Регион
Ердоган вели дека пучистите барале од команданти да зборуваат со Ѓулен
Еден од учесниците на минатонеделниот неуспешен обид за воен удар во Турција му предложил на командантот на копнените војски кој бил во заложништво да разговара директно со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, вели турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган споменувајќи го својот најголем противник поранешен сојузник, за кој тврди дека стои зад пропаднатиот пуч.
Турските власти од претходно го обвинуваат клерикот Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во американската сојузна држава Пенсилванија дека преку своите следбеници во Турција воспоставува „паралелна држава“ во главните структури на општеството. По обидот за воен удар од ноќта на 15-ти јули, Анкара побара од САД да ѝ го предадат Ѓулен, обвинувајќи го дека стои зад пучот. Ѓулен тврди дека нема врска со пучистите и го осуди обидот за воено соборување на турската влада, а Вашингтон бара „релевантни докази“ кои ќе ги разгледа.
„За жал, тие луѓе добиле инструкции од Пенсилванија и го организирале обидот за преврат. Тие веќе започнаа да признаваат и признаа кој им ги давал овие наредби“, вели Ердоган во интервјуто за француската телевизија France 24 истакнувајќи дека првпат дава таква изјава.
„Еден од тие луѓе му предложил на земениот во заложништво началник на штабот на копнените сили директно да разговара со нивниот водач Ѓулен“, додава турскиот претседател.
Ердоган не го именува високиот офицер кој бил заробен од пучистите, но во првите моменти кога уште не беа познати размерите на пучот, агенцијата Anadolu објави дека началникот на турскиот Генералштаб Хулуси Акар е во рацете на организаторите на превратот. Потоа владата потврди дека тој бил ослободен.
Ноќта од 15-ти кон 16-ти јули во Турција беше изведен неуспешен обид за воен преврат во кој учествуваше фракција во вооружените сили, односно делови од првата и втората армија, главно задолжени за обезбедување на југоисточните граници на земјата. Според последните податоци, во судирите во Истанбул и Анкара загинале 246 цивили, и околу 150 приврзаници на пучистите.
Истрагата за организирањето на пучот ја следат масовно чистки, притворања, суспендирања и отпуштања од државните и јавните служби.
Бројот на притворените надмина 10.000 луѓе, а меѓу нив се повеќе од 7.000 припадници на вооружените сили, вклучително и најмалку 120 генерали и адмирали. Поништени се околу 11.000 пасоши во потегот со цел да се спречи бегството на лицата кои може да се поврзани со обидот за преврат.
Во Турција досега се суспендирани 37.500 јавни службеници и полициски офицери по обидот за пуч, а меѓу нив се илјадници службеници во министерството за образование, и ги укина лиценците за 21.000 учители. Министерството за образовани соопшти дека очекува затворање на најмалку 600 училишта.
Турскиот претседател во саботата издаде декрет за затворање на 2.341 институција, меѓу кои се образовни и добротворни организации, синдикати и медицински центри, кои се поврзани со движењето „Хизмет“, блиско на Ѓулен./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Регион
Грција се соочува со тешка демографска криза, младите остануваат дома до 30 година
Грција се соочува со сериозна демографска криза, покажува студија на статистичката агенција Елстат. Младите најчесто остануваат да живеат со родителите сè до својата 30-та година, бидејќи ниските плати не им дозволуваат самостоен живот и основање семејство. Ова, според психолозите, има негативно влијание и врз социјалниот живот и врз желбата за создавање нови семејства.
Според податоците на Евростат, Грција е прва во Европа по бројот на млади кои доцна го напуштаат родителскиот дом. Во Бугарија, на пример, младите заминуваат во просек на 28 години, пренесува БНР.
Кризата со домувањето дополнително ја влошува ситуацијата, а иако владата покрива една месечна кирија годишно за младите семејства, ниските примања и несигурноста ја намалуваат желбата за деца. Во последните 13 години, во земјата се родени четвртина милион деца помалку во однос на пред две децении.
Опозициската СИРИЗА предупредува дека демографската криза не може да се реши без сеопфатна стратегија.
Регион
Обилни дождови поплавија патишта и продавници во делови од Грција
Обилните дождови во Грција ги поплавија патиштата и продавниците. Полицијата ги повикува возачите да возат внимателно.
Јужниот дел од земјата беше најмногу погоден, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата беа непроодни. Пожарникарите мораа да спасуваат патници од поплавените автомобили. Беше спроведена спасувачка операција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.
Полицијата затвори еден од патиштата до пристаништето Игуменица. Сè е во вода, соопштија пристанишните власти.
Островот Крф е силно погоден од поројни дождови. Патиштата се како реки, што го оневозможува движењето, се жалат жителите на островот.
Многу куќи на приземје, ресторани и продавници се поплавени.
За денес, прогнозите се дека лошото време ќе продолжи, опфаќајќи го поголемиот дел од земјата и егејските острови.
Властите издадоа предупредување за внимателност при возење во областите Солун, Патра и Крит.

