Регион
Пилотот на хеликоптерот што се урна во Грција пронајден мртов во морето: се наоѓал на длабочина од 52 метра

Пилотот на хеликоптерот што се урна во морето во четвртокот наутро на север од грчкиот остров Евија е пронајден мртов.
Според „Прототема“, крајбрежната стража го извлекла од морето во петокот наутро.
Неговото тело било на длабочина од 52 метра, внатре во трупот на хеликоптерот.
Хеликоптерот „А-109“, како што потсетува медиумот, полетал вчераутро од хелиодромот во Афидна, а требало да слета во Мантудија на Евија. Хеликоптерот слетал во 9 часот по локално време и повторно полетал во 10.13 часот од Мантуди. Набргу исчезнал од радарот.
Иако на списокот на патници е наведен само пилотот, се сомнева дека во авионот имало уште едно лице по кое се трага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрват загина во Украина: „Тој го користеше сопственото тело за да ги заштити своите другари во последните моменти“

Тони Херцег, Хрват од Босна и Херцеговина и офицер на француската армија, загина на 6 мај во Луганск, Украина. Дипломатски извори за РТЛ неофицијално потврдија дека Тони имал и хрватско државјанство, пишува „Индекс.хр“.
Се наведува дека Херцег се истакнал како офицер во мировните мисии ширум светот, а неговите соборци сведочат дека во последните моменти со своето тело ги заштитил припадниците на единицата со која командувал и ги спасил ранетите од непосредна смрт.
Херцег е внук на поранешниот премиер на Херцеговско-неретванската жупанија, Невенко Херцег, пишува „Херцеговина.инфо“. Потекнувал од херцеговско семејство кое било населено во Лион, Франција од воените години во Босна и Херцеговина, а бил професионален војник во француската армија. Не е прецизирано дали станува збор за Легијата на странците, но се знае дека после тоа се приклучил на 3-та ударна бригада на украинската армија, пишува тој портал.
Ќе биде погребан во Загреб.
Третата посебна јуришна бригада на вооружените сили на Украина беше формирана во 2022 година како дел од пошироката реорганизација на волонтерски единици во редовната армија. Бригадата стана позната по својата улога во најинтензивните битки – од Бахмут и Авдијивка до регионот Луганск. Нејзините членови се обучени за урбана борба, чистење ровови и брзо маневрирање на линијата на фронтот.
Иако формално е под команда на украинската армија, бригадата наследи дел од структурата и персоналот на баталјонот Азов, кој стана дел од Националната гарда. На чело на бригадата е Андриј Билецки, поранешен командант на Азов.
Регион
Лептоспироза во Сараево? Лекарите примиле десет пациенти со сомнителни симптоми

Инфективната клиника при Клиничкиот центар во Сараево во последните денови лекувала десет пациенти со симптоми што укажуваат на лептоспироза, пренесува „Кликс.ба“ од неофицијални извори.
Првите случаи се регистрирани во сараевската општина Нови Град, каде што граѓаните почнале да се јавуваат кај лекарите со висока температура, силен замор и покачени воспалителни и хепатални параметри. Неофицијално, болеста се проширила во овој дел од градот преку водата.
За да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата, во моментот се спроведува пролетна дератизација во општините Нови Град, Центар и Илиџа. Во исто време, интензивирани се контролите врз управителите на згради, пазарите и јавните површини.
Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодачи. Инфекцијата се јавува кога бактериите влегуваат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).
Симптомите вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање, а во тешки случаи може да се појави оштетување на црниот дроб и бубрезите и воспаление на мозокот (менингитис). Нелекуваната лептоспироза може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Експертите советуваат да се избегнува контакт со потенцијално контаминирани површини, да се користи заштитна опрема во области со висок ризик и редовна контрола на штетници и хигиена.
Здравствените институции ги повикуваат граѓаните да обрнат внимание на можните симптоми и веднаш да се обратат на лекар доколку се сомневаат.
Регион
Земјотрес во Хрватска, почувствуван и во БиХ и во Црна Гора

Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа на јужна Хрватска во близина на Дубровник во текот на ноќта, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Според податоците од Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC), епицентарот на земјотресот бил во 00:52 часот на длабочина од 1 километар, 73 км западно од Подгорица и 20 км од Требиње.
Потоа, следеа два послаби земјотреси со јачина од 1,5 и 1,6 степени според Рихтеровата скала во областа на Риека, според EMSC.
Не се пријавени штети од овие земјотреси.