Спорт
„Го молевме и му викавме дека не може“ – потресна исповед на Јелена Ѓоковиќ за деновите кога Новак сакал да го напушти тенисот
Новак Ѓоковиќ бил подготвен да го напушти тенисот пред пет години. Оваа информација во јавноста ја сподели неговата сопруга Јелена Ѓоковиќ.
Во второто коло на Мастерсот во Мајами во 2018 година, Новак Ѓоковиќ многу лесно загуби од Французинот Беноа Пер со 6:3, 6:4 и тој пораз му паднал многу тешко. Во дискусија на „Тик-Ток“ со американскиот новинар Греам Бенсинџер, Јелена Ѓоковиќ го откри најтемниот ден во животот на најдобриот светски тенисер.
Јелена изјави дека честите повреди и паузата во соработката со тренерот Андре Агаси негативно се одразиле на Новак и дека бил исцрпен и му се гадело од тенис.
„По тој меч, Новак сакаше да се откаже од тенисот“ – изјави Јелена Ѓоковиќ во подкастот и продолжи:
„Ги собра сите членови на својот тим и им кажа. Знаете што? Јас завршив! Застанувам! Плачевме и му кажавме дека не може, дека не е вистинското време. Не сакаше да игра тенис, а не сакаше ниту да види како топката оди покрај него“.
Јелена направила се’ за да му помогне на Новак повторно да се заљуби во спортот додека ја гледал како се забавува со децата на теренот.
„Не сакаше да знае ништо за тенисот. Но, јас го сакам тенисот и ги носам моите деца на теренот секој ден. Третиот ден пристигна и Новак. Виде дека се забавуваме и дека тоа не е вежбање на кое тој бил навикнат со години“, вели таа.
Тогаш нешто се вратило во него.
„Новак ме праша дали може да игра и да добие рекет, но јас го одбив. Почнав да го задевам и му реков дека се откажал. Дека сега е наш ред да играме тенис. Потоа почна да игра и рече дека се чувствува добро. Се враќаше секој ден да игра тенис со нас. Конечно, тој го повика својот тренер Маријан Вајда и го замоли да продолжи со тренинзите“, раскажа Јелена.
Недолго потоа Ѓоковиќ беше опериран и без болки се врати на тенис. Се чини дека паузата повторно го фокусираше и оттогаш ги одигра некои од своите најдобри натпревари.
По кризата во 2018 година, Новак додаде уште 12 грен слем титули во својата серија на големи победи. Сега има 24 и како што вели, иако има 36 години, не размислува за пензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Евролигата сака да ја тужи НБА
Челниците на Евролигата ќе ја тужат НБА, објавува „Јурохупс“.
Евролигата официјално ја информираше НБА дека би можела да покрене судска постапка доколку има дискусија за нов проект во Европа со претставници на клубовите кои веќе се обврзале на Евролигата за следните десет години.
Според извори на „Јурохупс“, Евролигата испратила писмо до НБА минатата недела, а сите клубови од Евролигата кои моментално имаат А лиценца се известени.
Овој потег уште еднаш потврдува дека Евролигата и НБА се во битка за европскиот пазар, времето ќе покаже дали ќе се случи нешто драматично во наредните месеци.
Одржан е состанок на акционерите на Евролигата, каде што на Реал Мадрид, Барселона и Асвел им беше наредено да донесат одлука за својата иднина, а се верува дека Фенербахче е исто така во таа група тимови кои не потпишаа нови лиценци.
Рокот што го поставија акционерите на Евролигата за целосна посветеност на натпреварувањето истекува во петок, па одговорите би можеле да дојдат во следните денови.
Сепак, треба да се напомене дека, законски, според важечките договори, клубовите можат да потпишуваат нови лиценци до 30 јуни 2026 година.
Се верува дека Барселона и Фенербахче ќе потпишат порано или подоцна, додека Реал Мадрид останува енигма, додека деновите на Асвел во Евролигата се избројани.
Спорт
(Видео) Дончиќ броеше до 42, Лејкерси паднаа кај последнопласираниот тим на Западот
Лос Анџелес Лејкерс претрпеа пораз во Сакраменто од последно пласираниот тим во Западната конференција, Кингс со 124:112 (32:28, 29:26, 34:29, 29:29).
Лука Дончиќ, одигра импресивни три четвртини, но „згасна“ во последната, што придонесе за поразот на „езерџиите“. 26-годишникот од Љубљана постигна 42 поени (16/25 од поле, 2/9 за три и 8/8 од поле) со седум скока, осум асистенции и четири украдени топки.
Сепак во последната четвртина постигна само два поени во четвртата четвртина. Ова беше трет пораз по ред за Лејкерс, претенденти за место во плејофот. Од друга страна Сакраменто ја забележа 10-та победа во 40-тио меч од почетокот на сезоната.
Искусниот Демар Дерозан (6 аситенции) ги предводеше Кингс до неочекувана победа со 32 поени без ниту еден шут од три поени (14/19 од поле и 4/5 од поле). Го следеше Малик Монк со 26 поени и осум асистенции, додека Расел Вестбрук го заврши натпреварот со 22 поени, пет скока и седум асистенции.
Резултати:
Кливленд – Јута 112:123
/Гарланд 23 – Џорџ 32/
Индијана – Бостон 98:96
/Сијакам 21 – Причард 23/
Торонто – Филаделфија 102:115
/Квикли 18 – Мекси 33/
Далас – Бруклин 113:105
/Флег 27 – Портер Џуниор 28/
Лос Анџелес Клиперс – Шарлот 117:109
/Ленард 34, Харден 32 – Бол 25/
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) „Помалиот“ клуб од Париз го елиминира ПСЖ од Купот на Франција
Фудбалерите на Пари Сен Жермен, во 1/16-финалето доживеаја елиминација од Купот на Франција, што, само по себе, претставува вистинска сензација.
„Џелатот“ на европските шампиони и беше градскиот ривал, Париз ФК, чиј стадион е оддалечен само 20 метри од „Паркот на принцовите“.
Интересно е што овие два тима одиграа натпревар од Лига 1 на истото место пред осум дена и тогаш „светците“ победија со 2:1, но сега помалку познатиот тим од „градот на светлината“ беше подобар со минимален резултат – 0:1.
Единствениот гол на натпреварот го постигна Џонатан Иконе, напаѓач кој беше принуден да влезе во игра во 40-та минута, наместо повредениот Гори.
Во 74-та минута, по додавање од Кебала, Иконе им донесе предност на гостите, на што ПСЖ немаше одговор.
Иако Луис Енрике ги имаше на теренот Хвича Кварацхелија, Бредли Баркола, Гонзало Рамос, Фабијан Руиз, Витиња, Усман Дембеле и Дезире Дуе од 65-та минута, никој не успеа да најде пат до мрежата.
Foto/ EPA

