Забава
(Видео) Мик Џегер: Каталогот на бендот нема да им го оставам на децата, што ќе им се 500 милиони долари
„Не можете секогаш да го добиете она што го сакате“ (You Can’t Always Get What You Want), гласи насловот на една песна на „Ролинг стоунс“, а се чини дека со ова се согласува и фронтменот на легендарниот бенд, кој навести дека каталогот на „Ролинг стоунс“ може да оди во добротворни цели наместо да им го остави на своите деца.
Во интервју за „Волстрит џурнал“, Мик Џегер, вели дека не планира да го продаде каталогот со песни на бендот од периодот по 1971 година навестувајќи дека, наместо тоа, би можел да го донира за добротворни цели.
„На моите деца не им требаат 500 милиони долари за да живеат добро“, вели славниот музичар. „Ако биде дониран за хуманитарни цели, можеби ќе направи нешто добро за светот“.
Џегер има осум деца. Најстариот има 52, а најмладиот шест години. Најстариот син Карис го доби во 1970 година кога беше со актерката Марша Хант. Ќерката Џејд (51) ја доби една година подоцна со поранешната сопруга Бјанка Џегер.
Тој има четири деца со актерката Џери Хол – ќерките Елизабет (39) и Џорџија Меј (31) и синовите Џејмс (38) и Габриел (25). Лукас (24) се роди додека беше во врска со манекенката Лусијана Гименез Морад, а во 2016 година го доби своето најмало дете Деверо со кореографката и поранешна балерина Мелани Хемрик.

Во истото опширно интервју Џегер препознава сличности меѓу сопственичките проблеми што Тејлор Свифт ги имаше со својата издавачка куќа и раната музика на „Ролинг стоунс“. Имено, бендот сè уште ги нема авторските права на некои од своите најголеми хитови.
„Порано индустријата беше во зародок, немаше доволно луѓе да ве советуваат како што има сега. Но, сè уште се случува. Погледнете што се случи со Тејлор Свифт. Навистина не ги знам деталите, но очигледно не била среќна“, вели Џегер.
„Ролинг стоунс“ на почетокот на овој месец го објави The Hackney Diamonds, прв албум по 18 години. Бендот ја објави и песната Angry, која исто така се наоѓа на албумот, а деновиве обелодени и дел од песната што ја снимија со Лејди Гага и Стиви Вондер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

