Култура
Отворање на изложбата „Небоглед“ во МКЦ на Татјана Ристовска и Борче Богоевски
„Небоглед“ е насловот на заедничката изложба на Татјана Ристовска и Борче Богоевски, каде што ќе го претстават својот најнов концепт, материјализиран во дела изработени во разни медиуми, слики и скулптури. Структурата на сите ликовни елементи, кои ја градат идејата во заедничкиот проект во себе, содржи една поврзувачка природа, и тоа на начин каде што се сретнуваат дијалектичките процеси на разните искуства на авторите преточени во едно универзално искуство.
Тие искуства и разни сензибилитети преку ликовниот израз имаат намера да визуализираат сегментирани внатрешни духовни содржини испреплетени помеѓу уметноста и животот, личното и општото, помеѓу сеќавањата, доживувањата и емоциите.
Татјана Ристовска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2007 година, на педагошкиот отсек, насока вајарство, во класата на проф. Станко Павлески, каде што добила награда за најдобар студент на генерацијата 2001-2005 година на Факултетот за ликовни уметности, педагошки оддел. За време на студиите работела како студент демонстратор по вајарство на педагошкиот оддел при Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2009 година е една од основачите на уметничката група и уметнички простор Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. во Скопје. Во 2012 во соработка со шест колешки ја основа уметничката група МОМИ, со која реализираат голем број изложби. Во нејзиниот творечки опус има учествувано на многубројни групни и две самостојни изложби, меѓу кои позначајни се: „Отсликани дистанци“, Центар за современи уметности, Куршумли ан, Скопје (2007), Множество Божество Рождество, Белград, Србија (2013), Табу, Сплит, Хрватска(2013), Resist What?, Загреб, Хрватска(2014); „Нест“, Музеј на град Скопје (Графичко студио), Скопје (2018).
Во 2013, заедно со Борче Богоевски, е основач на брендот КЕРАКАМИКА и истоименото студио за изработка на керамички уметнички предмети и производи, каде што редовно одржува работилници за деца и возрасни од областа на керамиката.
Борче Богоевски е роден 1981 година во Скопје. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, насока конзервација и реставрација, во класата на проф. м-р Благоја Маневски. Тој е еден од основачите на уметничката група и уметнички простор Art I.N.S.T.I.T.U. Скопје (2009-2011), каде што учествува во два проекта: „Обид 0“ Културен центар АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. Скопје 2009. Let`s Fuck Them With Purple, Културен центар АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. 2009 Скопје. Во 2017 година станува член на Друштвото на ликовните уметници во Македонија. Неговите дела се претставувани на многубројни групни и на шест самостојни изложби, како што се: 2023 – „Небоглед“ – МКЦ Младински културен центар – Скопје – куратор Горјан Ѓорѓиев, 2016 Ezotera Aesthetic – FLUX галерија Скопје, 2015 – „Хетимасијa“ – Галерија ФЛУ – Факултет за ликовни уметности Скопје, 2011 – „Девет порти“ – Музеј на град Скопје, 2008 – „Глас на хоризонтот“ – Музеј на град Скопје, 2006 – „Континуитет во ритам“ – Младински културен центар – Скопјe.
Во неговата уметничка практика инкорпорира длабоки езотериски кодови преку чија визуализација ни ја доближува својата постојана потрага по вистинската суштина на постоењето. Работи во повеќе сликарски техники и медиуми.
Отворањето на изложбата е закажано за 2 октомври (во Галеријата МКЦ во 20 часот, а ќе биде отворена за посетителите до 16 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура
Скопје следниов период станува побогато со нова низа книжевни, музички, театарски и мултимедијални настани.
Почнува „Видик“ – нов фестивал, кој ќе се одржува од 16 мај до 16 јуни, во организација на „Литература.мк“.
Цел месец ќе уживаме во убава и динамична атмосфера во амбиентот на „Литература.мк“, која ќе комбинира литературни промоции, изложби, концерти и театарски изведби и ќе ги задоволи разновидните вкусови и интереси.
Прегледајте ја целата програма и придружете ни се!
ПР
Култура
Македонка Божиновска е лауреат за „Антево слово“ за 2024 година
Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia), во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), годинава седми пат ја доделува наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ („Антево слово3), специјална награда на фестивалот утврдена во чест на великанот на македонската поезија – Анте Поповски.
Меѓу учесниците, освен поети од Македонија, имаше автори и од Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар, а во поширокиот избор влегоа: Ристо Маџунков, Ана Бунтевска, Дарко Лешоски, Соња Карбева, Милчо Мисоски, Елизабета Дончевка-Лушин, Љубица Шопова, Јулијана Младеновска-Тешија, Елизабета Бандиловска, Маја Апостолова, Ирена Павлова де Одорико и Марија Чокалова.
Жири-комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по пристигнати стотина песни, едногласно одлучи да ѝ ја додели првата награда на Македонка Божиновска за песната „Криенка“.
1. Македонка Божиновска – КРИЕНКА
2. Милена Сиљаноска – АКО ИМАМ УШТЕ ЕДЕН ЧАС СО ТЕБЕ
Александра Спасеска – „ИМАЛО ДЕНОВИ
3. Рекија Фебио (Италија) – ЌЕ ЧЕКОРИШ
Антева Темјана (псевдоним) – ОРЕВОТ
Млад автор:
Васја Мицковски – ЗА ПЛАШЛИВИТЕ
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во својата кратка, но ефектна песна „Криенка“, Македонка Божиновска ни ја открива целата филозофија на човекувањето. Симплифицирана во изразот, со само неколку слики од детството, ни открива панорама на сеќавања, колективна носталгија, но и суштински светоглед, кој ја одразува длабочината на авторското восприемање на реалноста.
Првата строфа е блескава слика на актуелната состојба на современиот човек, неговиот зазор од Другиот и обидот да се скрие во својата лушпа. Но, дури и кога мисли дека нашол добар заслон, сепак сенката го издава и останува видлив и изложен во светот. Издигнувајќи се над другите во животот, освојувајќи високо место во хиерархијата на она што го нарекуваме успех, човекот сфаќа дека и покрај достигнатите височини, останува „најдолу од сите созданија“.
Стихови што говорат за минливоста, за непостојноста, невидливоста и за кревкоста на единката, преиспитувањето на индивидуална позиционираност во системот на животните вредности. И тоа е мигот кога човек би требало да сфати дека секој од нас е само капка во морето на животот и дека вистинскиот успех се мери со нешто друго – со загледувањето во себе и со победа над возгордеаноста и над потребата за издвојување. Само во дослух со своето божествено битие сме вистински заштитени од злините на светот и само од него можеме да црпиме сили за да ги надвиеме нив и да ги прифатиме различностите. А вистинското издигнување е можно само преку сознанието (росната капка), кое е способно да ни го исчисти и избистри духот за вистинско човекување, за слевање со сите созданија на светот.
Култура
Втор концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ во Македонската филхармонија
По распродавањето на првиот концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ по повод 20 години од издавањето на aлбумот „Трета мајка“, закажан е и втор концерт за сите оние што не успеаја да набават влезници, и тоа на 2 јуни, во Македонската филхармонија, со почеток од 20.30 часот, објави организаторот.
На 1 и 2 јуни македонската публика ќе има ексклузивна шанса по навистина долго време, во интимна атмосфера како онаа во Македонската филхармонија, да ужива во изведбата на албумот „Трета мајка“, „Крушево“ и сето друго што го имаат подготвено големите мајстори на гитарата, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
Воедно, ексклузивно во Македонската филхармонија на 1 и 2 јуни ќе имате и ексклузивна шанса да си го купите својот примерок од изданието „Трета мајка“ на винил, потпишано од страна на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ!
Влезниците за вториот концерт ќе бидат пуштени во продажба од среда (15 мај) во 9 наутро онлајн на ticketx и во продажната мрежа на ticketx во Македонија по цена од 1.500 и 1.990 денари.