Топ
(Детално) Во пластично шише наполнила бензин и го запалила станот: мајката на убиецот во Хром сакала да ги скрие трагите од убиството

Основното јавно обвинителство Скопје постапува по кривична пријава во врска со настанот од 22 септември, кога по предизвикан пожар во стан на улицата „Исаија Маџовски“, беше пронајдено безживотно тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.
Доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.
По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.
Против осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството за него ќе предложи притвор како мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За неговата 59-годишна мајка, како соизвршител, поведена е истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен и е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скорие или уништи трагите од делото или дека ќе влијае врз сведоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Знам точно што правам, решив 6 војни за 6 месеци

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се пофали со своите мировни достигнувања пред денешните потенцијално клучни разговори за Украина.
„Знам точно што правам“, рече Трамп.
За време на неговиот втор мандат, Трамп постојано се претставуваше како „главен миротворец“, нагласувајќи ја својата улога во решавањето на светските конфликти. Во нова објава на социјалните мрежи, тој повторно се осврна на начинот на кој медиумите ја следат неговата администрација:
„Решив 6 војни за 6 месеци, од кои една се закануваше со нуклеарна катастрофа, а сепак морам да читам и слушам „Волстрит џурнал“ и многу други кои навистина немаат поим, велејќи ми дека правам сè погрешно во врска со руско-украинскиот неред“, напиша Трамп.
Во објавата, тој повторно го обвини претседателот Џо Бајден дека ја започнал војната во Украина.
„Наречете ме како сакате – мајстор миротворец, реалист, личност што размислува сама за себе – но јас точно знам што правам. Решив 6 војни за 6 месеци, една од нив можеше да заврши со нуклеарна катастрофа. Сепак, морам да читам и слушам „Волстрит џурнал“ и многу други кои навистина немаат поим, велејќи ми дека правам сè погрешно во врска со руско-украинскиот неред. Ова се сите истите луѓе кои тврдеа дека Бајден знае што прави. Погледнете каде нè одведе! Да не беше Бајден, никогаш немаше да има војна каква што има.“
Свет
Зеленски: Трамп има моќ да ја принуди Русија да склучи мир

Кога зборуваме за мир за една земја во Европа, тоа значи мир за цела Европа, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Подготвени сме да продолжиме да работиме со максимални напори за да се стави крај на војната и да се обезбеди сигурна безбедност. Ова се клучните прашања“, напиша Зеленски.
I thank @GeneralKellogg for the meeting and for the joint work with our team. President Trump invited Ukraine and other European countries to Washington today – this is the first meeting in such a format, and it is very serious.
When peace is discussed for one country in Europe,… pic.twitter.com/ZMZaIzAghD
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 18, 2025
Тој додаде дека разговарал за ситуацијата на бојното поле и за заедничките дипломатски можности на Украина, Европа и САД со американскиот генерал Кит Келог и Трамп.
„Русија може да биде принудена да склучи мир само со сила, а претседателот Трамп ја има таа сила. Мораме да направиме сè за да постигнеме мир“, рече украинскиот претседател.
Во истиот пост, тој се осврна на синоќешните руски напади. Според него, биле погодени градови каде што биле убиени две деца, додека десетици луѓе биле ранети. „Луѓето едноставно спиеле кога руската армија започнала напади“, напиша Зеленски.
Култура
Љутков од Слоештица: Меморијалната соба на Петре М. Андреевски не е запоставена, а ракописите се безбедно зачувани

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска ја посети Општина Демир Хисар, каде што оствари средба со градоначалникот Никола Најдовски и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион.
Во рамките на посетата, министерот ја разгледа меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна беше претставена во јавноста.
„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, изјави Љутков.
Министерот додаде дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, или пак да биде под Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка.
„Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации“, нагласи министерот.
Во текот на престојот во Демир Хисар, министерот ги посети и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ и Домот на културата „Илинден“ каде што е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“. Министерот Љутков престојот во Општина Демир Хисар го заокружи со посета на приватната библиотека „Ал-Би“ во с. Бабино и Слепченскиот манастир, кои се сведоштво за културната и духовна традиција на регионот