Економија
Се намалуваат давачките за увоз на овошје и зеленчук, одлучи Владата

Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки и допрецизирања на одлуки, со цел заштита на животниот стандард на граѓаните.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе неколку одлуки и измени и на одлуки.
Донeсена е Одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки.
Со оваа одлука се предлага времено намалување на увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки при увоз на: домат – свеж или разладен, краставици и слатки и лути пиперки. Целта е намалување на цените на овие производи.
Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат од 1 декември 2023 година до 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Владата донесе Одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук, со којашто се прецизира за кои видови свеж зеленчук се намалуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки. Тоа се: кромид, моркови, репка, модар патлиџан, тиквички, праз, карфиол и брокола, зеленчук за салата, главичеста салата и друга салата (освен зелена салата). Целта на одлуката е намалување на цените на овие прехранбени производи.
Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат заклучно со 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Владата донесе Одлука за изменување на одлуката за посебните услови за трговија на одделни стоки, опрелување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат одделни видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед. Со измените е овозможено, со посебна одлука, да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот, којашто се ограничува во вкупен износ до 10% во трговијата на големо и во вкупен износ до 15% во трговијата на мало. А денешната одлука е и во насока на измена на референтната цена на белиот ориз во пакување од 900 гр до 1 кг и свежи јајца од кокошка, при што како референтна цена се утврдува цената на 15 септември 2023 година, наместо 1 август 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година.
Владата донeсе и Одлука за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени. Со одлуката се укинуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки за: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, при што е зголемена квотата на 2 тона јужно овошје, кое времено ќе се увезува без царински давачки. Целта и со оваа одлука е намалување на цените на овие производи. Количината на овие производи е предвидено да се распределува на регистрираните увозници на овошје по принципот „прв дојден прв услужен“, а стоките согласно оваа одлука е предвидено да се увезуваат заклучно со 31 декември 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Владата, на предлог на Министерството за финансии, донесе нова Oдлука за определување на добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Со оваа одлука поблиску се определуваат добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Односно, ако претходно за сите производи на листата производи се применуваше иста повластена стапка, сега е предвидена најниска повластена стапка на ДДВ за основните прехранбени производи.
Повластената стапка на данокот на додадена вредност значи и натаму ќе се применува врз прометот и увозот на повеќе видови месо: говедско, свинско, овчо (свежо, разладено, замрзнато); повеќе видови месни производи; риби (живо, свежи, разладени, замрзани); леб, шекер, сол, масло од сончоглед и некои други масла за јадење, млеко и павлака, јогурт, кисело млеко, сирење, урда, путер, маргарин, како и компир и повеќе видови зеленчук (неварен, варен, сушен) и овошје (свежо, неварено, варено, замрзнато), јатчесто овошје. Со одлуката се опфатени и семиња за сеидба и ѓубрива.
Со денешната владина одлука, листата на производи што подлежат на повластена стапка на ДДВ е дополнета и со електронски/дигитални учебници и пелети.
Со денот на влегувањето во сила на оваа Одлука престанува да важи Одлуката за определување на добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 293/21). Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови правила за одобрување возила од 1 септември

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) одржа работен состанок со над 40 овластени застапници и импортери на возила во Македонија.
На средбата присуствуваа министерката Сања Божиновска, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, претставници на Биро за метрологија и Царината како и професорот Дарко Данев кој ги презентираше измените во постапките за одобрување на возила, кои ќе стапат на сила од 1 септември 2025 година.
Овие измени се однесуваат на постапките за: одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.
Клучната промена е тоа што, по 17 години од донесувањето на Законот за возила, истиот конечно ќе почне да се применува согласно европските стандарди.
„Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и импортерите, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани“, изјави министерката Божиновска.
Клучни промени во постапките за одобрување на возила:
· Одобрување на тип на возило за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку.
· Единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во РСМ и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија. Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во РСМ немаат потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба.
· Импортерите имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постоиевропско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила за кои немаат возила не постои одобрение на тип во РСМ или не постои одобрение на тип во ЕУ, импортерите немаат обврска да ги издаваат потврдите, ваквите возила ќе обезбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.
· Грубата пресметка вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат и тоа најголемиот дел од средствата оделе кај странски компании на кои им се плаќало – процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.
· Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка.
· Цените на услугите од Биро за метрологија ќе се регулираат со нов правилник.
· Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.
Министерството нагласува дека соработката со застапниците е клучна за успешна примена на Законот и изграден функционален систем на доверба.
„Градиме партнерски однос со импортерите како клучен елемент во процесот на усогласување со европските стандарди. Граѓаните треба да се чувствуваат заштитени и поддржани при секоја постапка за одобрување на возила“, додаде министерката Божиновска.
Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.