Европа
Полска е подготвена да побара екстрадиција на нацистот што доби аплауз од канадскиот парламент

Полскиот министер за образование, Пшемислав Чарнек, вчера изјави дека презел чекори за екстрадиција на Јарослав Хунка, 98-годишниот украински нацистички ветеран, кој минатата недела беше почестен од канадските парламентарци. За време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Канада минатиот петок, претседателот на Претставничкиот дом, Ентони Рота, го претстави Хунка како канадско-украински воен херој предизвикувајќи бурни овации од парламентарците.
Почитта резултира со бран критики од еврејските организации и лидери во светот. Хунка беше член на 1. украинска дивизија, позната и како 14-та Вафен-гренадиерска дивизија, која служеше под нацистичка команда во Втората светска војна.
„Со оглед на скандалозните настани во канадскиот парламент, кои вклучуваа и оддавање почест, во присуство на претседателот Зеленски, на член на злосторничка нацистичка формација, презедов чекори кон евентуална екстрадиција на овој човек во Полска“, напиша Чарнек на платформата X.
Во писмото до полскиот Институт за национално сеќавање, тело што ги истражува минатите злосторства против полската нација, Чарнек побара итна истрага за тоа дали Хунка се бара за злосторства против Полјаците со еврејско потекло. Тој додаде дека потенцијалните „знаци за такви злосторства се основа за поднесување барање до Канада за негова екстрадиција“.
Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави за медиумите дека ситуацијата е „екстремно вознемирувачка“ и „длабоко засрамувачка“ за Канада. Оттогаш Рота се извини и рече дека ја презема целосната одговорност за инцидентот и дека поднесува оставка од својата функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Украинците ја нападнаа најголемата рафинерија на рускиот нафтен гигант

Украинските беспилотни летала нападнаа неколку руски нафтени објекти синоќа вклучувајќи ја најголемата рафинерија на „Роснефт“ во Рјазан и складиште за нафта во окупираниот регион Луганск. Веста ја потврди Роберт (Мадијар) Бровди, командант на украинските беспилотни сили, објави „Киев индепендент“.
„Бензинот (во Русија) е при крај, а гасот и нафтата бргу исчезнуваат“, напиша Бровди на социјалните медиуми.
💥 Drones hit a refinery in Russia’s Ryazan, setting it ablaze. Ukraine confirms strikes on both the Ryazan refinery & an oil depot in occupied Luhansk. #MakeRussiaPay pic.twitter.com/PaSlQskXGq
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) September 5, 2025
Жителите на Рјазан, град на 180 километри југоисточно од Москва, им ги пријавија на руските медиуми експлозиите околу 2 часот наутро, проследени со голем пожар што го осветли ноќното небо. Фотографиите и видеата што бргу се проширија на интернет покажаа густ црн чад што се издига од рафинеријата на јужните периферии на градот.
Објектот, со капацитет од 13,8 милиони тони годишно, веќе беше цел на украински беспилотни летала на 2 август кога две од неговите три главни единици беа принудени да се затворат.
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) September 5, 2025
Регионалниот гувернер Павел Малков изјави дека осум дрона биле соборени, а остатоците паднале врз индустриската зона тврдејќи дека немало жртви или штети на станбени згради. Тој не коментира директно за извештаите за пожарот во рафинеријата.
Во меѓувреме, во окупираниот регион Луганск локалните жители пријавија дека виделе црн чад доцна во четвртокот вечерта. Мадјар потврди дека украинските беспилотни летала погодиле складиште за нафта во регионот, иако обемот на штетата сè уште не е познат.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта соборило вкупно 92 украински беспилотни летала.
фото: принтскрин
Европа
Руски дрон уби двајца мажи и една млада жена во Украина

Во напад со руски беспилотни летала загинаа три лица во регионот Харков во источна Украина, изјави синоќа гувернерот Олег Синегубов.
„Околу 21:30 часот по локално време, Русите го нападнаа селото Хотимља со беспилотни летала“, напиша тој на Телеграм. Во нападот загинаа двајца 40-годишни мажи и една 25-годишна жена, рече тој. Двајца други мажи се исто така повредени и хоспитализирани.
Украина: Жртвите работеле на поправки на патишта
Синегубов, исто така, рече дека некои од жртвите работеле на поправки на патишта.
Претходно во четврток, двајца украински деминери беа убиени за време на руски напад во северна Украина, во област што руските сили ја окупираа на почетокот на инвазијата, објавија украинските власти и една невладина организација.
Руското Министерство за одбрана, од своја страна, извести за „уништување на точка за подготовка и лансирање на беспилотни летала со долг дострел што им припаѓаат на украинските вооружени сили во регионот Чернигов“, негирајќи дека жртвите биле хуманитарни работници.
Неколку предупредувања за воздушни напади беа издадени во Украина синоќа по самитот на Коалицијата на волните во Париз.
фото: принтскрин
Европа
26 земји се согласија да испратат војници во Украина; Русија: Не може

Странските воени контингенти не може да обезбедуваат сигурносни гаранции за Украина и треба да се заврши многу работа пред да се одржи состанок на високо или највисоко ниво меѓу Москва и Киев за решавање на конфликтот во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинската агенција РИА во четвртокот.
Во четвртокот 26 земји ветија дека ќе обезбедат повоени безбедносни гаранции за Украина, што вклучува меѓународни сили на копно, на море и во воздух.
„Може ли безбедносните гаранции на Украина да бидат обезбедени и дадени од странските, особено европски и американски воени контингенти? Дефинитивно, не, не може“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската државна новинска агенција РИА на маргините на Источниот економски форум во Владивосток. „Ова не може да послужи како безбедносна гаранција за Украина, што би била прифатлива за нашата земја“, рече тој.
И покрај обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да најде решение за конфликтот, се чини дека нема крај на повидок на војната што Русија ја почна со целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Кремљ: Сè е содржано во договорот од Истанбул 2022 година
Песков исто така изјави за РИА дека сите потребни безбедносни гаранции за Украина се содржани во одредбите од договорот постигнат на мировните преговори во Истанбул 2022 година.
Според Рамковниот договор од Истанбул, Украина ќе се откаже од амбициите за НАТО и ќе усвои неутрален статус без нуклеарно оружје. За возврат ќе добие безбедносни гаранции од САД, Русија, Кина, Велика Британија и од Франција. Песков исто така изјави за РИА дека Москва е задоволна од сегашното ниво на претставници на разговорите меѓу Русија и Украина.
„Пред состанокот на високо или највисоко ниво треба да се заврши огромна количина, да речеме, работа за решавање мали проблеми, мали технички проблеми, кои заедно го сочинуваат целиот процес на решавање“, рече тој.
фото: принтскрин