Европа
Повеќе од 2.500 мигранти загинаа или исчезнаа на Медитеранот оваа година

Повеќе од 2.500 мигранти загинале или исчезнале од почетокот на годината обидувајќи се да стигнат до Европа преку Средоземното Море, изјави во четвртокот претставник на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.
„Со 24 септември повеќе од 2.500 луѓе се пријавени за мртви или исчезнати од почетокот на годината, што е зголемување за речиси 50 отсто во споредба со 1.680 лица во истиот период во 2022 година“, рече Рувен Меникдивела, директор на канцеларијата на УНХЦР во Њујорк, за време на состанокот на Советот за безбедност посветен на мигрантската криза на Медитеранот.
„Животите се губат и на копно, далеку од вниманието на јавноста“, инсистира таа.
„Патувањето од Западна Африка или Источна Африка и Рогот на Африка до Либија и точките на поаѓање на брегот останува едно од најопасните во светот“, рече.
„Бегалците и мигрантите што патуваат по копнени патишта од супсахарска Африка ризикуваат смрт и сериозни прекршувања на човековите права на секој чекор“.
Според објавените бројки, во периодот од 1 јануари до 24 септември 2023 година, вкупно 186.000 мигранти пристигнале во Јужна Европа (Италија, Грција, Кипар и Малта), од кои 130.000 во Италија, што е зголемување од 83 отсто годишно во споредба со истиот период во 2022 година.
Што се однесува до земјите на поаѓање, меѓу јануари и август 2023 година повеќе од 102.000 мигранти се обиделе да го преминат Медитеранот од Тунис, а 45.000 од Либија. Од тој број, 31.000 се спасени на море или пресретнати и истоварени во Тунис, а 10.600 во Либија, додаде таа.
Осврнувајќи се на неодамнешните масовни пристигнувања на италијанскиот остров Лампедуза, директорот на канцеларијата на УНХЦР во Њујорк истакна дека Италија „не може сама да одговори на потребите“ на овие мигранти.
Таа го повтори повикот за „воспоставување регионален механизам за истоварување и прераспределба“ на луѓето што пристигнуваат по море, што е контроверзно прашање меѓу земјите членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Макрон тужи американска конзервативка, која тврди дека Брижит е маж

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит поднесоа тужба против Американката Кандис Овенс поради тврдење дека првата дама на Франција е, всушност, маж.
Тужбата е поднесена во американската држава Делавер и содржи 22 точки од обвинението, а двојката бара парична отштета за клевета и отштета.
Кандис е конзервативна авторка, водителка, политички коментатор и активистка. Таа е позната по својата активна поддршка на Трамп за време на неговиот последен мандат. Сепак, неодамна јавно се дистанцира од него. Таа постојано изјавуваше дека тој ја разочарал и дека сега „се срами што некогаш го поддржувала“. Таа ги критикува неговите политички потези и го обвини дека ги предаде принципите што тој вети дека ќе ги брани.
Според адвокатот на Макрон, Том Клер, францускиот претседател и неговата сопруга повеќе од една година безуспешно се обидуваат да ја спречат Овенс, која шири теории на заговор за Брижит на социјалните медиуми и на „Јутјуб“.
Во март оваа година Овенс објави видео со наслов „Дали првата дама на Франција е маж?“, кое беше масовно споделувано на платформата „Икс“. Во него таа тврдеше дека тоа е „најголемиот политички скандал во историјата“.
Потоа таа продолжила да објавува содржини за Брижит вклучувајќи серија видеа наречени „Станувајќи Брижит“. Таа исто така продавала маички со слогани што ја промовираат теоријата, според тужбата. Емануел и Брижит тврдат дека Овенс била повеќе пати замолувана да престане да ги изнесува овие тврдења и ѝ дале докази дека Брижит е родена како жена по име Брижит Троње, дека не е во роднинска врска со Емануел Макрон и дека тие не се под никакво влијание, како што инсинуира Овенс.
„Ова не е само политички удар. Ова е лично. И двајцата се човечки суштества, имаат брак, семејства и чувства. И ова ги засега“, изјави адвокатот Клер за Си-ен-ен.
Во тужбата се тврди дека Макрон и неговата сопруга претрпеле сериозни штети – нивната приватност, углед и деловните можности биле нарушени. „Секојпат кога ќе ја напуштат куќата, тие знаат дека многу луѓе веруваат во овие лаги. Тоа е понижувачки, инвазивно и, едноставно, неправедно“, се вели во документот.
Овенс сè уште продолжува
Кога дознала за тужбата, Овенс се појавила на „Јутјуб“. Таа објавила видео, во кое, меѓу другото, рекла дека е подготвена да ја добие оваа војна. „Мажот Брижит очигледно има многу храброст“, рекла таа.
Таа исто така објави фотографија од двојката Макрон на „Инстаграм“ со порака: „Денес ќе ја земам оваа перика. Останете со мене“. Подоцна, на „Јутјуб“ изјави дека тужбата е „очаен обид да се спаси нејзиниот имиџ“.
Брижит Макрон се соочила со слични обвинувања и претходно – во 2022 година таа тужеше две жени во Франција, кои ширеа слични дезинформации. Првично ја доби пресудата, но случајот сега е вратен на повисок суд.
Фото: принтскрин
Европа
(Видео) Се урна патнички авион во Русија

Авион „ан-24“ на „Ангара ерлајнс“, со најмалку 40 патници, се урна во руската област Амур, на далечниот исток од земјата.
Остатоците од патничкиот авион се пронајдени на 15 километри од Тинда, планираната дестинација. SHOT објаснува дека хеликоптерот за пребарување не можел да слета во близина на местото на несреќата, па затоа спасувачите ќе мора да стигнат таму пеш.
✈️🚨 Passenger plane crashes in Russia’s Amur region — over 40 people on board
A Soviet-made Antonov An-24 aircraft operated by Angara Airlines disappeared from radar near the town of Tynda while attempting a second landing approach. Emergency crews later found the burning… pic.twitter.com/MOO08NTbEP
— NEXTA (@nexta_tv) July 24, 2025
„РИА новости“, повикувајќи се на извори, пишува дека, според прелиминарните податоци, нема преживеани.
Гувернерот на регионот, Василиј Орлов, изјави дека, според прелиминарните податоци, во авионот имало 43 патници, меѓу кои пет деца и шест члена на екипажот.
Министерството за вонредни ситуации го процени бројот на луѓе во авионот малку помал, на 40-ина.
Фото: принтскрин
Европа
Авион со 50 патници исчезна над Русија

Руската контрола на воздушниот сообраќај објави дека изгубила контакт со патнички авион „ан-24“, во кој се наоѓале 50-ина лица, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на руски извори.
Според информациите од порталот SHOT, авионот, управуван од авиокомпанијата „Ангара“, летал кон градот Тинда, во регионот Амур, на крајниот исток од Русија, во близина на границата со Кина.
Се верува дека авионот исчезнал само неколку километри пред неговата дестинација.
Регионалниот гувернер Василиј Орлов изјави дека, според прелиминарните податоци, во авионот имало 43 патници, меѓу кои пет деца и шест члена на екипажот.
„Сите расположиви сили и ресурси се насочени кон потрага по авионот“, напиша тој на „Телеграм“.
Фото: принтскрин