Култура
Наум Доксевски, кинематографер на „Домаќинство за почетници“: Со Горан бевме согласни дека најважно е да ја доловиме емоцијата на платното
На денешната прес –конференција екипата на филмот „Домаќинство за почетници“, кој беше прикажан на свеченото отворање на 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ проговори за текот на снимањето, раѓањето на идејата за филмот, соработката на снимањето, кастингот…
Марија Димитрова, продуцентката на филмот рече дека за неа било предизвик да се работи на него бидејќи со Горан Столевски и со останатите копродуценти на филмот се бореле да ги добијат најдобрите автори.
-Работевме со извонредни автори, извонредна актерска и техничка екипа и се водевме од тоа како Горан го замислува филмот, а потоа што треба да испорачаме кон фондовите. Мислам дека завршивме одлична работа, рече Димитрова и посочи дека филмотќе се прикажува на фестивалите во Будан и во Лондон.
Благоја Куновски Доре посочи дека Столевски и Доксевски веќе успешно функционираат како тандем и дека добро соработуваат со интернационална актерска екипа.
-Атмосферата која владееше на снимањето уште од првите сцени беше спонтана и релаксирана, актерите се движеа слободно, многупати и не знаеја каде се наоѓа Наум додека снима, но беа уверени дека што и да прават, тоа ќе биде уловено од неговата камера. Токму во тоа е мајсторството на Доксевски. Целата слика на амбиентот во кој снимавме наликуваше на делата на Караваџо и делуваше филмично и пред да почнеме да снимаме. Не може да постои таква семејна атмосфера пред камерата доколку не постои зад камерата, рече Столевски на денешната прес конференција.
Селекторот на главната селекција, Слаѓан Пенев и се заблагодари на целата екипа за филмот кој придонесе за прекрасното отворање на Фестивалот и посочи дека чувството кај гледачот додека го следи филмот е како да е и самиот внатре, во дејствието.
-Многу лесно се разбиравме со Горан. Се што тој ќе посочеше дека сака да постигне, се фаќав дека и јас истото сум го помислил во тоа време и сега од оваа дистанца дури ми изгледа чудно сето тоа. Бевме согласни дека треба едноставно да ја зграпчиме емоцијата која е најважна да ја доловиме на платното. Идејата беше да имаме еден натурален пристап и да претставиме атмосфера која нема да создава бариера меѓу гледачот и дејствието. Темпото на работа беше динамично и брзо, но го прифативме бидејќи мислевме дека тому таа енергија ќе се почувствува на платното, рече кинематограферот Наум Доксевски.
Филмот се снимаше минатата година во Скопје, а улогите ги толкуваат: Сара Климоска, романските актерки Ана Марија Маринка и Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа, Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово, но и други професионални и непрофесионални актери од Македонија.
Селекторот Пенев рече дека Самсон, Ајше и Џада извонредно ги одиграле улогите, а самите актери потврдија дека имале прекрасна атмосфера, функционирале како семејство и за нив ова е незаборавно искуство.
-Трет пат соработувам со Горан Столевски и мислам дека тој навистина умее да го извади од актерот најинтуитивното, да не создава лажен свет на сетот, туку не пушта сами да се забавуваме и да играме. И тогаш глумците се најдобри, изјави Сара Климоска. Роза Трајческа-Ристовска е костимографка, Александара Чевреска е арт директорка, Горан Игњатовски е маскер. Ана Жежничек од Полска е сценографка, Леонора Мехмети Хоџа од Косово е дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска се композитори, Зоран Максимовиќ од Србија е снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија е дизајнерка на звук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.