Култура
Скопје пулсира во ритамот на културата, 19-тата „Бела ноќ“ ги наполни културните јадра
Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ се одржа изминатата сабота на повеќе од 18 локации во Скопје. Скопјани и посетителите имаа можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси.
Централната манифестација се одржа пред Порта „Македонија“, каде што скопјани уживаа во композициите од маестро Кире Костов, кои беа изведувани од Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од „Биг бендот“, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, и специјално визуелно шоу со 3Д на самата порта. Настанот го посетија илјадници граѓани, а ЈУ Универзална сала додели плакети за трајни вредности „Кире Костов“ на неговата фамилија, како и на Бобан Мирковски. Како претходница можеше да се чуе рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на класата ученици од 10 до 18 години.
На „Школка“ во Градскиот парк можеше да се чујат и видат: групата „Педро хоризонте“, „Стефан Петановски бенд“,„ Занаду бенд“, „Димиш бенд“ и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ беше поставена изложбата „Игри и мечтаења“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во Факултетот за драмски уметности се гледаа повеќе театарски престави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот Филип Втори граѓаните ужива во изведбите на македонските традиционални ора од повеќе културно-уметнички друштва.
Во Кинотеката на Македонија можеше да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во галеријата „Остен“ беше поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ. Во Капан ан беше прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ беше поставена изложбата „Култура во кутија на Доминиум културно јадро“. Во ноќниот клуб „Пјур“ се одржа последната вечер на „Скопје фешн фестивал“, каде што се прикажаа модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, Бошко и Цеце Т.
Програмата ја збогатија и културните институции со блескава програма: Културно-информативниот центар – Скопје, Детскиот културен центар „Карпош“, Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност, Библиотеката „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.
Настанот беше во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје, а е дел од богатата културна понуда на Град Скопје како европска престолнина на културата 2028.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски: Каледиоскоп од луѓе чии дела оставиле трага во нашата и светската музичка историја
Во просториите на Аудиокултура, на 25 ноември (понеделник) во 19.30 часот ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ (Press & Play) на Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години, за странски публикации, како All About Jazz и Vintage Cafe.
Таа е збирка од авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.
Самата книга е калеидоскоп од луѓе чии таленти, идеи и дела оставиле свој белег во Македонија и надвор од неа. Овие содржини ги испитуваат нивните амбиции и достигнувања, почнувајќи од инспирацијата со која создавале, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до избраните решенија како илустрации, дизајн, визуелизации.
Публикацијата се состои од рецензии на албуми, на концерти и на фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и Стринг Форсис, Љубојна и многу други, потоа на фестивали како Скопскиот џез-фестивал, „Офф-фест“ или на концерти на македонски изведувачи во држави како Србија, Хрватска, Грција, САД. Потоа, тука се критички осврти за видеоизданија, како и за книги од визуелните уметности, како „Џезтетика“ на Татјана Ранташа или „Cloud Arrangers“ на Жига Коритник.
„Press and Play“ ја прикажува македонската музичка сцена како уникатен спој од традиционални и современи елементи, културни влијанија и иновации. Преку рецензиите и текстовите, читателот добива увид во богатството и шаренилото на музичката култура во Македонија, како и во специфичните стилови и звуци кои ги прават македонските музичари препознатливи на глобално ниво. Со своите содржини, книгата претставува единствен извор на информации за македонската музичка култура, напишани на англиски јазик и платформа достапна за милиони читатели.
Книгата е дело на новинарот Ненад Георгиевски, кој е добитник на наградата за публицистика за 2023 г. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и е автор на уште 4 книги од областа на публицистиката („Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“, и „Ретки птици“). Издавач на книгата е Номад-Арт Скопје, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.
Култура
Изложба „Лузни на издржливост, гласови на надеж” на Мартина Спасовска
На 25. ноември (понеделник) во 19:30 часот во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата ,,Лузни на издржливост, гласови на надеж” на Мартина Спасовска.
Изложбата е во рамките на настанот „Шестнаесет дена активизам против родово базирано насилство”.
Ќе бидат претставени дела кои ќе бидат глас што ја истакнува важноста на прекинување на насилството и покренувањето на клучни прашања на оваа тема.
Настанот ќе има интерактивен карактер пропратен со дискусија, прикажување на кратки видеа и документарни филмови.
Дел од рецензијата на д-р Ана Франговска: Делото на Спасовска ја нагласува нераскинливата врска помеѓу личната наративна и колективната меморија, нагласувајќи едно пошироко женско искуство обликувано од општествените притисоци и внатрешните конфликти. Елементите кои го чинат проектот ги повикуваат гледачите да ги препознаат сопствените дамки (лузни, болки) во овие „текстови“ на издржливост, концепт подвлечен од феминистичката теоретска рамка на Хелен Сиксо, која вели дека пишувањето и изразувањето мора да се движат подалеку од ограничувањето на општествените очекувања за да го истражат „телото како интегрален медиум за кажување на нечија вистина.“ Делата на Спасовска, како симболи на издржливоста, може да се гледаат како феминистички текстови сами по себе – секој од нив означуваjќи артикулација на преживување, глас што се издигнува против замолчувачкиот ефект на траумата.
Мартина Спасовска е млада визуелна уметница, дипломирана на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2023), насока сликарство. Нејзините дела вклучуваат длабоки наративи кои ги истражуваат емоционалните и социјалните состојби на човекот. Спасовска ги користи сликарството и инсталациите како медиуми за создавање на емотивно интерактивни простори, кои го предизвикуваат гледачот да се соочи со сопствената ранливост и моќ на заздравување. Нејзината практика е насочена кон отворање на прашања, предизвикување емпатија и промени во свеста кои водат до потенцијал за лична и општествена трансформација. Таа има учествувано на изложби во Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Австрија, Грција, Косово и Туркије. Самостојно се претставила со изложбите „Гласна Тишина“ (2023) во Младинскиот културен центар во Скопје и „Прегрнати лузни“ (2024) во Центарот за современи уметности во Скопје.
Кампањата се одбележува под покровителство на семејството агенции на Обединетите нации во соработка со своите партнери Делегација на Европската Унија во Северна Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, УСАИД – Агенција за меѓународен развој на САД и многу други. Целта на кампањата на глобално и регионално ниво е да ја подигне општествената свест во борбата за спречување на родово базираното насилство.
Култура
Сиљановска-Давкова прими претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.
На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите.