ значи нов, летен, open air фестивал, кој прераснува во ново скопско музичко жариште. „Звукот на Скопје“ значи и свеж здив во долгото скопско лето и заситување на културните потреби на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. „Звукот на Скопје“ е и простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи, а значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст.
„Звукот на Скопје“ ќе се случи на 27 септември 2024, и тоа во Кулпарк (пред КИЦ), Салон 19:19 и галериите.
Култура
Со наградената претстава „Мојот маж“, Драмски театар ја отвора новата сезона
Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж“. Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж“ ја доби награда за „Актерска бравура”.
Во образложението на жирито е истакнато: „Неспорна работа е дека актерската уметност има свој автентичен простор во однос на режисерско-драматуршкиот концепт, но дека актерската подела во една претстава функционира како еден организам, еден комплексен ум, една добро организирана машинерија, која умее во целина темелно да ја разбере и преболи современата сурова стварност, меѓучовечката бездна што се отвора меѓу најблиските, е врвно мајсторство што се гледа сѐ помалку и помалку во театарот денес. Актерите во оваа претстава се сами по себе доволна критична маса за одличен театар, свесно поврзани со сопствената психолошка слоевитост, наелектризирани од личните неволји, подготвени да се поништат и повторно да се преродат одвнатре, откривајќи му ја на гледачот старо-новата терапевтска вистина за човечката совест“.
Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
По премиерата во 2020 година претставата “Мојот маж” е веќе пет сезони на редовниот репертоар на матичната сцена.
На фестивалот Војдан Чернодрински во 2021 година претставата доби 4 награди и тоа: „Награда за костимографија“ на Роза Трајчевска–Ристоска за костимите во претставата, „Награда за современа сценска драматизација“ на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска и авторските монолози, „Награда за главна женска улога“ на Наталија Теодосиева за улогите во претставата „Мојот маж“ и „Награда за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите“.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. Се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.