Македонија
Млекото со афлатоксин се враќа во Србија, Трипуновски лажно шири паника, велат од АХВ
Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации. Граѓаните да бидат спокојни, „канцерогено“ млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница тоа се враќа во Република Србија во согласност со законски дефинираните процедури, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавност, дека граѓаните во земјата пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот за јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година, кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко што се увезува во земјата, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од Агенцијата.
Според нив, мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање задоволителен резултат од тестирањата.
„Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците.
Веста на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не е стасано во прометот“, се истакнува во реакцијата од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јанков од партијата Левица: Скопјани ќе платат 40 милиони дури и да нема снег
Советникот од Левица, Андреа Јанков, на седницата на Советот на Град Скопје предупреди дека предложената Програма за зимско одржување на магистралните и собирните улици за 2025 и 2026 година содржи сериозни нелогичности и финансиски ризици по градскиот буџет.
„Имено, во програмата се појавува измислен параметар од 4,8 ефективни часа, кој не постои во ниту еден технички стандард и овозможува да се плаќа механизација дури и во услови кога нема би немало снег. Овој модел, како што истакна тој, ќе доведе до трошење на 40 милиони денари за неактивност.
Предвидената механизација е недоволна, исто како и количината на сол и не би издржала ни до половина зима“, велат од партијата Левица.
„Дополнителен проблем претставува и ангажманот на приватни фирми, кој е опишан без наведени имиња, цени или конкретни обврски, што претставува неприфатливо ниво на непрецизност за документ што треба да гарантира јавна безбедност, па оттука Програмата не нуди безбедност, туку претставува само декларативен текст.
Поради овие недостатоци, советничката група на Левица гласаше против програмата, оценувајќи ја како нелогична, паушална и ризична за граѓаните и буџетот на Град Скопје“, соопшти партијата Левица.
Македонија
„Филипче докажува секој ден дека само ги исполнува желбите на Заев, оваа политика значи крај за СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче воопшто не е заинтересиран ниту за партијата, уште помалку за граѓаните и државата. Филипче секој ден се интересира само за една работа, а тоа е како да ги задоволи желбите на Зоран Заев и како заедно со него да го минува времето во луксузни вили, јахти во соседството или во Дубаи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче да беше малку заинтересиран за јавното добро за почеток ќе направеше нешто добро за СДС, ќе започнеше со консолидирање на партијата, поставување на нови и квалитетни кадри. И доколку Филипче почнеше да прави нешто добро за партијата во државава ќе имаше здрава опозиција.
Филипче и Заев не се никакви партиски другари кои работат за добро на членството, на партијата, државата. Филипче и Заев се друштво заинтересирано за лични цели, па ја држат во заложништво и СДС.
Филипче покажа и докажа дека не сака силен СДС, туку сака само да му удоволува на Заев. Токму затоа се додека Филипче и Заев заедно ги влечат конците во СДС единствен резултат ќе бидат расипнички политики. Токму затоа оваа политика ќе значи крај за СДС“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Го турнале на земја, го удирале со клоци, го ограбиле, па се обиделе да му го скршат мобилниот телефон: eден осомничен за разбојништво во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 од Кривичниот законик.
Делото го извршил заедно со уште едно лице по кое се трага. На 15 ноември, спроти еден трговски центар во Скопје, двајцата следеле еден оштетен. Во еден момент осомничениот со тупаница го удрил оштетениот по главата, а другиот напаѓач му се заканил со боксирач.
Претурајќи по јакната на нападнатиот пронашле и одзеле 8.800 денари. Го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон, по што избегале.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 43-годишник.

