Економија
Ангел Анѓушев од Грин Машинс на Бизнис форум во Тирана: на команиите од регионот им треба државна поддршка за технолошки напредок и јавни набавки кои се транспарентни и конкурентни

Оперативниот директор на Грин Машинс, ќерка фирма на велешки БРАКО, Ангел Анѓушев, на бизнис форумот кој се одржа во Тирана во рамките на Берлинскиот процес, порача дека државите од Западен Балкан очекуваат економска помош и поддршка од ЕУ, но нагласи и дека самите земји треба да вложат во зајакнување на сопствениот економски сектор.
„Сите ние, властите и стопанството, во секоја од земјите, треба да погледнеме прво во нашата сопствена земја, што можеме ние самите да направиме за себе пред да погледнеме што ЕУ би можела да ни помогне.
Компании во регионот, немаат добра средина за раст, немаат доволно буџетска поддршка за инвестирање во технолошки напредни производи и постои реален недостаток на транспарентни и конкурентни процедури за јавни набавки од државните и локалните институции.
Да го дадеме приоритетот на локалниот развој и да создадеме погодна средина за раст токму овде во Западен Балкан“, потенцираше Анѓушев во своето излагање пред присутните министри за економија и финансии од регионот на Западен Балкан.
Во рамките на Берлинскиот процес, со кој оваа година претседава Република Албанија, Министерството за финансии и економија на земјата домаќин, заедно со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ), беа домаќини на бизнис форумот кој се одржа во Тирана и ги претстави достигнувањата и предизвиците на патот на регионот кон единствениот пазар на ЕУ.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени се 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.