Македонија
Шаќири: Со размена на искуства државата и регионот забрзано се интегрираат во глобалниот образовен простор

Република Северна Македонија е домаќин на министерската конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа – ERI SEE.
Во следните два дена во Скопје министрите за образование и наука на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, заменик-министерот за образование на Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот, а воедно и експерти од Европската Унија, ќе дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата што треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.
Посакувајќи им добредојде на гостите од другите држави, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, ја отвори конференцијата и изрази очекувања дека ќе бидат разменети позитивни искуства и ќе се усвојат заклучоци што ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.
„Зборуваме за тема која е исклучително важна. Квалитетно високо образование ја зголемува шансата за квалитетно вработување, односно создава добро подготвени кадри, кои лесно се вработуваат на добро платени позиции и одговараат соодветно на обврските. Од друга страна, пак, високообразовниот систем треба да има функција на подобрување на квалитетот во основното и средното образование, така што ќе обезбеди добро подготвен наставен кадар, наставни програми и поврзување на трите нивоа на образование“, рече Шаќири.
Потенцира дека Владата и Министерството за образование и наука посветуваат големо внимание на квалитетот на високото образование, особено во последните неколку години. Како што рече, иако можеби нашите високообразовни установи ги нема на ранг-листите со топ-500 универзитети во светот, сепак политиките што ги креираат со учество на сите засегнати страни очекуваниот ефект ќе го дадат на среден, односно долг рок.
Шаќири рече дека на државата ѝ е потребна поддршка не само од овдешните институции, академската и научната заедница, туку особено важни е искуствата на околните земји и на Европската Унија. Нагласи дека и Северна Македонија има што да сподели на оваа конференција како позитивни практики, особено во делот на грижата кон студентите, поддршката на научните и високообразовните установи за обезбедување нова лабораториска опрема, финансирањето научни проекти од јавен интерес и дигитализацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССНМ го осудува и бара онлајн малтретирањето на новинарката Мирослава Симоновска веднаш да престане

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски го осудува повторувачкото онлајн малтретирање од страна на Зоран Божиновски кој на 14.08.2025 година, ја фотографирал новинарката на Слободен печат Мирослава Симоновска додека седи на јавно место со две обвинителки“, велат од ССНМ.
„Притоа на социјалните мрежи, на крајно недоличен и вулгарен начин истото лице ја клевети Симоновска дека „се пазарела со обвинителките“, а медиумот „Слободен печат“ го нарекува „подземно, милицајско-таблоидна новина“.
ССНМ смета дека станува збор за онлајн малтретирање, кое не е прво и кое што почна претходните неколку денови, по објавен напис на „Слободен печат“ кој потоа беше објавен и на Телма ТВ, а кој воопшто не е авторско дело на Мирослава Симоновска, но во објавите на Божиновски е напаѓана и деградирана, лажно посочувана како авторка на текстот, нарекувана кообвинителка, рекетарка, заедно со медиумот и со обвинителка во предметот.
Сметаме дека тенденцијата да се фотографираат новинари е со цел да се конструира лажен наратив во јавноста, да се предизвика чувство на нелагодност, демнење, сето тоа проследено со невистинити конструкции да се влијае врз нивната работа.
Потсетуваме дека Мирослава Симоновска беше следена и снимана на ист ваков начин во ноември 2024 година од непознато лице додека седи на маса со ќерката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што снимките му беа дадени на тогашниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи од страна на лица задолжени за нејзино следење, за што во ОЈО Скопје има кривична пријава против НН службено лице за неовластено снимање поднесена од Симоновска. ОЈО Скопје го нема расчистено настанот, односно нема откриено кој е тој што неовластено ја снимал и следел Симоновска, иако снимањето се случи во истото кафуле на градскиот Кеј, каде има многу камери. ССНМ бара итно и безусловно решавање на овој предмет и секое пролонгирање ќе го толкува како обид за заплашување на новинарите и дополнителен притисок врз нив, и нивната работа“, се наведува во соопштението на ССНМ.
Македонија
Изминатите два дена 1455 сообраќајни прекршоци на територија на цела држава, 348 за брзо возење

Во текот на изминатите два дена како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализириаат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1455 издадени платни налози дури 145 прекршоци се однесуваат на возачи кои што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Истовремено 20 возачи возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 179 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитен шлем, извести МВР.
„Инаку согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата најмногу прекршоци во текот на викендот 384 се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 343 за недозволено паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани уште 51 возач за некористење сигурносен појас, 31 заради користење мобилен телефон при возење, 27 минале на црвено светло, а седум возачи се санкционирани поради не исполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
Исто така, а согласно Законот за возила, 39 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
ДУИ: Азир Алиу веднаш да поднесе оставка за измамите во Клиничката болница во Тетово

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува јавниот измамнички чин на министерот за здравство, Азир Алиу, кој манипулираше со одлуките за вработувања во Клиничката болница во Тетово, излажувајќи 155 вработени и целата јавност“, велат од ДУИ.
„Вчера сведочевме на скандалозен апсурд: Азир Алиу го демантира Азир Алиу! Најпрво објави дека има вработувања, а потоа ги негираше, со што докажа дека целиот процес бил политичка лага за собирање изборни поени на грбот на граѓаните и здравствените работници.
Не може да се релативизира лагата и измамата. Мора да се отфрли оваа опасна теорија на политичка манипулација, каде што министерот отворено тврди дека работата е завршена, дури обвинувајќи ги другите за лаги, за денес да каже дека ништо не е завршено, но „по пролонгирањето ќе се заврши“. Ова не е одговорна политика, ова е потсмев кон граѓаните.
Ова требаше да биде преседан, но за жал станува секојдневие кај албанските функционери кои без легитимитет опстануваат во Владата, што покажува недостиг на одговорност, недостиг на транспарентност и потценување на граѓаните и цела Северна Македонија. Министерот Алиу ја загуби секоја кредибилност и не може да остане ниту еден ден на чело на Министерството за здравство.
ДУИ бара итна оставка од Азир Алиу! Здравството не може да се води од луѓе кои отворено лажат и си поигруваат со судбината на граѓаните и здравствените работници“, се додава во соопштението на ДУИ.