Култура
„Гласови што дават сила“: Кинематограферките ги открија предизвиците на нивните филмски патувања
Филмската индустрија е сурова кога станува збор за баланс меѓу работата и семејството. А да се има деца не е само женска работа, туку е човечка работа. Кинематографијата е тешка професија, во која мора да веруваш, ако сакаш да успееш.
Ова се само дел од заклучоците кои денеска ги изнесоа шест познати и признати светски кинематограферки, кои на тркалезна маса во киното „Манаки“ зборуваа за нивните патувања, предизвиците и за триумфите кои ги имале работејќи ја оваа професија.
На настанот зборуваа осум извонредни директорки на фотографија, меѓу кои Елен Лотман, поранешна претседателка на ИМАГО и актуелна претседателка на естонското друштво на кинематографери, потоа, Ерика Адис, кинематограферка и режисерка, претседателка на австралиското друштво на кинематографери, Бојана Андриќ, претседателка на ИМАГО и на српското друштво на кинематографери Гертрурд Бејлот од франсуското друштво на кинематографери, потоа, Селин Бозон, поранешна претседателка на француското друштво на кинематографери, Ула Понтикос, претседателката на британското друштво на кинематографери. Меѓу панелистките беше и снимателката Агнешка Селига, а настанот го модерираше македонскиот директор на фотографија и продуцент, Самир Љума.
-Кога започнував со оваа професија пред дваесетина години, јас бев најмлада на сетовите. И сите други мои колеги беа мажи. Тогаш сфатив дека ова ќе биде тешка професија, рече Селин Бозон пред присутните.
Нејзината австралиска колешка Ерика Адис, се потсети на првиот филм снимен пред некоку децении.
-Филмот се вика „Брезен хасис“ и е филм за феминизмот во 1968 година. Тоа беше фантастичен проект. Во Бризбен имаше коментари ос типот, како е возможно дваесетгодишнички да знаат каков бил феминизмот во 1968 година. Сепак, тоа е приказна на која сум посебно горда и за која бев многу возбудена, рече Адис.
Некои од панелистките се мајки и тие зборуваа за балансот меѓу мајчинството и кинематографијата, нешто што не е лесно да се менаџира и во исто време бара многу време и посветување. На оваа тема своето искуство го пренесе кинематограферката Лотман.
-Имам три деца, забавно е. Да се има деца не е само женска работа, туку е човечка работа. Филмската индустрија е сурова кога станува збор за баланс меѓу работата и семејствтото. Секогаш ги носам децата на сет, не сакам да бидат дома и сами. Кога тие се среќни, тоа ми е најважно. Кога го родив третото дете и бев на интервју за работа со луѓе кои не ги познавав, морам да кажам дека тие беа мажи и немаа деца. Син ми Артур тогаш имаше три месеци и го однесов и него на интервјуто. Исто така, во животот искусив и работа како „нормална личност“, кога работев во училиште за филм. Но, сфатив дека сум подобар родител кога правам филмови. Кога снимам, сум најкул родител. Кога ја добивме ќерката, нашето прво дете, ја носевме секаде со нас. Немаше разделба, таа гледаше дека ова е мојата професија. Кинематографијата не е воопшто лесна, но е мошне вредна, оцени Лотман.
Снимателката Агнешка Селога, пак, кажа дека на еден сет во една прилика, некој ја прашал дали ѝ недостасува ќерка ѝ.
-Во тој момент јас сфатив дека сум заборавила дека имам ќерка. Го заборавив фактот дека сум мајка, низ смеа кажа Селига.
Кинематограферката Бизон кажа дека има две деца но дека се разделиле со партнерот.
-Во тој момент прашањето беше, дали да продолжам да се бавам со кинематографија. Решив да продолжам. Мораш да продолжиш и да веруваш во она што го правиш, иако знаеш дека не е лесно, рече таа.
Српската кинематограферка Бојана Андриќ кажа дека верува во менторството како дел од процесот на учење на оваа професија.
-Мојот професор кој има работено на 70 филмови, виде дека мојата енергија е комплетно внесена во филмот. Јас му кажав дека филмот е мојот живот и дека тоа е мојата определба, кажа Андриќ.
Модераторот Љума се осврна на фактот дека во Македонија е мал бројот на кинематограферки.
-Се надеваме дека промените ќе дојдат. Кај нас имаме две дипломирани кинематограферки, жал ми е да кажам дека една од нив никогаш не добила шанса да сними филм, рече тој.
Српската директорка на фотографија Андриќ, истакна дека од земјите во поранешна Југославија, Словенија нема ниту една жена кинематограферка, иста е ситуацијата и во Хрватска, во Босна и Херцеговина има две жени, но се телевизиски кинематограферки, во Србија има четири.
-Многу е сиромашна статистиката на Балканот, констатираше Андриќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

