Регион
(Фото) Познат идентитетот на напаѓачите убиени во Косово

Потврден е идентитетот на тројца убиени напаѓачи, кои учествуваа во нападот на косовската државна полиција пред два дена, при што беше убиен и еден полицаец.
Според косовските медиуми, станува збор за Игор Миленковиќ, Бојан Мијаиловиќ и Стефан Недељковиќ, сите тројца од Звечан, а идентитетот на четвртиот напаѓач засега не е познат.
Миленковиќ (50) е татко на две деца, а работел како возач на брзата помош во Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица, засега не се познати информациите за тоа што правеле Мијаиловиќ и Недељковиќ (31), пренесува „Кликс.ба“.
Претходно, беше соопштено дека при претресот по завршувањето на акцијата на косовската полиција, во манастирот окупиран од терористите се пронајдени документи на Милан Радоичиќ, познат криминалец од американската црна листа. Еден косовски полицаец загина, а двајца се ранети во напад на Србите врз косовската полиција, што се случи на северот на оваа земја.
Престрелката се случила во местото Бањска. Косовската полиција наведува дека нивни припадници биле нападнати кога забележале блокада на патот. Кога косовската полиција ја стави ситуацијата под контрола, премиерот Аљбин Курти објави дека кај уапсените е пронајдено огромно количество воено оружје, со кое планирале напади врз косовските институции.
Како што нагласи Курти, полицијата запленила стотина пушки, но и муниција.
„Во денешната операција против вооружените терористи, косовската полиција заплени стотици пушки и муниција, вклучително и тешка воена опрема, како што се митралези, гранати и друго. Нашата полиција останува во тесна соработка со КФОР и ЕУЛЕКС. Акцијата е во тек“, рече Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црногорец се јавил кај службеничка во Пошта и и’ се претставил како директор – измама за 19.000 евра

Вработена во Пошта на Црна Гора била измамена за 19.000 евра откако добила телефонски повик од лице кое лажно се претставило како генерален директор на таа институција.
„Измамникот и наредил на вработената да го собере дневниот пазар, да го стави во плик и да му го предаде на таксистот кој наводно ќе дојде да ги собере парите. Работничката ги следела упатствата, но набрзо сфатила дека е измамена и ја известила полицијата“, јавуваат медиумите.
Припадниците на полицијата од Подгорица и Даниловград со брза акција го идентификувале и привеле Н.М.(31) од Даниловград. Кај него биле пронајдени дел од парите, додека остатокот, како што се сомневале, ги потрошил во обложувалници.
Против осомничениот е поднесена кривична пријава за измама.
Регион
Бугарија доби нов американски авион

Бугарија денеска официјално го презеде во оперативна служба својот прв повеќенаменски борбен авион Ф-16 блок 70, јавува „Анадолија“. Церемонијата се одржа во воздухопловната база Трета Граф Игнатиево.
На настанот учествуваа бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов, началникот на Генералштабот, адмирал Емил Ефтимов, заменик-помошникот на американскиот секретар за одбрана за НАТО и европски прашања Дејвид Бејкер, вршителот на должноста амбасадор на САД во Бугарија Сузан Фалатко и извршниот директор на Локхид Мартин, Мајкл Шумејкер.
Тоа е еден од двата авиони што САД и ги доставија на Бугарија како дел од поширокиот договор за одбрана. Ќе бидат испорачани вкупно 16 F-16 Block 70, според двата договори потпишани во 2019 и 2022 година.
Моделот F-16 Block 70 е опремен со напреден радар, автоматски систем за избегнување судир на земја (Auto GCAS) и подобрен дисплеј во кокпитот. Опремата овозможува ефективно извршување на мисиите воздух-воздух и воздух-земја, а влегувањето во флотата дополнително ја приближува Бугарија до стандардите на НАТО.
Министерот Запријанов изјави дека третиот Ф-16 е веќе завршен, но останува во фабриката на Локхид Мартин во САД додека бугарските пилоти не ја завршат обуката.
Новите борбени авиони Ф-16 постепено ги заменуваат старите советски авиони МиГ-28 Фалкрум, кои досега го сочинуваа најголемиот дел од борбената авијација на Бугарија.
Во моментов се во изградба уште пет авиони, а сите осум од првиот договор од 2019 година треба да бидат испорачани до крајот на 2025 година. Вториот договор од 2022 година опфаќа дополнителни осум Ф-16, кои се очекува да бидат испорачани до крајот на 2027 година.
Ф-16 Блок 70 припаѓа на четвртата генерација на повеќенаменски борбени авиони, додека МиГ-29 и Су-25 веќе се оценети како застарени и ограничени во борбените способности.
Регион
Судан ќе го признае Косово, Србија го повика да ја преиспита одлуката

Министерството за надворешни работи на Србија изрази сериозна загриженост поради вчерашната усна одлука на министерот за надворешни работи на Судан за признавање на Косово и рече дека капацитетот на актуелната суданска влада да носи одлуки од клучно значење за меѓународните односи е под знак прашалник.
Во соопштението за медиумите се нагласува дека оваа одлука претставува „грубо кршење на принципите на меѓународното право, Повелбата на ОН и важечката Резолуција 1244 на Советот за безбедност на ОН“ и се повикува владата на Судан да ја преиспита оваа одлука, земајќи ја предвид сложеноста и чувствителноста на ситуацијата.
„Актуелната политичка ситуација во Судан, која се карактеризира со несигурност и недостаток на легитимитет на актуелната влада, ја доведува во прашање валидноста на таквите меѓународни одлуки. Капацитетот на актуелната влада на Судан да носи одлуки од витално значење за меѓународните односи е доведен во прашање, особено во контекст на прашањата за суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите-членки на Обединетите Нации“, се наведува.
Во соопштението за медиумите се додава и дека „оваа одлука не само што е против нормите на меѓународното право, туку ги поткопува напорите за мирно решавање на односите на Балканот“.
„Ја повикуваме Владата на Судан да ја преиспита својата одлука, имајќи ја предвид сложеноста и чувствителноста на ситуацијата“, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.
Тие наведуваат и дека акциите на Србија продолжуваат да се залагаат за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот.
Косовската претседателка Вјоса Османи вчера соопшти дека на средбата на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф ја информирал за одлуката за признавање на Косово, како и за воспоставувањето дипломатски односи.
„Ова е почеток на едно големо партнерство“, објави Османи на својот профил на социјалната мрежа „Икс“.